Финска е прогласена за најсреќна земја во светот, и тоа седма година по ред, на глобалното рангирање за задоволство од животот, но падот на животниот стандард кај младите Американци значеше дека најголемата светска економија за првпат падна надвор од првите 20. Македонија се најде на 84-то место, а лани беше на 87-то место. Од сите во регионот Адрија, земјава има најнизок ранг, што значи дека ние сме најнесреќна нација меѓу овие земји.
Данска и Исланд останаа на второто и третото место, соодветно, во Извештајот за среќа во светот, објавен во средата од Мрежата за решенија за одржлив развој на Обединетите нации. САД паднаа на 23-то од 15-то место, што е „поттикнато од големиот пад на благосостојбата на Американците што имаат под 30 години“, се наведува во извештајот.
Списокот се прави врз основа на неколку фактори, а меѓу нив се бруто-домашниот производ, очекуваниот животен век, дали имате на кого да сметате, чувството на слобода, великодушноста и перцепциите за корупција. Но „самите рангирања се засноваат само на одговорите што луѓето ги даваат кога ќе се побара да го оценат својот живот“, се истакнува во студијата.
Помеѓу одредени возрасни групи, Литванија е на првото место во рангирањето за деца и лица под 30 години, додека Данска е најсреќната нација во светот за оние на 60 години и постари од таа возрасна граница.
Меѓу младите, Македонија е на 67-то место, додека кај старите на 98-то место. Изјавите на испитаниците покажале дека овде младите се посреќни, а старите се сè понесреќни.
„Кога се споредуваат генерациите, оние што се родени пред 1965 година се во просек посреќни од оние што се родени од 1980 година“, се наведува во извештајот. „Меѓу милениумците, процената на сопствениот живот опаѓа со секоја година од возраста, додека кај бумерите, задоволството од животот се зголемува со возраста“.
Милениумците се генерално луѓе родени помеѓу 1981 и 1996 година, додека оние родени по Втората светска војна до 1964 година се наречени бебибумери.
Севкупно, најголемите зголемувања на просечните резултати за евалуација на животот во текот на изминатата приближно една деценија се во Србија, која се искачи за 69 места и се рангира на 37-то место, и во Бугарија, која се искачи за 63 нивоа, на 81-то место. Латвија и Република Конго напредуваа по повеќе од 40 степени од 2013 година. Либан и Авганистан се на последното место, како и минатата година.
Резултатите се базираат на тригодишни просеци, намалувајќи го влијанието на промените во текот на една година. Не се испитуваат сите земји секоја година.