Просто е неверојатно дека за момент се фатив себеси како рано утрово небаре со олеснување си реков „уф, добро е, не сме меѓу првите пет или десет по загаденост“. Штотуку ја бев отворил интернет-страницата www.iqair.com, која ги рангира најзагадените главни градови во светот и другите поголеми градови, и Скопје беше рангирано околу 30-то место, со умерено загаден воздух. Добро, во жолтата зона сме, можеме ние и полошо, си реков. И се разбира дека можеме. Не помина ниту еден час, и ете го Скопје на 10-то место, во друштво на главните градови на Пакистан, ДР Конго, Индија, Кина, Босна и Херцеговина, Виетнам...
Со вредноста на индексот AQI од 130 (според американски стандарди за мерење на загадувањето на воздухот), што значи дека во воздухот има количество на честички ПМ2,5 во рангот од 36 до 55 микрограми на кубен метар, означено како „нездраво за чувствителни групи на популација“.
Ете, тоа е, сепак било рано. Граѓаните уште не беа почнати да ги ложат своите печки на дрва, но и на стар мебел, гуми, пластики и којзнае уште што, улиците сѐ уште не беа преплавени од автомобили и автобуси, сомнителните погончиња околу градот сѐ уште не беа распламтени со полна пареа... доволно да добиеме нешто подобра слика за квалитетот на воздухот. Уште ако имаше и малку ветерче, охохо, па ние ќе влезевме во зелената зона, каде што пишува дека воздухот е „добар за дишење“.
Прочитај повеќе
Во Скопје стапуваат во сила мерки поради големата загаденост на воздухот
Министерството за животна средина информира дека во Скопје е надминат прагот за концентрација на честички со големина до 10 микрометри.
27.12.2023
Како да го намалите загадувањето само со еден клик?
Целта не е само да се издигне еколошката свест туку и да се понудат конкретни алтернативи.
05.04.2024
Истражување: Само 10 земји во светот имале квалитетен воздух во 2023-та
Нова анализа покажа дека минатата година, само десет земји и 9 отсто од градовите ширум светот имале квалитет на воздухот во рамките на прифатливите критериуми.
25.03.2024
Неделен преглед: Не излегувајте оддома, и петокот и воздухот се црни
Денеска е црн петок, денот кога почнуваат попусти.
24.11.2023
Ветерот и дождот единствена надеж
За жал, ветерот и дождот ни остануваат единствената надеж секоја година од ноември, па некаде до април, кога времето ќе затопли и граѓаните ќе престанат да се греат. Затоа што согорувањето на биомасата, односно греењето на дрва (и не само дрва, н.з.) е најголемиот извор на загадување во зимскиот период, со учество од 36 до 57 проценти во вкупното загадување во Ново Лисиче и од 25 до 29 проценти во Карпош, според научна студија објавена пред две години. Има и други значителни извори на загадување, како што се нафтата и мазутот, минералната прашина и согорувањето оган на отворено, покажува истражувањето спроведено од октомври 2020 година до декември 2021 година од страна на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Ова последното е особено опасно, затоа што, покрај согорување земјоделски и градинарски отпад, има согорување и многу други отпади, како што е бакарот.
Скопје е лоцирано во котлина, па постојано има т.н. температурни инверзии, што значи дека во текот на зимата траат долги периоди со стабилна атмосфера, и емитираните загадувачки честички остануваат во приземната зона, објаснуваат авторите на студијата.
„Влијанието на високите градби секако ги менува микроструењата и прави ‘кањони’, иако ние го меревме вкупното загадување, на целото подрачје. Морам да споменам дека минералната прашина, особено во текот на летните месеци, може да се поврзе со несоодветните контроли на градежните активности, ископување, па и движењето на тешки возила по сообраќајниците,кои помагаат да се разнесува прашината. Градежништвото е сериозен учесник во загадувањето, особено налето, кога овој извор надминува и 30-40 проценти“, објасни универзитетскиот професор Дејан Мираковски, презентирајќи го истражувањето.
Според резултатите од него, нафтата и мазутот се фактор што е присутен во многу различни извори на загадување, како што се греењето на јавните објекти, индустриските емисии и сообраќајот. Низ годините, затоплувањето со дрва е на врвот на листата загадувачи и во други студии. Истражување што го спроведе УНДП на примерок од 5.044 домаќинства покажа дека само 21 отсто од домаќинствата во Скопје се приклучени на системите за централно греење, додека дури 45 отсто од домаќинствата ги загреваат своите домови со огревно дрво.
Исто така, друга анализа утврди дека две третини од населението во Македонија, односно 62 отсто, се греат или готват на дрва, за разлика од 28,60 отсто што се греат на електрична енергија, 8,33 отсто на топлинска енергија од јавни котларници, а преостанатите 1,48 отсто ги трошат другите видови на енергенти, како јаглен, нафта, брикети или гас.
Според професорот Мираковски, менувањето на начинот на греење на домаќинствата е процес што ќе се одвива подолго. Меѓутоа, за училиштата и јавните објекти – може и мора да се реагира побрзо. „Kога истражувавме добивме податок дека половина од основните училишта во урбаната зона се греат на нафта или на мазут. Веројатно има и многу јавни институции, веројатно и индустријата користи доста мазут за производство на топлина. Понатаму, старите возила со моќни машини немаат мерки за контрола, па емитираат и 70-80 отсто од вкупните суспендирани честички од сообраќајот. Тоа се работи што можат да се направат на пократок рок. Но, за да ги намалиме епизодите на екстремно загадување, веројатно ќе треба позначајно намалување на емисиите од биомаса“, констатира Мираковски.
