text size
Народна банка на Република Македонија воведува администрација врз „Алта банка“ Битола откако Народната банка на Србија ја одзеде дозволата за работа на српската „Алта банка“.
„Администратори во банката ќе бидат три лица од НБРМ, а целта на оваа времена мерка е да се заштити имотот на банката и средствата на штедачите“, изјави гувернерот на НБРМ, Трајко Славески на попладневната прес-конференција.
Филијалите на банката од денеска нема да работат со клиенти, а граѓаните што имаат сметки во „Алта банка“ ќе можат да подигнат до 10.000 денари неделно. Времената мерка ќе трае три месеци. Во овој период на сопственикот на мнозинскиот пакет акции во битолската банка му се одзема правото на глас, а по тој рок акциите ќе бидат дадени на продажба. Гувернерот Славески вели дека има заинтересирани купувачи за „Алта банка“ од Битола.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Кварталните резултати го турнаа Nasdaq 100 - до каде е трпението на инвеститорите
Неделата заврши со значителен пад на технолошкиот индекс Nasdaq 100. Во петокот, на крајот на работната недела загубата изнесуваше 4,5 отсто односно 10 отсто во однос на последната највисока вредност.
Со овој пад технолошкиот индекс како да влегува во трета техничка корекција оваа година. Првата се случи по почетокот на војната на Блискиот Исток, втората во текот на летото, во период на распродажба на акциите на компаниите за полуспроводници. Третата корекција се совпаѓа со периодот на објавување на кварталните резултати на компаниите од технолошкиот сектор.
Кои инвестициски фондови во Македонија имаат најголеми приноси во 2026
Отворените инвестициски фондови на македонскиот пазар годинава имаат шаренолики резултати – во зависност од типот на фондот или инвестициските стратегии. Најголеми приноси имаат, очекувано, акциските фондови, иако и таму има некои што имаат негативни приноси од почетокот на 2026 досега. Обврзничките и паричните фондови, разбирливо, едвај да може да ја победат и инфлацијата, додека кај балансираните, единствените два од тој тип, едниот има позитивен, другиот негативен принос.
Во земјава моментално работат шест лиценцирани друштва за управување со отворени инвестициски фондови (ОИФ): „КБ Инвест“, “ВФП Фонд Менаџмент“, „НЛБ Фондови“, „Вега Фондови“, “Прајм Капитал“ (поранешното „Иново Статус“, коешто беше преземено во април 2026) и „Опфолио Инвестиции“. Овие шест друштва управуваат со вкупно 26 фондови, од претходно споменатите четири типови.
По хакерскиот напад, „Бајненс“ постепено ќе ги враќа услугите за корисниците
„Бајненс“ најави дека ќе ги обновува повлекувањата на средства по фази во недела, два дена откако хакери се обидоа да извлечат повеќе од 6 милијарди долари од криптоберзата во најголемата сајбер кражба забележана досега.
Најголемата светска платформа за дигитални средства ги запре трансакциите во петокот наутро по азиско време, откако беше објавено дека дошло до пробив во безбедноста. Првата фаза на повторно отворање на повлекувањата ќе се одвива од 14 до 17 часот по сингапурско време, соопшти компанијата во објава на X.
Насилни протести во Германија - демонстрантите се судрија со полицијата
Масовните демонстрации во Германија, кои во најголем дел од денот во саботата поминаа мирно, се претворија во насилства во текот на ноќта, кога демонстрантите се судрија со полицијата во Франкфурт, Келн, Хамбург и Берлин.
Властите ја блокираа главната трговска улица во Франкфурт, „Ди Цајл“, и уапсија повеќе од 30 лица откако демонстранти искршија излози и украдоа облека и друга стока. Полицијата приведе и едно лице осомничено за провала во продавница за оружје и кражба на две парчиња оружје, кои подоцна беа пронајдени.
Иран се заканува со ескалација и покрај сигналите за напредок во преговорите
Врховниот лидер на Иран им наредил на највисоките воени команданти да се подготват за можна нова конфронтација со САД и Израел и да ги прошират опциите на Техеран за одмазда, иако иранската дипломатија истовремено сигнализира напредок во разговорите.
„На секое ниво и на секој вид закана мора да се одговори веднаш и ефикасно, без географски ограничувања“, изјавил Моџтаба Хамнеи пред раководителите на Револуционерната гарда, армијата и Генералштабот на вооружените сили, според соопштение објавено во саботата на Телеграм.