Земјите од ОПЕК+ се согласија за уште едно зголемување на производството на нафта за септември, со што групата се движи кон враќање на својот удел на глобалните пазари на сурова нафта. Саудиска Арабија и нејзините партнери се согласија на видеоконференција за додавање на околу 548.000 барели дневно следниот месец. Одлуката од неделата доаѓа во време кога претседателот на САД, Доналд Трамп го интензивира дипломатскиот притисок врз Русија. Трамп ѝ се закани на Москва со секундарни тарифи за нејзините клиенти на нафта, освен ако нема брз прекин на огнот во војната во Украина.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Крупни чекори за поголема сајбер безбедност - кои се обврските на институциите и фирмите?
Македонија конечно започна крупни чекори кон зголемување на сајбер безбедноста и едукацијата за важноста на споделувањето информации за сајбер напади. Во период на брз технолошки развој и широкораспространета дигитализација, ризиците за хакирање се зголемуваат, а самите сајбер напади стануваат реалност. Никој не е имун на напади во интернет просторот. Прашањето е само колку ќе посветиме внимание и ресурси за да ја зголемиме безбедноста на највисоко можно ниво.
Новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи, усвоен во јули годинава, претставува прва сеопфатна правна рамка во Македонија за уредување на сајбер безбедноста. Законот е усогласен со европската директива NIS2 и има за цел да воспостави висок и заеднички степен на заштита на мрежните и информациските системи, како во јавниот, така и во приватниот сектор.
Ќе станат ли стабилните коини новата светска валута, а каде е Македонија?
Финансискиот свет моментално доживува голема трансформација. Новата генерација дигитални средства – стабилните коини (англ. stablecoins) – сè повеќе се наметнуваат како значајна алатка во модерниот банкарски и финансиски систем. Овој вид на криптовалути се издава од приватни компании или финансиски институции, кои мора да одржуваат резерви во готовина или безбедна актива, како државни обврзници, за да обезбедат секој токен да биде покриен „еден спрема еден“ со вистинска вредност. За разлика од нестабилните криптовалути како биткоинот, чија вредност има големи осцилации, стабилните коини ја одржуваат вредноста најчесто врз основа на стабилни национални валути, главно американски долари.
„Стабилните коини имаат една своја карактеристика, а тоа е дека се врзани за определена валута“, објаснува Александар Тасевски, коосновач на криптоклубот „Крипто хаус“. „Најчесто тоа е доларот, меѓутоа постојат и други стабилни коини што теоретски би можеле да бидат врзани со евро, рубли, па дури и со македонски денар. За разлика од биткоинот или етереумот, кои имаат големи осцилации во вредноста, стабилните коини ја елиминираат таа волатилност“.
По Лигата на шампионите, биткоин: ПСЖ ги менува правилата на фудбалскиот бизнис
Францускиот фудбалски гигант Пари Сен Жермен (ПСЖ) на биткоин-конференцијата во Лас Вегас објави дека во билансот на клубот држи 120 биткоини, со моментална вредност од околу 14,5 милиони долари. Потегот, објавен набрзо по освојувањето на првата историска титула во Лигата на шампионите, брзо одекна во светските медиуми. Сепак, ПСЖ не го направи овој потег поради шпекулација или финансиска потреба, туку за да „зборува на јазикот на новата генерација навивачи“.
Традиционалните фудбалски биланси најчесто се состојат од готовина во евра или долари и многу конзервативни инвестиции. Одлуката на ПСЖ дел од резервите да ги претвори во биткоин е уникатна не само во европскиот туку и во светскиот фудбал. Со тоа тие станаа првиот европски шампион што во својата благајна држи дигитален имот, обраќајќи ѝ се на дигиталната генерација, која сочинува дури 80 проценти од нивната навивачка база.
Преглед на берзите: Царините на сцена, Фед паузира, Седумте величествени газат
Белата куќа во четвртокот објави приспособени реципрочни царински стапки што го опфаќаат увозот од различни трговски партнери, со цел намалување на трговскиот дефицит и зголемување на приходите. Минималната царинска стапка за увоз беше поставена на 10 проценти. Стоките за кои ќе се утврди дека се претоварени за да се избегнат повисоки стапки ќе бидат предмет на дополнителни царини.
Некои економии, вклучувајќи ги Кина, Канада и Мексико, се наоѓаат на различни трговски патишта и се предмет на различни извршни наредби. Просечната царинска стапка на САД ќе се зголеми на 15,2 проценти ако стапките се спроведат како што е предвидено, според „Блумберг економикс“, од претходно 13,3 проценти - и значително повисока од 2,3 проценти во 2024 година, пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата.
Дури 27 проценти од Европејците не можеле да си дозволат одмор
Во 2024 година 27 проценти од населението на ЕУ на возраст од 16 години или повеќе не било во можност да си дозволи една недела годишен одмор надвор од дома. Овој удел се намалил за 1,5 процентни поени во споредба со 2023 година и е значително помал (за 10,6 процентни поени) отколку пред една деценија, во 2014 година.
Највисок процент на луѓе кои не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор е забележан во Романија (58,6 проценти), Грција (46 проценти) и Бугарија (41,4 проценти). Спротивно на тоа, 8,9 проценти од луѓето во Луксембург, 11,6 проценти во Шведска и 13 проценти во Холандија изјавиле дека не можат да си дозволат еднонеделен одмор далеку од дома во 2024 година.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...