Владата го усвои ребалансот на Буџетот за 2026 година, со кој се зголемуваат капиталните инвестиции и се обезбедуваат дополнителни средства за инфраструктурни проекти, социјална поддршка и повеќе области од јавниот сектор. Министерството за финансии информира дека со ребалансот се создава рамнотежа меѓу фискалната одговорност и потребата од забрзан економски развој, при што се очекува подобрување на животниот стандард преку засилена инвестициска активност.
Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари, што претставува умерен раст во однос на првичниот буџет, додека даночните приходи остануваат речиси непроменети со корекции кај акцизите и ДДВ поради намалување на акцизите на нафтените деривати. Во исто време, неданочните приходи и донациите бележат зголемување, најмногу поради подобра реализација на административните такси, концесиите и европските претпристапни фондови.
На расходната страна, вкупните издатоци се зголемуваат на 425,2 милијарди денари, при што дел од средствата се пренасочуваат кон приоритетни потреби, вклучително субвенции, социјални надоместоци, поддршка на ранливи категории граѓани и подобрување на стандарди во образованието, спортот и јавните услуги. Посебен акцент е ставен на капиталните инвестиции, кои достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за 14,5 проценти, со што, како што истакнува Владата, развојната компонента станува клучен двигател на буџетската политика.
Со ребалансот, буџетскиот дефицит се зголемува на 4,1 проценти од БДП, односно 46,1 милијарди денари, при што од Министерството за финансии нагласуваат дека зголемувањето е резултат на повисоки капитални расходи, а не на тековна потрошувачка. Финансирањето на дефицитот и отплатата на јавниот долг, кој изнесува 76,4 милијарди денари, ќе се реализира преку комбинација на домашно и странско задолжување, како и преку меѓународни финансиски институции и пазарите на капитал.
Од Владата порачуваат дека фокусот останува на реализација на стратешки инфраструктурни проекти во патната, железничката, енергетската, образовната и еколошката сфера, со цел долгорочно подобрување на квалитетот на живот и поттикнување на економскиот раст, додека истовремено се најавува постепена фискална консолидација и одржливо управување со јавниот долг.