Над 400 луѓе биле приведени во Русија додека му оддаваа почит на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој почина во оддалечена казнена колонија на Арктикот. Ненадејната смрт на 47-годишниот Навални беше катастрофален удар за многу Руси и предизвика реакции на глобално ниво. Тој остана гласен во своите немилосрдни критики за Кремљ дури и откако преживеа труење со нервен агенс и доби повеќекратни затворски казни.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Сточарството во криза: Тони храна од увоз, производството е заборавено
Македонија полека ја губи својата клучна аграрна гранка. Во последната деценија се забележува драстично опаѓање на добиточниот фонд, особено кај овците, козите и говедата, кое е проследено и со намалување на бројот на фарми. Високите трошоци, климатските промени, конкуренцијата од увезените производи и ниските откупни цени се дел од предизвиците на македонските сточари.
Еден од главните фактори што влијаат на моменталната состојба во сточарството е социоекономскиот аспект, кој се манифестира со намалување на руралната популација, а со тоа и на работната сила во сточарството. Миграцијата село-град, пак, не дава надеж дека во скоро време оваа состојба ќе се промени на подобро, велат експертите за „Блумберг Адрија“.
ББА-анализа: Време е за фокус кон сточна храна за живина
Цените на житарките и маслодајните семиња зазедоа централно место во 2022 година и во првата половина на 2023 година поради ограничениот извоз преку Црно Море и намаленото производство во Украина, констатираат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата регионална анализа на пазарот на сточна храна објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.
„По стабилизацијата на пазарот, жетвата беше силна минатата година, што заедно со ветувачките очекувања во 2024 година сугерира дека цените на житарките и маслодајните семиња и понатаму ќе паѓаат“, велат аналитичарите.
Десет најдобри земји за градење семејно богатство
Најдобрата земја за изградба на повеќегенерациско богатство е Швајцарија. Алпската нација нуди најдобри можности во светот за семејствата кои сакаат да се преселат и да имаат пристап до највисоките заработувачки и најдобри изгледи за кариера за себе и за нивните деца, според новиот индекс на „Хенли енд Партнерс“ (Henley & Partners), советодавна фирма за државјанства. На второто и третото место се најдоа САД и Сингапур.
Швајцарија има стапка на невработеност од два проценти и е дом на седум од најдобрите 250 универзитети во светот, според истражувањето, што ја прави премиум дестинација за семејствата кои сакаат да изградат богатство и да обезбедат добра кариера за своите деца. САД, исто така, обезбедуваат одлични можности за вработување и неспоредливо образование со 46 од најдобрите светски универзитети.
Дали знаете што е „шерентинг“ и кои се неговите ризици?
Социјалните мрежи во голема мера го олеснија начинот на комуникација. Додека од една страна ни олеснуваат да одржуваме контакт со семејството и пријателите кои се далеку, од друга страна тие длабоко го променија начинот на кој го правиме тоа. И наместо да им се јавуваме на пријателите и семејството како во минатото за да споделиме добри или лоши вести со нив, денес тоа го правиме со објавување на социјалните мрежи. Споделувањето фотографии од патувања, од ресторани, прослави, приватни и деловни успеси е секојдневната рутина на многу корисници на овие мрежи.
Тоа влијае и на родителството. Една од карактеристиките на современото родителство е таканареченото „шерентинг“ (од англискиот sharenting, кованица која произлегува од зборовите sharing и parenting односно споделување и родителство), што е термин кој се однесува на споделување фотографии од деца на социјалните мрежи.
Хрватска компанија прва во ЕУ лансира мобилна соларна станица за полнење на е-возила
Загрепската компанија „Браварија Иваниќ“ ја произведе првата автономна мобилна соларна станица за полнење на електрични возила (ЕВ) во Европската унија (ЕУ), а „Блумберг Адрија“ присуствуваше на ексклузивна презентација за партнери и инвеститори.
Во медиумите често се слуша дека лошата инфраструктура и недоволниот број станици за полнење го попречуваат преминот кон електрични возила. Така, „Ројтерс“ неодамна напиша дека речиси половина од 1.600 станици за полнење на е-возила на „Репсол“ (Repsol) во Шпанија не работат бидејќи немаат приклучок за струја. Вакви недостатоци има и во цела ЕУ, но иновацијата што ја осмисли хрватската компанија би можела барем донекаде да ги надмине овие проблеми.