САД и Иран и натаму изгледаат далеку од постигнување договор за завршување на војната и повторно отворање на клучниот Ормуски Теснец откако напад со дрон предизвика пожар во нуклеарна централа во Обединетите Арапски Емирати. Нападот со дрон доаѓа само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп се врати од дводневен самит во Пекинг со кинескиот лидер Шји Џјинпинг, сојузник на Иран. Двајцата се согласија дека теснецот треба да биде отворен за транзит, но не постигнаа видлив напредок кон таа цел.
Пожарот избувнал во електричен генератор надвор од внатрешниот периметар на нуклеарната централа Барака во ОАЕ и немал влијание врз радиолошката безбедност, соопшти медиумската канцеларија на Абу Даби. Властите работат на гаснење на пожарот, кој не предизвикал повреди, се додава во соопштението.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Tрошоците за обновливи извори на енергија се намалуваат, но колку чини зелената транзиција во Македонија?
Аргументот што важеше повеќе години дека обновливите извори (ОИЕ) не се сигурни, веќе не важи. Според најновиот извештај на Меѓународна агенција за обновливи извори на енергија, ИРЕНА (International Renewable Energy Agency - IRENA), овие извори може да обезбедат сигурна енергија нонстоп.
Освен тоа, обновливите извори обезбедуваат исплатлива енергија. Според процените на ИРЕНА, трошоците на компаниите што инвестираат во вакви извори значително се намалуваат, а тоа е особено важно во време кога пазарите на нафта и гас остануваат изложени на геополитички шокови, пред сѐ поради нарушувањата во Ормускиот Теснец.
Дали поради поскапото гориво камионите ќе преминат на струја? Во Кина веќе преминаа
Додека продажбата на електрични автомобили во Кина, по години силен раст, почнува да се смирува, продажбата на електрични камиони се забрзува, а дополнителен поттик на оваа нова индустрија би можела да даде и војната со Иран.
На неодамнешниот саем на автомобили во Пекинг, над изложбениот простор со патнички возила кои се нудеа по намалени цени, особено се истакнуваше огромен сребрен електричен камион.
Прашумите исчезнуваат побавно, но и понатаму губиме површина поголема од 11 фудбалски игралишта
Губењето на тропските шуми лани значително забави и се намали за 36 отсто, откако во 2024 година достигна рекордно ниво. И покрај тоа, светот сепак изгуби 4,3 милиони хектари прашума - површина приближно колку Данска, односно повеќе од 11 фудбалски игралишта секоја минута.
Новите податоци од Универзитетот „Мериленд“, објавени преку платформата „Глобал форест воч“ на организацијата „Ворлд рисорсис институт“, покажуваат дека губењето на примарните односно зрели и главно недопрени влажни тропски шуми во 2025 година забавило. Сепак, тоа и натаму било за 46 отсто повисоко отколку пред десет години, а минатата година донесе и извесно затишје на пожарите по исклучително лошата 2024 година. Пожарите во тропските подрачја стануваат сè почести поради повисоките температури и поизразените суши.
Што носи акција од „Прилепска пиварница“?
Со купувањето на акција од „Прилепска пиварница“, инвеститорот всушност купува финансиски холдинг кој патем поседува и пиварница. Односно, „Прилепска пиварница“ а.д. е де факто хибрид од оперативен бизнис и масивен затворен инвестициски фонд, со исклучително неефикасна алокација на капиталот.
Целосното сопствеништво од страна на две лица кои поседуваат малку повеќе од 76 проценти од компанијата би наговестило ефикасност и силна дивидендна политика, но се чини дека интересот на водечките акционери е на друго место.
Берзански преглед: Волстрит еуфоричен, Коspi рекорден, а на хоризонтот бура
Во изминатата недела инвеститорите можеа да набљудуваат разидувања меѓу различните класи на средства - додека акциите, особено на технолошките компании, се засилуваа, политичките потреси, стравот од инфлација и економскиот пад поради геополитичката криза го погодија пазарот на обврзници. Глобалната макроекономија со тешкотија ги апсорбира и ублажува далекусежните последици од конфликтот на Блискиот Исток, а во исто време изгледа дека Волстрит станал целосно имун на класичните закони за вреднување на ризиците и соодветното дисконтирање.
Ова најочигледно се покажува во фактот дека американските берзи самоуверено го продолжуваат својот победнички поход, иако на хоризонтот се собираат темни облаци од пазарот на државни обврзници. Продажбата на обврзници на глобално ниво сè побрзо го достигнува ризичниот куповен замав на берзите, што создава кревка макроекономска слика која од институционалните инвеститори и централните банки бара голема претпазливост.