Европа во моментот се наоѓа на големи маки поради сушата која се чини дека е најлошата во последните 500 години, според прелиминарната анализа на експерти од Заедничкиот истражувачки центар на Европската унија.
„Ова е секако само првична проценка што треба да биде потврдена со конечните податоци до крајот на сезоната“, изјави портпаролот на еврокомисијата, Јоханес Бахрке, повикувајќи се на резултатите објавени вчера.
Околу 64 отсто од Унијата е под предупредување или тревога за суша, според новиот извештај на Европската опсерваторија за суша. Експертите од блокот очекуваат топлите и суви услови, кои поттикнуваат шумски пожари и го намалуваат производството на земјоделски култури, да продолжат во делови од регионот дури до ноември.
„Комбинацијата од тешка суша и топлотни бранови создаде невиден стрес врз нивото на водата во целата ЕУ“, рече во денешната изјавата Марија Габриел, комесар за истражување на блокот. „Климатските промени несомнено се позабележителни секоја година“, додаде таа.
Неколку земјоделски култури во ЕУ се особено погодени, со прогнози за приносот на жито од 16 отсто под петгодишниот просек и 15 отсто под тој просек за пченката, покажуваат најновите податоци.