Претседателот Доналд Трамп ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на НАТО во Турција в среда, кој ќе биде исполнет со тензии околу ставовите на американскиот лидер за Гренланд, европската одбранбена потрошувачка и војната со Иран. Трамп денеска пристигнува во Турција, каде што ќе се сретне со претседателот Реџеп Таип Ердоган пред самитот со целата одбранбена алијанса следниот ден, изјави портпаролката на Белата куќа Ана Кели.
Трамп, кој имаше променливи односи со Зеленски, како претседателски кандидат вети дека ќе ја заврши војната на Русија против Украина за еден ден откако ќе се врати на функцијата. Тој е фрустриран од неможноста тоа да го постигне.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Исполнувањето на целите за одржливост ќе им донесе на бизнисите билиони долари
Бизнис за добро е добар бизнис - ова е слоганот што го создаде Марга Хоек, холандска бизнис-лидерка, авторка и глобална менторка за одржливост. Таа беше говорник на конференцијата „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“, во организација на канцеларијата на Обединетите нации, а во соработка со Стопанската комора и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во Македонија.
Пред присутните на конференцијата во Скопје, Хоек говореше за важноста одржливоста да биде во срцевината на компаниските стратегии, а не само тема со која ќе се занимава одделот за општествена одговорност во компанијата.
Според неа, одржливоста и профитот не само што не се на спротивните страни туку и си помагаат меѓусебно. Таа била на раководни позиции во големи компании, а искуството сега го користи за да им даде поддршка на другите и да поттикне позитивна промена.
Европејците бираат посебен тип на климатизери
Додека во последните недели од јуни низ цела Европа се рушеа температурни рекорди, а температурите во затворени простории се искачуваа до непријатни нивоа, многу жители на континентот побараа брзо олеснување преку преносливи клима-уреди.
Сѐ поголемата побарувачка за овие уреди, кои можат да се постават речиси веднаш и се поевтини од традиционалните сплит инвертер клима-уреди, почести во САД и Азија, носи дополнителни приходи за кинеските гиганти како „Мидеа“ (Midea Group), ХСХ (Haier Smart Home) и „Гри“ (Gree Electric Appliances).
„Општо очекуваме дека силната побарувачка за прозорски клима-уреди во текот на летните месеци ќе го поттикне годишниот раст на извозната продажба на големите кинески производители“, изјави аналитичарот на „Морнингстар“, Џеф Жанг, кој очекува „значаен“ поттик на растот на приходите во вториот и третиот квартал.
Зошто на „Фолксваген“ му е толку тешко да спроведе промени?
Механизмите што го отежнуваат радикалното реструктурирање се вградени во самата структура на компанијата. Претставниците на вработените и покраината Долна Саксонија, каде што е седиштето на „Фолксваген“, имаат 12 од вкупно 20 места во Надзорниот одбор, чија согласност е неопходна за донесување на сите клучни стратешки одлуки. Тоа на секој извршен директор кој сака да спроведе големи отпуштања или длабоки реформи значително му ја отежнува работата.
Сложената сопственичка структура дополнително го забавува донесувањето одлуки. Холдинг-компанијата на милијардерското семејство Порше-Пиех контролира мнозинство од гласачките права, додека Долна Саксонија и катарскиот државен инвестициски фонд имаат значајни сопственички удели. Секоја од овие страни има различни интереси: семејството сака да го задржи влијанието, покраината сака да ги зачува работните места, а инвеститорите очекуваат поголем принос.
Тука е и таканаречениот „Фолксваген закон“, федерален закон кој датира од 1960 година, кога производителот излезе на берза. Со тој закон е пропишано дека за усвојување на најважните одлуки е потребна поддршка од повеќе од 80 отсто од акционерите. Бидејќи Долна Саксонија располага со 20 отсто од гласачките права, таа практично има можност да блокира секоја таква одлука.
Американски суд ја иззема „Алибаба“ од ограничувањата на Пентагон
Федерален судија му нареди на Пентагон привремено да ја изземе „Алибаба“ (Alibaba Group Holding Ltd.) од примената на законот поради кој сите нејзини лобисти престанаа да ја застапуваат компанијата, додека судот ја разгледува уставноста на оваа мерка. Случајот би можел да стане тест за способноста на САД да ги ограничуваат активностите на кинеските компании.
Највлијателните лобистички фирми во Вашингтон побрзаа да ги прекинат врските со „Алибаба“ и други кинески технолошки гиганти откако минатата недела стапи во сила нов закон насочен кон компаниите за кои се тврди дека ѝ помагаат на кинеската војска, објави претходно „Блумберг њуз“.
Ограничувањето му забранува на Министерството за одбрана на САД да соработува со која било компанија што ја застапуваат лобисти што истовремено работат и за компании што се наоѓаат на црната листа на Пентагон поради наводна помош на Народноослободителната армија на Кина. Во практика, оваа одредба ги принуди лобистите да избираат меѓу санкционираните кинески компании и американските одбранбени изведувачи, поради што ги напуштија кинеските клиенти.
„Реплек“ со засилен раст во првото полугодие од 2026 година
Со континуиран раст на продажбата на домашниот пазар и натамошно зајакнување на својата позиција во Македонија, „Реплек АД Скопје“ во првите шест месеци од 2026 година оствари вкупни приходи од продажба во сегментот фармација од 13,9 милиони евра. Приходите остварени на домашниот пазар бележат раст од 24 отсто во однос на истиот период минатата година, со реализирани продажби од 4,8 милиони евра, што претставува најсилен двигател на резултатите во првата половина од оваа година, соопшти компанијата.
Од вкупните приходи остварени од продажба во првото полугодие од 2026 година, 9,1 милиони евра се реализирани на извозните пазари, додека учеството на домашниот пазар се зголеми на 35 отсто.