БИЗНИС
„Гугл“ го разделува бизнисот?
Американското министерство за правда побара од федералниот суд да го принуди „Гугл“ да го расцепка својот бизнис, во обид да ја ублажи штетата предизвикана од монополот на пазарот за онлајн пребарување. Во поднесокот на судот, антимонополските власти исто така наведуваат дека американскиот окружен судија Амит Мехта може да му нареди на „Гугл“ да обезбеди пристап до основните податоци што ги користи за создавање резултати при пребарување и производи со вештачка интелигенција.
Американското министерство за правда „разгледува поправни и структурни мерки што би го спречиле 'Гугл' да користи производи како Хром, Плеј и Андроид за да стекне предност во пребарувањето на Гугл“.
ПОЛИТИКА
Израел
Посетата на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на Америка е одложена, соопшти портпаролот на Пентагон. Имено, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одлучи министерот за одбрана да не патува на средбата со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, освен ако најпрво не се состане безбедносниот кабинет за да се договори план за Иран.
Нетанјаху исто така сака прво да разговараат тој и американскиот претседател Џо Бајден, пред разговорите на ниво на министри за одбрана, рече неименуван израелски претставник.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат претежно во минус. Европските берзи вчерашното тргување го завршија со загуби, откако Кина реши да ѝ возврати на Европа кога станува збор за царините и воведе царини за европските жестоки пијалаци.
Денеска нема да бидат објавени многу статистички податоци, а Германија ќе извести за надворешнотрговскиот биланс. Дополнително, пазарите ќе го следат и говорот на потпретседателот на Надзорниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ), Френк Елдерсон, иако мали се шансите тој да испрати некои подиректни најави за монетарната политика на централната монетарна институција на еврозоната.
САД
Фјучерсите на американските акции исто така се тргуваат во црвено пред објавувањето на записникот од последниот состанок на Федералните резерви (Фед). Потсетуваме дека американските акции го затворија вчерашното тргување во зелено, а во однос на добивките предничи технолошкиот сектор.
Од друга страна, инвеститорите продолжуваат да ги анализираат изјавите на претставници на Фед. Така, претседателот на филијалата на Фед во Атланта, Рафаел Бостик, изјави дека, иако инфлаторните ризици се намалени, заканите за пазарот на трудот растат. Од друга страна, неговата колешка од Бостон, Сузан Колинс, вели дека Фед треба да биде внимателен во намалувањето на каматните стапки и треба да се потпре на податоците.
Монетарната политика на Фед ја коментираше и првиот човек на „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase), Џејми Дајмон. Тој вели дека Федералните резерви донеле добра одлука кога минатиот месец ја намалиле референтната каматна стапка за 50 базични поени, но повторно предупреди дека инфлаторните сили остануваат.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие се тргуваат мешано. Кинеските акции го предводат патот во загубите, бидејќи инвеститорите продолжуваат да ги анализираат слабите економски податоци и отсуството на посилни стимулации за економијата. Така, референтниот индекс CSI 300 падна за цели 7,4 отсто, што претставува најголем пад од 2020 година.
За сериозноста на ситуацијата се свесни и кинеските власти, па Државниот информативен совет најави дека в сабота ќе се одржи прес-конференција на која министерот за финансии Лан Фоан ќе ги објави мерките на фискалната политика што ќе го промовираат економскиот раст.
Нафта
Цената на нафтата се стабилизира по претходниот пад, а инвеститорите го насочија вниманието кон Кина како еден од најголемите потрошувачи и увозници на нафта во светот.
Покрај следењето на официјалните лица и нивните говори за економскиот раст и на новите фискални мерки, пазарите ги следеа и случувањата на Блискиот Исток, каде што конфликтот во Појасот Газа во понеделникот ја одбележи првата година од неговото траење по новата ескалација.
Пред отворањето на европските берзи, брентот за декември се тргуваше по цена од 77,82 долари за барел, што е скок од 0,83 отсто во однос на претходниот ден. Фјучерсите на ВТИ (WTI) за ноември поскапеа за 0,77 отсто, а еден барел чинеше 74,14 долари.