Најголемите антивладини протести во Иран во последните години ескалираа во петокот вечерта, предизвикувајќи стравувања за бројот на загинати додека властите се обидуваат да ги сузбијат демонстрациите.
Социјалните мрежи, и покрај ограничувањата на интернетот и телекомуникациите, објавуваат снимки од стотици илјади луѓе кои маршираат и скандираат анти-режимски слогани. Во некои видеа се гледаат тела прекриени со крв, а дел од демонстрантите се постари лица.
Од посебни видеоснимки од Фардиc, град околу 50 километри западно од Техеран, се гледаат најмалку седум тела во една зграда, додека луѓе се обидуваат да им помогнат на повредените. Според изјави во снимките, најмалку 10 лица биле убиени со огнено оружје, но овие информации не можат да бидат независно потврдени.
Прочитај повеќе
Трамп: Америка ќе ги брани иранските демонстранти
Претседателот Доналд Трамп вети дека САД ќе им излезат во помош на иранските демонстранти доколку бидат нападнати од властите на Исламската Република.
02.01.2026
Американската организација ХРАНА (Human Rights Activists News Agency) соопшти дека од почетокот на протестите на 28 декември, кога трговците во Техеран излегоа на улиците поради валутната криза и влошените услови за живот, загинале најмалку 65 лица, а 2.311 биле уапсени. Додека протестите се шират низ целата земја, 38 од жртвите биле идентификувани во провинциите Чахармахал и Бахтиари, Илам, Керманшах и Фарс. „Тајм“ (Time) известува за најмалку 217 загинати демонстранти, најчесто од огнено оружје, според лекар во Техеран.
Протестите се поттикнати и од повикот на Реза Пахлави, син на поранешниот шах на Иран, кој сега е во егзил, а се позиционира како опозициски лидер. Тој ги повика демонстрантите повторно да излезат на улиците и да се подготват за заземање на централните градски области. „Нашата цел повеќе не е само да излегуваме на улиците. Целта е да се подготвиме да ја заземеме централата на градовите и да ја задржиме,“ изјави 65-годишниот Пахлави.
(Последниот шах на Иран владеел од 1941 до 1979 година. Тој спроведувал модернизација и западни реформи, но неговата влада била критикувана за репресија и слаб третман на политичките противници. По масовни протести и растечки револт, шахот бил симнат од власт во 1979 година и заминал во егзил, а Исламската Република на ајатолах Хамнеи ја презела власта.)
Државната телевизија на Иран го минимизираше обемот на протестите, тврдејќи дека безбедносните сили претежно ги задржале демонстрациите и ги опишаа учесниците како „вооружени терористи“. Иранските власти сè уште не објавиле официјален број на загинати меѓу демонстрантите или безбедносните сили. Некои државни медиуми известуваат за најмалку 12 загинати полицајци и членови на волонтерската милиција, додека агенцијата „Тасним“ наведува дека „вооружените терористи“ убиле „неколку“ полицајци.
Насилство избувна и во Захедан, град со сунитско мнозинство на југозападот на Иран, каде безбедносните сили отвориле оган по петочните молитви, повредувајќи неколку демонстранти, соопшти Норвешката организација за човекови права „Хенгав“ (Hengaw).
Демонстрантите скандираа слогани како „Смрт за диктаторот“, „Ниту Газа, ниту Либан, мојот живот за Иран“ и „Ова е годината на крв; Сејед Али ќе биде соборен“, алудирајќи на врховниот лидер на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи. На улиците се гледаа и знамиња со „лав и сонце“, поранешниот државен амблем укинат по исламската револуција во 1979 година.