Ова лето беше најжешкото досега на северната хемисфера, ставајќи ја Земјата на патека за уште една година што ќе собори рекорд.
Службата за климатски промени „Коперник“ на Европската Унија објави дека од јуни до август глобалните температури биле 0,69 Целзиусови степени над историските просеци, надминувајќи го претходниот максимум поставен минатата година. Рекордот за највисока просечна температура во светот беше соборен во неколку дена во текот на летото.
Климатските промени ги зголемуваат фреквенцијата и интензитетот на топлотните бранови, предизвикувајќи екстремни временски непогоди, од суши и шумски пожари до моќни бури и поплави. Во текот на изминатите 12 месеци просечната глобална температура беше за 1,64 Целзиусов степен повисока од прединдустриските нивоа, над прагот од 1,5 Целзиусов степен што креаторите на политиката и научниците велат дека би го загрозил животот на планетата.
Во Европа, според „Коперник“, топлината во периодот од јуни до август била 1,54 Целзиусов степен над просекот од 1991 до 2020 година. Најекстремните услови се забележани во регионот на Медитеранот и Источна Европа, додека Велика Британија, Исланд, делови од Ирска, западниот брег на Португалија и јужна Норвешка беа поладни од нормата.
Светот го имаше најжешкото лето досега
Низ светот зголемените температури ги тестираат границите на човечкото тело, претставуваат закани, па дури предизвикуваат и смртни случаи на активности на отворено, како што се концерти, спортски настани и верски собири. Повеќе од 1.300 луѓе загинаа за време на аџилакот во Саудиска Арабија во јуни, откако температурите достигнаа 52 Целзиусови степена. Оваа година имаше смртни случаи поврзани со жештина во повеќе држави, вклучувајќи ги САД, Тајланд, Индија и Мексико.
Кинеската метеоролошка управа соопшти дека земјата го имала најжешкото лето од почетокот на евиденцијата во 1961 година, со жештина што ги изгорела земјоделските култури од ориз до пченка. Американските градови исто така доживеаја историски високи температури, а Њујорк ги откажа приградските возови поради прегревање на шините. Делови од јужната хемисфера имаа многу топла зима, при што Австралија го доживеа најтоплиот август од почетокот на мерењата во 1910 година и очекува потопла пролет од просечната.
Летово ефектите од силниот временски феномен Ел Нињо, кој предизвикува затоплување во Тихи Океан, почнаа да му отстапуваат место на феноменот Ла Ниња. Оваа промена обично значи помалку екстремна топлина, но може да донесе и суши во некои области и да предизвика поплави и урагани на други места.