Колку е подобар процесот на реформи толку побрзо ќе дојде можноста за пристапување. Постои прозорец на можности што сега е отворен. Процесот не е толку строг, се заснова на заслуги, и никој не мора да чека одреден датум, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.
На прашањето дали во ЕК веќе се разгледува француско-германскиот предлог за реформа на ЕУ и дали 2030 година, со оглед на претстојните европски избори, е достижна за таква длабока реформа на Унијата, исто како и за земјите од Западен Балкан да го завршат својот дел од обврските, таа одговори дека „сега работите навистина се менуваат на подобро и сега гледаме вистинска динамика и момент во процесот на проширување“.
„Сакаме Западен Балкан да се приклучи кон ЕУ, а за тоа треба да се подготвите вие и треба да се подготвиме ние. Добро е што сега започна конкретна дискусија во ЕУ што треба да направиме ние за да бидеме подготвени, кои се прашањата што се отворени, кои се одговорите што треба да ги дадеме. Тоа не беше случај во текот на минатиот мандат. Нешто значително се промени во овој мандат и работите стануваат конкретни. И оттука се мојата молба и охрабрување за движење напред во различните држави од Западен Балкан, затоа што ова навистина е прозорец на можности што сега е отворен. Овој процес не е толку строг. Тој се заснова на заслуги и никој не мора да чека одреден датум. Може да бидете и побрзи. Колку е подобар процесот на реформи толку побрзо ќе дојде можноста за пристапување и тоа е навистина важно. Има прозорец на можности што е отворен и ајде заедно да го искористиме тој момент“, нагласи Фон дер Лајен.
Во однос на уставните измени што се неопходни за следната фаза во преговорите, таа рече дека Македонија е суверена држава што ги прави сопствените избори.
„Изборот е ваш. И затоа, навистина се надевам дека сите страни, сите партии ќе го искористат моментот и ќе ги поддржат уставните измени, затоа што станува збор за вашата иднина, за вашиот избор и сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија. Ние сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ и токму поради тоа се надевам дека движењето напред ќе биде добро и ќе биде поддржано од широко мнозинство“, истакна таа.
Во одговор на прашањето зошто нема да се сретне со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со оглед на неговата изјава дека има очекувања од нејзината посета на државата, а тоа се безусловни преговори од страна на ЕУ, и дали е можно да добиеме безусловни преговори, а процесот на уставни измени да биде решаван во текот на преговорите, Фон дер Лајен повтори дека „уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапувањето кон ЕУ“.
„Уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапувањето кон ЕУ и навистина е неверојатно она што Северна Македонија го има постигнато досега и затоа навистина посакувам Северна Македонија да продолжи да се движи напред со решителност, со страст, со големи успеси на пристапниот пат. Каде и да сум, обично се среќавам со шефот на државата и на Владата, во зависност од уставниот поредок. Тоа е случај со моето патување во Западен Балкан, но тоа е случај и со сите други мои посети и патувања, кога посетувам земји членки постои правило дека се среќавам со шефот на државата или со премиерот на државата“, одговори Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК соопшти детали и за Планот за раст на економиите од Западен Балкан, вреден 30 милијарди евра.
Во фокус на овој план и понатаму остануваат поддршката за реформите во бизнис средината, за ефикасна јавна администрација, за јавните финансии и за реформите во судството и за борбата против корупцијата.
Фон дер Лајен во излагањето конкретно се осврна на Северна Македонија, како дел од оваа група земји, аспирантки за членство во ЕУ.
„Мора да ги зближиме нашите економии и ние веќе го правиме тоа. Гледајќи наназад имаме план од 30 милијарди евра, тој брзо се испорачува, на пример со соларните централи Осломеј и Битола инвестираме во обновлива енергија. Тоа е добро затоа што ни дава енергетска независност, а тука секако е и ветерниот парк во Богданци. Имате ветер, имате сонце, тоа се мошне важни ресурси за обновлива енергија. Минатата година поминавме низ сериозна енергетска криза, но се спротивстравивме заедно и поместивме планини. Ве поддржавме со 80 милиони евра, за да се справиме со влијанието на високите цени врз домаќинствата и бизнисите, ја обезбедивме енергијата што беше потребна во текот на зимата и бевме навистина успешни во тоа. Цените се намалија, сè уште работиме на нивно натамошно намалување. Тоа беа времиња на предизвик, но важно е дека ги надминавме заедно и тоа беше факт во минатото, но исто така дискутиравме и за енергијата денес, дискутиравме и за иднината, за тоа кои и да се предизвиците во енергијата, треба да се справиме со нив заедно и да ги надминеме заедно“, истакна претседателката на ЕК.
Таа посочи дека ЕУ е подготвена да почне со распределба на 100 милиони евра во макрофинансиска помош, што Унијата претходно го најави, но, како што додаде, мора да правиме повеќе во насока на поврзување на „нашите економии“.
Стремежот е како, што посочи Фон дер Лајен, македонската економија да се удвои во следната деценија.
По завршувањето на прес-конференцијата, таа со премиерот Ковачевски ќе посети фабрика за преработка на овошје и зеленчук во близината на Скопје, корисник на средства од ИПАРД-програмата финансирана од ЕУ.