Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) последните години се соочува со критичен недостиг од квалификувани пилоти, ситуација која, според надлежните во институцијата, сериозно го загрозува функционирањето на институцијата и способноста да реагира во време на кризи.
Од тројца пилоти со кои располагаше Дирекцијата, оваа година остана само со еден пилот, бидејќи двајца исполниле услови за старосна пензија. Директорот на ДЗС, Беким Максути, посочува дека дополнителен предизвик ова лето ќе биде справувањето со шумските пожари, бидејќи минатата година во борбата со пожарите првпат по 2009 година биле ангажирани сите три авиони на ДЗС.
„Имавме тројца пилоти до крајот на 2023 година. На почетокот од оваа година, двајца заминаа во пензија и моментално имаме само еден пилот. Правиме напори, да видиме како може нив да ги задржиме, барем уште оваа година, сѐ со цел во меѓувреме да примиме нови пилоти, односно да распишеме нови огласи за пилоти, за кои веќе имаме согласност и чекаме да се завршат некои процедури за да може да го објавиме огласот“, вели Максути.
Доколку Владата не го сфати сериозно овој проблем, директорот вели дека се доведува до прашање и постоењето на авио-одделението во Дирекцијата за заштита и спасување.
„Доколку како раководство не си подадеме рака дека ова треба многу брзо и сериозно да го решиме, за кратко време ќе го доведеме во прашање и постоењето на авио-одделението во Дирекцијата за заштита и спасување, затоа што сепак Агенцијата за цивилно воздухопловство има свои критериуми што се врз основа на регулативите за пловидбеност на Европската асоцијација за цивилно воздухопловство (ЕАСА) и во таков случај ние ја губиме лиценцата за пловидбеност, а тоа значи дека нема да можеме да ги користиме и тие авиони што ги имаме“, истакнува Максути.
Примањето на пилоти не значи дека тие по автоматизам ќе можат да управуваат со „Ер Трактор“ (Air Tractor) авионите на ДЗС, туку истите треба да се упатат на дообучување во Шпанија или друга земја овластена од производителот, доколку, финансискиот дел за дообуката го покрива Дирекцијата.
Авионите што се користат во ДЗС важат за најкомплицираните за управување, посочува Максути, бидејќи потребни се вештини и дообука којашто има строги критериуми и затоа не може секој пилот да добие сертификат. Од пет пилоти кои биле примени изминативе неколку години во Дирекцијата, само еден успеал да ја заврши дообуката и да добие сертификат за управување со „Ер Трактор“.
„Минатата година изгубивме уште двајца пилоти кои не положија, односно не ги исполнија критериумите што беа побарани, без разлика што двајцата се искусни пилоти и летале со други авиони многу долго, но кога се работи за ваков тип на летало, сепак е предизвик“, вели Максути.
Во врска со критериумите што треба да се исполнат за да се стане пилот во Дирекцијата за заштита и спасување, директорот појаснува дека потребни се најмалку 500 часови летање, како и сертификат, за кој земјава има оператор кој го дава, меѓутоа посочува дека слаб е интересот за добивање на овој сертификат.