Најновиот бран на технологија за вештачка интелигенција може да го имитира речиси сечиј глас - претседател, роднина или клиент на банка. Тоа претставува проблем и можност со кои се справува стартапот за аудиотехнологија „Пиндроп“. Компанијата долго време обезбедува услуги за проверка на говорна автентичност за банки и осигурителни компании.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Паѓа продажбата на електрични возила во Македонија: А царините за кинеските?
Европската Унија на 12 јуни објави нови привремени давачки за кинеските електрични возила (ЕВ), при што висината на царините ќе се заснова на процените за тоа колкава државна поддршка добива извозникот на ЕВ. Новите тарифи следуваат од повеќемесечната истрага за употребата на финансиските субвенции од страна на Кина и тие ќе бидат наметнати покрај царината од 10 отсто што веќе е во сила во ЕУ.
Германските производители на автомобили силно се противат на новите тарифи и ја советуваат Европската комисија без одложување да најде решение преку преговори со Кина. Според неодамнешното соопштение на Германското здружение на автомобилската индустрија, германската автомобилска индустрија не очекува кинеските ЕВ да го преплават европскиот пазар.
Сите факти за Телеграм чиј директор беше уапсен во Франција
Без разлика дали станува збор за ширење теории на заговор или организирање немири, апликацијата за пораки Телеграм стана жариште на екстремистичката активност на интернет. Сервисот, кој беше отворен во 2013 година, е една од најсимнуваните апликации во светот. Во неговата основа тоа е сервис за приватни разговори, што во текот на времето стана слободен простор за отворена дискусија во земји со авторитарни режими.
Но релативно лесниот пристап за модерирање на содржините значи дека оваа апликација сега е главна цел за владите што се обидуваат да ги запрат криминалните активности и ширењето дезинформации што можат да ги дестабилизираат општествата. На 24 август француските власти го уапсија главниот извршен директор Павел Дуров поради тоа што наводно не презел чекори за спречување на криминалната употреба на Телеграм. Сè уште нема јавно објаснување за апсењето. Компанијата, пак, соопшти дека ги почитува европските закони.
Геополитичките ризици го вивнаа профитот на чешки производител на дронови
Чешкиот производител на беспилотни летала „Примоко“ (Primoco UAV SE) објави рекорден полугодишен профит откако зголемените трошоци за одбрана на глобално ниво ја поттикнаа побарувачката. Неговите акции пораснаа. Компанијата со седиште во Прага има корист од порастот на трошоците за безбедност, поттикнати од руската инвазија на Украина, конфликтот на Блискиот Исток и глобалните геополитички тензии.
Нето-приходот за периодот јануари-јуни скокна за 81 процент од претходната година на 121 милион круни (5,4 милиони долари), додека заработката пред камати, даноци, депрецијација и амортизација се зголеми за 128 проценти на 157 милиони круни, соопшти „Примоко“.
Лондонци сè повеќе купуваат куќи подалеку од главниот град
Сè повеќе лондонци купуваат домови подалеку од главниот град во обид да добијат поголема вредност односно подобри услови за вложените пари. Граѓаните што се иселувале во просек купувале дом на рекордни 39 милји надвор од градот помеѓу јануари и јуни годинава според извештајот на брокерската куќа „Хемптонс интернешнл“. Тоа е шест милји подалеку отколку во 2019 година и 65 проценти повеќе отколку типичните купувачи што првпат купувале недвижност.
Домаќинствата во Обединетото Кралство се соочуваат со мешавина на притисок од трошоците предизвикани од повисоките каматни стапки и трошоците за живот. Додека стапките на станбените заеми постојано се намалуваат од 15-годишниот максимум што го достигнаа во 2023 година, бројот на имоти под хипотека во Обединетото Кралство се зголеми за осум проценти во вториот квартал од годинава.
Австралијците можат да ги игнорираат работните повици и мејлови по работното време
Австралијците сега можат легално да ги игнорираат неразумните повици од работа и мејл-пораките по завршувањето на работното време според новото владино законодавство, кое стапи во сила денеска, предизвикувајќи критики од деловните групи.
Според законите, работодавците се соочуваат со казни до 93.000 австралиски долари (63.000 американски долари) за стапување во контакт со вработен од несуштински причини надвор од работното време. Австралија ги следи нациите како Франција, Шпанија и Белгија во воведувањето на законите за право на исклучување за да се заштитат работниците од неразумен контакт надвор од работното време, додека другите влади низ светот размислуваат за слични мерки.