На пет компании им биле побарани над 100 000 евра, а на други од кои исто така се барале пари од 1.000 до 10.000 евра, покажуваат резултатите од анкетата што ја спроведе Стопанската комора на Македонија за минатата година. Од некои компании пак, што учествувале на тендер, се барале шест до десет отсто од износот на тендерот. Вкупно 61 отсто од фирмите се соочиле со корупција два до пет пати во текот на годината. Притоа, ниту едно коруптивно барање не е пријавено во постапка на Јавното обвинителство, покажа истражувањето.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои се важни за денеска
Март како Аладин: Колку ќе нè чинат платите на јавниот сектор в година?
Во јули 2023 година и тогашната влада и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) соопштија дека е исправена историска неправда со потпишувањето на новиот општ колективен договор за јавниот сектор. Тој беше резултат на 15 годишни преговори, штрајкови и протести.
Најважните делови од општиот колективен договор за јавниот сектор допрва треба да се реализираат. До крајот на годината платите треба уште еднаш, овој пат поблаго, да се зголемат, ќе се зголеми и К-15, а се определуваат и нови надоместоци и зголемени додатоци. Буџетот пак за следната година ќе треба да содржи пари за значително зголемување на платите во јавниот сектор.
Зошто производството на чипови стана нова трка за вооружување
Производството на полупроводници отсекогаш било исклучително сложена битка со високи влогови за корпорациските гиганти. Сега и владите се впуштаат во играта. Овие клучни мали парчиња технологија – познати како интегрирани кола, или повообичаено само чипови – можеби се најмалите, но најкомплексните производи некогаш направени.
Бидејќи се толку тешки и скапи за производство, всушност има глобална зависност од само неколку компании, зависност што стана многу поизразена поради недостигот за време на пандемијата. Пристапот до чипови, исто така, стана геополитичко оружје, при што САД ги заостри извозните ограничувања на Кина за да го ограничат подемот на нејзиниот економски ривал.
Двоцифрениот пад на акциите на „Енвидија“ ги загрижува аналитичарите и пазарите
Тридневниот пад од 430 милијарди долари на акциите на „Енвидија“ ги натера трговците да се свртат кон техничка анализа за да дознаат каде може да заврши.
Акциите паднаа за 13 отсто откако минатата недела компанијата накратко го престигна „Мајкрософт“ како највредна компанија во светот. Тоа ги турна акциите на „Енвидија“ во техничка корекција за првпат од април. Според Баф Дормајер, главен технички аналитичар во „Кингсвју партнерс“, остриот пресврт вклучи некои знаци на забавување.
Со биокожа од комбуха македонски студентки ќе го освојуваат регионот
Македонските студентки Ангелина Серафимовска, Бисера Поповска и Надица Десанова создадоа биокожа од комбуха, за која тврдат дека има потенцијал за широка примена во повеќе индустрии. Нивната љубов кон природата и општеството, а особено кон животните, ги натерала да создадат одржлив материјал, за кој велат дека ја спојува традиционалната медицина со модерната наука.
Нивната цел е да овозможат одржлива и еколошка алтернатива на традиционалната кожа, која ќе придонесе за намалување на отпадот и за подобрување на животната средина.
Кина наметна необична обврска за патниците во авионите
Кинеското министерство за државна безбедност ги предупреди патниците да не ги креваат капаците на прозорците во авионите за време на полетување и слетување на аеродромите што ги користат и цивилната и воената авијација, потег што се коси со практиките за безбедност на воздухопловството.
Предупредувањето, издадено во понеделникот преку платформата Вичет (WeChat), има цел да го ограничи протекувањето чувствителни воени информации преку фотографии и видеа направени од патници за време на полетување или слетување на аеродроми со двојна употреба, објави „Саут Чајна морнинг пост“ (South China Morning Post).