Во време на глобални економски и геополитички турбуленции, кога нестабилните пазари го обликуваат секојдневието, има ли начин на кој компаниите можат да испорачаат стабилен раст? Од каде пари и како да се задоволи апетитот за профит не игнорирајќи ги ризиците? Ова се само дел од прашањата на кои ќе бараме одговори на една од најзначајните регионални конференции оваа есен.
Денеска, во Скопје ќе се одржи новата конференција „Back to Business“, која ја организира „Блумберг Адрија“. Фокусот е на одржливиот економски раст, фискалната стабилност, макроекономското опкружување и иднината на финансиите во земјава, но секако и пошироко.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Кои се најбогатите спортисти во регионот?
Три децении пари во спортот се сведуваат на истото правило: НБА-договорите се на врвот, европскиот фудбал ја пополнува средината на пирамидата, а тенисот со еден исклучок ја нарушува матрицата. Во „реални 2025“ евра, Никола Јокиќ е над Лука Модриќ и Новак Ѓоковиќ, додека Никола Вучевиќ ја држи високата „втора кота“ во НБА. Фудбалот дава ширина преку Модриќ, Облак, Ракитиќ и Џеко, а Ѓоковиќ останува историски рекордер на теренот (on-court) во тенисот и по инфлациското приспособување.
Нашата анализа го опфаќа периодот од 1995 до 2025 година и ја мериме исклучиво заработката од игра, а не од реклами. Вклучени се бруто-плати во НБА, НХЛ и европскиот фудбал, како и официјални наградни фондови во тенисот. Сите бројки се претворени во „реални 2025“ евра, прво по дефлација на валута и година (USD според CPI, EUR според HICP), потоа конверзија според курсот на Европската централна банка за 2025 година.
Резултатот е ранг што точно покажува како се развивал спортот економски низ три децении, но и кои модели на работење генерираат најголема кариерна заработка.
Мерц повика на создавање „европски Волстрит“
Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на создавање паневропска берза што би служела како заеднички пазар за тргување со акции низ целиот континент.
Долго време поделениот пазар на капитал во Европската Унија се смета како пречка за раст и иновации во блокот од 27 земји, каде што инвестициите заостануваат зад оние во САД и Кина. Регионoт моментално има десетици примарни берзи – од делумно државната берза во Варшава до БМЕ (BME) во Шпанија, што е во сопственост на СИКС (SIX Group AG).
Претходните обиди да се поврзат европските пазари на капитал дадоа малку резултати. Иако повикот на Мерц за „вид на европска берза“ е досега најсилен израз на поддршка за идејата, нејзиното остварување би се соочило со сериозни политички и технички пречки.
Буџет за 2026 година: Раст од 3,8 отсто, дефицит од 3,5 отсто
Економски раст од 3,8 отсто, инфлација од 2,5 отсто и буџетски дефицит од 3,5 отсто планира Владата со предлог-буџетот за следната година.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска соопшти дека вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари (6,1 милијарди евра), а вкупните расходи на 413,9 милијарди денари (6,7 милијарди евра).
Дефицитот ќе изнесува 39,2 милијарди денари (637 милиони евра) што е за 0,5 п.п. помалку од оваа година. Капиталните инвестиции се планирани на пониско ниво од годинава – на 40,5 милијарди денари (650 милиони евра).
Според министерката, за исплата на плати проектирани се 7 отсто повеќе пари, а за пензии 9,7 отсто повеќе од годинава. Дефицитот во буџетот ќе се финансира во комбинација од домашно и странско задолжување.
КХВ одобри два отворени инвестициски фондови
Комисијата за хартии од вредност на последната седница донесе решение со кое на друштвото за управување со инвестициски фондови „Опфолио инвестиции“ му се дава одобрение за организирање на два отворени инвестициски фонда – „Опфолио прогресивен фонд“ и „Опфолио паричен фонд“.
„Опфолио прогресивен фонд“ првенствено е наменет за вложувачи со инвестициски хоризонт на долг рок и повисок степен на толеранција кон ризикот. Како инвеститори на фондот може да се јават домашни и странски, правни и физички лица, а временски период кој е препорачлив за вложување во фондот е пет години.
„Опфолио паричен фонд“ е наменет за домашни и странски, физички и правни лица, кои се карактеризираат со ниска толеранција на ризик и инвестициски хоризонт пократок од една година.
„Амазон“ е насочен кон вештачка интелигенција и ќе отпушти 14.000 работници
Американскиот технолошки гигант „Амазон“ (Amazon.com Inc.) најави дека ќе отпушти околу 14.000 работници во голема реорганизација на компанијата.
Иако официјалните бројки говорат за кратење на 14.000 работни места, според неофицијални извори, бројката на отпуштени лица може да достигне и 30.000, како што пренесе „Ројтерс“ во понеделникот.
Експертите сметаат дека ваквите потези на „Амазон“ се последица на сè поприсутната употреба на вештачка интелигенција во компанијата, која ја заменува потребата од човечки работници во дел од операциите.