Потрошувачите низ Европската Унија кои бараат поволни понуди ќе почнат да го чувствуваат притисокот од повисоките трошоци за онлајн купување следната недела кога ќе стапи на сила новата давачка, која првенствено е насочена кон Кина. Тоа е нов слој на трговски тензии меѓу двете економии.
Од 1 јули производите во вредност помала од 150 евра ќе подлежат на давачка од три евра. Мерката има цел да го забави приливот на евтина стока надвор од ЕУ што се продава преку веб-страници како Шејн (Shein) и Тему (Temu).
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Регрес за годишен одмор
Најнискиот задолжителен износ се менува секој месец, како што се менува просечната плата. Па така, исплатата во јули годинава е за над 1.300 денари поголема од јули лани.
Горната граница за исплата на регресот за годишен одмор не е дефинирана, но дефинирани се давачките кон државата. Максималниот износ кој компаниите можат да го платат на своите вработени во јули, без дополнителни давачки, изнесува 80 отсто од последните три просечни плати.
Просечната исплатена плата во периодот од февруари до април годинава, според вчерашното соопштение на Државниот завод за статистика, изнесува 47.788 денари, што значи дека највисокиот износ во јули може да изнесува 38.230 денари по вработен.
Се разбира дека работодавците можат и повеќе да го одврзат паричникот, но секоја исплата над 80 отсто од нето платата е непризнат расход и за него се плаќа данок на добивка.
Нов буџетски ребаланс со фокус на инфраструктура
Министерството за финансии информира дека со ребалансот се создава рамнотежа меѓу фискалната одговорност и потребата од забрзан економски развој, при што се очекува подобрување на животниот стандард преку засилена инвестициска активност.
Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари, што претставува умерен раст во однос на првичниот буџет.
На расходната страна, вкупните издатоци се зголемуваат на 425,2 милијарди денари, при што дел од средствата се пренасочуваат кон приоритетни потреби, вклучително субвенции, социјални надоместоци, поддршка на ранливи категории граѓани и подобрување на стандарди во образованието, спортот и јавните услуги. Посебен акцент е ставен на капиталните инвестиции, кои достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за 14,5 проценти, со што, како што истакнува Владата, развојната компонента станува клучен двигател на буџетската политика.
Раст на просечната плата
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април 2026 година, изнесуваше 48.779 денари. Во однос на април 2025 година, просечната плата е зголемена за 7.3 отсто, објави Државниот завод за статистика.
„Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување за 27.0 отсто, снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 9.4 отсто и трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли за 9.2 отсто“, соопшти ДЗС.
На месечно ниво најголем раст бележат просечните плати во финансискиот сектор, над 20 отсто. Во најплатениот сектор пак, информации и комуникации, во април просекот се намалил.
Како ВИ може да ви заштеди време?
Наместо сами да пребарувате летови, хотел и време потребно за трансфер, опишете ја ситуацијата на вештачката интелигенција (ВИ). На пример: „Летам од Белград за Амстердам, имам состанок во понеделник во 10 часот, сакам да престојувам блиску до центарот, а буџетот ми е до Х евра по ноќ“. Ќе добиете предлог-план за патувањето, но задолжително проверете ги добиените информации.
Вклучете ја гласовната опција и кажете му на четботот да ви биде туристички водич во движење - да објаснува што гледате, да ја раскажува историјата на местото и да предлага што да посетите понатаму. Сето тоа додека шетате, без постојано да гледате во екранот.
ВИ може да ви понуди идеи и како да му пристапите на тежок деловен разговор. Објаснете што се случува и што ве загрижува. Не мора да ги следите советите, но кога ќе ги видите аргументите и предложениот пристап, ситуацијата може да ви изгледа помалку комплицирана.
Регистрациите на нови возила во Европа се зголемија
Продажбата на автомобили во Европа порасна четврти месец по ред во мај, бидејќи потрошувачите купуваа подостапни електрични и хибридни модели, иако растечката инфлација почнува да остава последици врз побарувачката.
Регистрациите на нови возила се зголемија за 3,6 отсто, на 1,15 милиони единици минатиот месец, соопшти во вторникот Европската асоцијација на производители на автомобили. Продажбата порасна на големите пазари, вклучително Франција и Обединетото Кралство, при што испораките на електрични и хибридни автомобили го надоместија падот кај возилата со мотори на фосилни горива.
Побарувачката за електрични возила добива поттик од високите цени на горивата, бидејќи конфликтот на Блискиот Исток ограничува дел од глобалното снабдување со нафта. Додека плаќаат повеќе на бензинските станици, потрошувачите стануваат сè позагрижени и поради војната со Иран и нејзините долгорочни последици врз цените.