Нов проект на „Трамп организација“ (Trump Organization) – луксузно одморалиште на Малдивите, вредно 300 милиони долари, ќе се гради во партнерство со саудискиот гигант „Дар глобал“ (Dar Global Plc.). Според заедничко соопштение, овој комплекс ќе вклучува 80 ексклузивни вили, сместени на плажа, но и на вода, а се очекува да биде завршен до крајот на 2028 година.
Со оваа соработка партнерите ќе го направат првиот чекор кон токенизација на хотелскиот развој. Тоа значи дека инвеститорите ќе имаат можност да купат дел од проектот преку блокчејн-технологија.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Водоводџиите, фризерите, молерите остануваат човечки професии
И покрај брзиот напредок на автоматизацијата, голем дел професии ќе опстанат, особено оние што бараат човечки вештини што машините тешко ги имитираат. Истражувањата на „Мекинзи“ (McKinsey) покажуваат дека целосна автоматизација е можна кај помалку од пет отсто од сите занимања – повеќето работни места содржат задачи што само делумно можат да ги извршуваат машини.
Општо земено, најотпорни на автоматизацијата се професиите што вклучуваат физички труд во непредвидливи средини, директна работа со луѓе (каде што се неопходни емпатија и човечка комуникација), креативност и уметност, како и стратегиско размислување и донесување одлуки во несигурни околности. На сите овие профили се надоврзуваат и занаетчиите, без кои светот нема да може да функционира.
Зголемување на границата за пензионирање за спас на ПИОМ
До 2030 година возраста за пензионирање треба да стигне до 67 години, а зголемувањето на границата треба да се врши постепено, за одреден број месеци секоја година, пишува професорката Шпреса Алија од Универзитетот на Југоисточна Европа во колумната објавена на веб-страницата на Фискалниот совет.
Покрај тоа, таа предлага и постепено зголемување на придонесите или нивно враќање на претходното ниво. „Можна алтернатива е да се најде компромис помеѓу работодавците и вработените, каде што, на пример, работодавецот плаќа 17, а вработениот 5 отсто од придонесите“, пишува Алија.
Другите мерки што треба да се преземат за намалување на ризиците по пензискиот систем се: зајакнување на вториот и третиот столб, хармонизација на пензиите во согласност со препораките на Светската банка, поттикнување на развојот на приватни пензиски фондови, намалување на неформалната економија, дигитализација на процесот на собирање придонеси и воспоставување посилни контроли против неформалноста, пишува таа.
Кои се најуспешните банкарски акции во Македонија?
„Комерцијална банка“ е најуспешната банкарска акција на Македонската берза во последните две години, со принос од речиси 160 проценти. „Комерцијална банка“ е исто така најголема според пазарната капитализација (64 милијарди денари). По неа следува „УНИ банка“ со принос од 150 проценти. Двете акции остварија повисоки приноси од индексот Stoxx Europe Banks, кој се зголеми за околу 110 проценти во набљудуваниот период. Акциите на „Стопанска банка Скопје“ и „НЛБ банка“ остварија принос во рамките на европскиот банкарски индекс.
Повеќето банки се во мнозинска сопственост на странски банки и имаат мал „free float“ (количество на акции достапно за мали инвеститори на берзата), што доведува до ниска ликвидност на акциите. „Комерцијална банка“ има повеќе од 80 проценти од своите акции во „free float“, што ја прави најликвидна банкарска акција на пазарот - делумно објаснувајќи го нејзиниот силен перформанс.
Ексминистер за финансии на САД се повлекува од јавниот живот поради врските со Епстајн
По откривањето на неговата кореспонденција со починатиот сексуален престапник Џефри Епстајн, поранешниот претседател на „Харвард“ и поранешен министер за финансии на САД, Лари Самерс, најави дека ќе се повлече од јавните ангажмани. Во понеделникот Самерс презентира изјава за своето повлекување, истакнувајќи дека „длабоко се срами“ за своите дејства и дека ќе преземе „полна одговорност“ за продолжената комуникација со Епстајн, и признава дека неговата одлука била „погрешна“.
Самерс, кој во моментот е професор на „Харвард“ и платен коментатор за „Блумберг ТВ“ (Bloomberg TV), истакна дека ќе продолжи да ги исполнува своите обврски во наставата, но ќе се повлече од јавните ангажмани како дел од неговиот напор за „обнова на довербата и поправка на врските со луѓето најблиски до него“.
Стравот од санкции привремено ги кочи испораките на руска нафта кон Кина
Проширените санкции врз кинеските пристаништа и рафинерии ги задушуваат испораките на руска и иранска нафта кон најголемиот увозник во светот, иако новите механизми за заобиколување на мерките сугерираат дека забавувањето може да биде краткотрајно.
Големите државни преработувачи привремено ги стопираа набавките на ЕСПО, суровата нафта што го сочинува најголемиот дел од кинескиот увоз од Русија по американските санкции врз компаниите „Роснефт“ (Rosneft PJSC) и „Лукоил“ (Lukoil PJSC). Насочувањето на Вашингтон кон нафтениот терминал во Рижао, кој обработуваше околу една десеттина од кинескиот увоз на сурова нафта, дополнително ги намали иранските испораки.