Владата избра да се задолжи со заем од Унгарија, а не со издавање еврообврзница заради пониската камата и заштедата по тој основ, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која вчера во Будимпешта го потпиша Договорот за заем со унгарската „Експорт-импорт банка“.
Неделава ќе „легнат“ 500 милиони евра за буџетска поддршка, локален развој, како и за поддршка на економијата за да се поттикне поголем раст. Заемот, како што истакна министерката, се обезбедува по поволни услови, со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од три години и каматна стапка од 3,25 проценти.
Добро утро, следуваат вестите што се важни да ги знаете на почетокот од денот.
Државното земјиште како државна тајна
Во наредниот месец ќе се одржат 31 аукција за продажба на државно градежно земјиште. Според системот за ЗЕЛС, намената на земјиштето е за изградба на куќи за домување. Почетната цена на парцелите изнесува 61 денар за квадратен метар, освен за изградба на згради во Неготино, каде што аукцијата ќе почне од 680 денари за квадрат.
Но се чини дека ниту една институција нема јасни податоци за тоа колку градежно земјиште во државна сопственост било продадено лани. Од 2017 година градежното земјиште е во надлежност на општините, кои не ги информираат граѓаните за реализираните продажби.
Кои македонски компании остваруваат најголема добивка по вработен?
Градежните компании во Македонија лани оствариле годишна нето-добивка по вработен од 500.000 денари (8.130 евра), што го става градежништвото на врвот на листата дејности рангирани по овој показател и над просекот за целокупниот корпоративен сектор, каде што лани нето-добивката по вработен изнесувала 300.000 денари (4.878 евра), покажуваат податоците на Народната банка. „Блумберг Адрија“ анализираше, а вие прочитајте тука.
Сѐ помалку домашни студенти во Македонија, а сѐ повеќе странски
Паѓа бројот на домашни студенти на македонските универзитети, но затоа од година на година расте бројот на странските. Според податоците на државната статистика, бројот на домашни бруцоши е помал за 30 отсто за една декада, а на странските поголем за 60 отсто.
Ама државата не знае колку деца ѝ студираат надвор. Од Министерството за образование немаат прецизни податоци за тоа колку вкупно македонски граѓани одат на студии во странство и во кои земји. Ние анализиравме кои се најпривлечни држави за нашите студенти и од каде се странците што доаѓаат кај нас на едукација.
Таткото на вештачката интелигенција меѓу добитниците на Нобеловата награда
Еден од највлијателните академици во областа на вештачката интелигенција, Џефри Е. Хинтон, е награден со Нобеловата награда за физика за неговата работа на обука на вештачки невронски мрежи и поставување на темелите за денешните апликации за машинско учење.
Нивната работа започна во 1980-тите години, поставувајќи ја основата за сегашниот бум на вештачката интелигенција, овозможен од експлозијата на компјутерската моќ и огромните количества на податоци за обука. Сепак, Хинтон во последниве години предупредува за опасноста од премногу моќна вештачка интелигенција.
Премиерлигата ги отфрла спонзорствата од коцкарници, криптото влегува на голема врата
Навлегувањето пари од криптосекторот во англискиот фудбал продолжува, обезбедувајќи нови средства за клубовите додека регулативите против спонзорствата од коцкање се заоструваат, што е клучен извор на приходи, кој наскоро ќе исчезне.
Криптофирмите потрошиле рекордни речиси 130 милиони фунти (170 милиони долари) на договори за сезоната 2024/2025 во Премиерлигата, според агенцијата за спортски спонзорства „Спортквејк“ (SportQuake). Се очекува дека оваа сума веројатно ќе се зголеми во текот на сезоната.