Предоминантното греење на дрва, но и на пластика, стар мебел, гуми итн., стариот возен парк (околу 60 отсто од возилата во Скопје се постари од 15 години според податоците на Европската агенција за животна средина – EEA), загадувачките индустрии, релјефот што не оди во прилог – сето ова прави една „совршена бура“, односно комбинација на фактори од кои произлегува катастрофална ситуација за воздухот во македонската метропола.
Редовното рангирање на Скопје меѓу најзагадените светски градови, секоја зима без исклучок изминативе години, го донесе и на страниците на лондонски „Гардијан“, кој посвети напис со наслов „Воздухот мириса на запалена пластика: Хроничниот проблем на Скопје со загадувањето“. „Гардијан“ напиша дека во Скопје се наоѓаат три од десетте најзагадени населби во Европа. „Заедно со градовите низ Западен Балкан и во Полска, Скопје е едно од европските жаришта за честички помали од 2,5 микрони во дијаметар, познати како ПМ2,5. Овие ситни честички се протнуваат низ белите дробови, струејќи низ крвотокот во целото тело и предизвикувајќи хаос во внатрешните органи“, напиша „Гардијан“.
Во написот е спомената и научната студија од 2018 година, според која воздухот во Скопје е толку загаден што жителите умираат во просек две-три години порано одошто кога би го немало овој еколошки фактор, „кој во голема мера може да се спречи“, како што истакнуваат авторите. Еден од авторите на оваа меѓународна студија, професорот Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), вели дека ако го претворите ова во економски термини, цената што ја плаќа општеството за загадувањето е многу висока. Според најновите процени на ИЈЗ, во цела Македонија годишно поради загадувањето на воздухот со суспендирани честички умираат над 3.400 луѓе. Ако вкупната просечна бројка на починати годишно во Македонија се движи околу 20.000, тоа значи дека од 17 до 19 проценти се всушност смртни случаи поврзани со загадениот воздух. Загадувањето на воздухот е поврзано со голем број здравствени проблеми, вклучувајќи срцеви, циркулаторни и белодробни заболувања, а особено е штетно за луѓето со дијабетес.
„Економската цена што ја плаќа македонското општество поради загадениот воздух, односно прерано загубените животи чинат помеѓу 500 милиони и 1,5 милијарда евра во смисла на загубени години на работа, намалени медицински трошоци. Многу е подобро да се плати едно евро за превенција, да речеме, и да се заштедат 5 или 10 евра, кои нема да се потрошат за здравствени проблеми како што се боледувања и смртност“, истакнува Кочубовски. Уште пострашно, додава тој, е тоа што децата се почувствителни на лошиот квалитет на воздухот од возрасните. „Децата вдишуваат повеќе според телесната маса од возрасните; имаат помали дишни патишта и бели дробови; апсорпцијата во дигестивниот тракт изнесува до 50 отсто, додека кај возрасните до 10 отсто; одбранбениот механизам им е сѐ уште недоволно развиен итн.“
И да има мерки, не се спроведуваат
Дали има решение за проблемот со загадениот воздух? Граѓаните се навикнаа со години само да се ветува, но во практика речиси ништо не се презема, ниту на локално ниту на централно ниво. Град Скопје во програмата за заштита на животната средина за годинава предложи само една мерка за заштита на воздухот, односно бесплатен јавен превоз во деновите на преголема загаденост и кога се во сила мерките на Владата за заштита на населението. Советниците од „Зелен хуман град“ во неколку наврати имаат давано предлози со конкретни краткорочни и среднорочни мерки за намалување на загадувањето, но и оние што Советот ги усвојувал, Градот не ги спроведувал. Последната иницијатива беше доставена во јуни и прифатена од градските советници, која содржеше 19 препораки усвоени на првото граѓанско климатско собрание на Скопје. Потоа, градските служби требаше да изработат предлог-одлука и да објаснат како ќе се имплементираат препораките, во кој рок и со кои средства. Досега такво нешто не е направено.
Меѓу мерките предложени во последната иницијатива беа воведување интензивна и редовна хигиена на улиците, потоа зголемување на површината со парк-шуми, паркови, зелени плоштади, дрвореди, зелени коридори и заштитно зеленило на ниво на градот Скопје, во согласност со климатските и географските карактеристики на градот и специфичните потреби на граѓаните, како и одржување на постојното урбано зеленило.
Потребни се сериозни мерки за да се справиме со високото ниво на аерозагаденост во Скопје со кое се соочуваме со години наназад, а не гледаме дека нешто се менува вели Горјан Јовановски, главен извршен директор и основач на EarthCare.ai. Тој посочува дека треба да се види точно колкаво е загадувањето што го прави индустријата и да се направат мерења од најголемите до најмалите фирми, да запре греењето на дрва и државата да направи сериозни инвестиции - во спротивно последиците ќе бидат уште поголеми од она што се сега. Проценките се дека годишно токму од овие причини умираат повеќе од 3.500 луѓе. |