Папата Лав Четиринаесетти повика вештачката интелигенција (ВИ) да биде „разоружана“ со цел да се заштити човештвото од нејзините ризици, во едно од неговите најзначајни обраќања досега, со кое се приклучи на глобалната дебата за потребата од строга регулација на технологијата.
„Да се разоружа значи да се оспори претпоставката дека техничката моќ автоматски дава право на управување. Да се разоружа не значи отфрлање на технологијата, туку спречување таа да доминира над човештвото“, изјави тој.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Се краде ли од македонските маркети?
Се обидовме да откриеме што најмногу се краде, како трговците на мало се борат против кражбите и како ваквите случаи се решаваат на суд, како и да дознаеме колку приближно штета прави овој криминал врз финансиските биланси на домашните трговци. Сепак, повеќето од најголемите малопродажни синџири што работат во нашата земја не сакаа официјално да одговорат на нашите прашања. Најчестиот одговор што го добивме од овие компании е дека тие не споделуваат вакви и слични податоци јавно, „со цел да ги заштитат и почитуваат сите потрошувачи и партнери и да обезбедат фер односи“.
Од она што неофицијално го дознавме, се краде буквално сѐ од стоките за широка потрошувачка – храна, козметика, пијалаци, кафе, електроника, облека итн.
„Понекогаш крадците ги фаќаме ние од продажниот персонал на самото место, а понекогаш лицата од обезбедувањето. Имаме јавно објавено дека секој украден производ се наплаќа десеткратно, но тоа не ги поколебува оние што решиле да украдат нешто“, ни рече раководител од еден скопски голем маркет, дел од малопродажен синџир, кој сакаше да остане анонимен.
Дали повеќе се исплати вложувањето во општински или во државни обврзници?
За разлика од државните обврзници, пазарот на општински обврзници во регионот е исклучително неликвиден, па инвеститорите често бараат дополнителен принос како компензација за помалата можност за продажба пред доспевање.
Од друга страна, токму оваа поврзаност на инвестициите со специфични локални проекти како што се патишта, градинки, спортска инфраструктура или комунални системи ги прави општинските обврзници еден од ретките инструменти каде што инвеститорите практично можат да инвестираат во развојот на сопствениот град, доколку има обврзници.
Во САД, овој вид инвестиција е многу попопуларен и поликвиден отколку во регионот, поради што инвеститорите полесно можат да ги следат и споредуваат историските приноси на општинските обврзници.
ЕЦБ веројатно ќе ја ревидира прогнозата за инфлација во јуни
Европската централна банка (ЕЦБ) најверојатно ќе ја зголеми својата прогноза за инфлацијата кога креаторите на монетарната политика ќе се состанат следниот месец, изјави претседателката Кристин Лагард.
Прогнозата од март, која предвидуваше раст на цените од 2,6 проценти оваа година, „веројатно ќе биде ревидирана“, изјави таа во неделата во италијанската емисија Che Tempo Che Fa, додавајќи дека ситуацијата оттогаш „се променила“.
Лагард не сакаше подетално да коментира дали таквата ревизија ќе ја насочи ЕЦБ кон зголемување на каматните стапки на 11 јуни.
Што треба да знаете за ИПО-то на „Опен еј-ај“
Оваа година на пазарот би можеле да се случат две од најголемите иницијални јавни понуди (ИПО) во историјата, бидејќи „Опен еј-ај“ (OpenAI), компанијата која стои зад ЧетГПТ (ChatGPT), би требало да му се придружи на „Спејс екс“ (SpaceX) на Илон Маск на берзата.
„Опен еј-ај“, имено, се подготвува да ја предаде документацијата за првата јавна понуда на акции во наредните денови, односно недели, објави во средата „Волсрит журнал“ (Wall Street Journal). Во тоа би требало да им помогнат најголемите имиња од Волстрит, како „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs) и „Морган Стенли“ (Morgan Stanley).
Компанијата што ја води Сем Алтман би можела да излезе на берза уште оваа година и со тоа да собере потребен капитал за финансирање инвестиции во чипови, дата-центри и кадар. Ако побрза, може да го престигне својот конкурент „Антропик“ (Anthropic), кој исто така разгледува ИПО и се бори за инвеститори.
Сопствениците на „Шанел“ со заработка од 21 милијарда долари
Милијардерското семејство кое стои зад „Шанел“ (Chanel Ltd.) е на пат да инкасира најмалку 21 милијарда долари преку исплати на дивиденди од последната деценија - огромна финансиска добивка во момент кога нивниот бренд продолжува да просперира и покрај кризата што погодува дел од конкурентите во луксузната индустрија.
Холдинг-компанијата на семејството Вертхајмер со седиште на Кајманските Острови, преку која го контролираат „Шанел“, треба да прими 5,8 милијарди долари дивиденди за 2025 година, од кои повеќе од половина ќе бидат исплатени веќе оваа година, според документи поднесени во Обединетото Кралство. Тоа доаѓа покрај приближно 15,1 милијарда долари дивиденди што семејството ги акумулирало од 2017 година.
Како да купите крипто?
Криптото повеќе не е резервирано само за експерти. Денес постојат неколку едноставни начини за пристап до пазарот. Еден од начините за купување крипто денес е преку финтек-сервиси базирани на блокчејн-технологија.
Дознајте како функционираат криптопазарите, блокчејнот и дигиталните средства преку Блумберг Адрија Крипто едукација. ДОЗНАЈТЕ ПОВЕЌЕ