Илон Маск им кажал на претставници на Пентагон дека разговарал лично со рускиот претседател Владимир Путин за време на дискусија за сателитскиот интернет што „Спејс екс“ (SpaceX) го овозможува за украинската војска, објави „Њујоркер“ (New Yorker).
Маск доброволно ја дал информацијата за време на разговор во октомври со Колин Кал, тогаш висок политички функционер на Пентагон, за тоа како и зошто украинските сили изгубиле контакт со „Старлинк“ кога влегле на територија оспорена од Русија, објави списанието во понеделникот.
„Мојот заклучок беше дека тој станал нервозен поради тоа што во Русија на вклученоста на 'Старлинк' сѐ повеќе се гледа како на помагање на украинските борбени операции, па побарал начин да ја смири руската страна“, изјави Кал за „Њујоркер“.
Прочитај повеќе
Турција одби Маск да испрати „Старлинк“ по силниот земјотрес
Турската влада го одби предлогот на Илон Маск да испрати сателитска широкопојасна услуга во земјата.
06.02.2023
Маск не одговори на барањето за коментар преку е-пошта. Кал, кој се врати на својата функција на универзитетот „Стенфорд“ минатиот месец, исто така не одговори на барањата за коментар.
„Свесни сме за интересот и министерството има договор со 'Старлинк' за услуги од овој тип“, изјави портпаролот на американското министерство за одбрана, Џеф Јургенсен. „Како што исто така изјавивме, поради безбедносната природа на овие системи, во овој момент не објавуваме дополнителни детали во врска со конкретни можности, договори или партнери“.
Во октомври Маск, главниот извршен директор на „Спејс екс“, негираше дека разговарал со Путин. Во објава на Твитер, платформа што оттогаш ја преименува во X, милијардерот напиша дека со рускиот претседател разговарал само еднаш, околу 18 месеци претходно, за вселената.
Извештајот на магазинот ги заживува контроверзиите што избувнаа откако Маск ги објави своите т.н. мировни планови, кои беа пофалени од Кремљ и критикувани од украинскиот претседател Володимир Зеленски. Набргу потоа украинските војници пријавија прекини во „Старлинк“, а Маск се закани дека ќе престане да го финансира украинскиот пристап до услугата.
„Спејс екс“ побара од САД и сојузниците да платат повеќе пари за „Старлинк“ во Украина, но Маск набрзо го промени својот став и вети дека ќе продолжи да ја финансира иницијативата. Во јуни американското министерство за одбрана објави договор со таа компанија.