ЕКОНОМИЈА
ЕЦБ денеска ги намалува каматните стапки за 25 базични поени?
Европската централна банка денеска одлучува за каматните стапки. Економистите на „Блумберг“ (Bloomberg) едногласно прогнозираат дека каматните стапки ќе бидат намалени по третпат годинава, откако инфлацијата неодамна забави под целта на ЕЦБ од два процента.
И аналитичарите на „Блумберг Адрија“ очекуваат пад на каматните стапки, по што стапката на депозитите би изнесувала 3,25 отсто, што е најниско од јуни 2023 година. Еве што изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, за инфлацијата во септември по најновото намалување на каматните стапки.
Лагард: Предизвиците како стимул за промени
Пред состанокот на ЕЦБ, Лагард ја повика Европа да ги искористи геополитичките предизвици како можност за зајакнување на темелите на домашниот пазар. „Како отворена економија, континентот е изложен повеќе од другите на негативните ефекти од промените, но со адекватен одговор, Европа може да добие многу“, рече Лагард во Љубљана.
ПОЛИТИКА
Војната во Украина продолжува. Во националниот парламент украинскиот претседател Володимир Зеленски им го претстави на пратениците таканаречениот „план за победа“. Образложувајќи ја неговата визија за завршување на војната во Русија, повтори дека неговата земја не може да прифати замрзнат конфликт или да тргува со територии за да обезбеди мир.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утринава се тргуваат мешано, во пресрет на одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) за каматните стапки. Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ очекуваат на денешната седница да се намалат каматните стапки за 25 базични поени, но и да се пренасочи фокусот кон пазарот на трудот.
Потсетуваме дека во јули 2022 година ЕЦБ започна циклус на затегнување на монетарната политика за да ја спречи инфлацијата. Така, каматната стапка на депозитите до септември лани беше покачена на четири отсто. На тоа ниво остана до јуни годинава, кога за првпат беше спуштена на 3,75 отсто.
САД
Фјучерсите на американските индекси исто така се тргуваат мешано, пред објавувањето на новите корпоративни извештаи. Потсетуваме дека акциите на банката „Морган Стенли“ поскапеа за 6,5 отсто, откако заемодавецот пријави заработка подобра од очекуваната. Во третиот квартал нето-добивката на банката исто така се зголеми за 32 отсто, со што им се придружи на другите банкарски гиганти од Волстрит во постигнување добри деловни резултати.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие ги намалија првичните добивки. Имено, растот на кинеските акции згасна, бидејќи немаше најава за посилни стимулации за економијата. Еве што изјави кинескиот министер за домување и урбано-рурален развој во однос на стабилизирањето на пазарот на недвижности.
Цената на нафтата се стабилизира по неколкудневен пад, а пазарите и натаму се пред сѐ фокусирани на Блискиот Исток и на пораките од Кина.
Фјучерсите на суровата нафта ВТИ (WTI) се купуваа за околу 71 долар за барел, додека брентот чинеше околу 3 долари повеќе по барел.