Новите надежи за крај на војната во Украина ја намалуваат цената на гасот во Европа. Европскиот природен гас падна под 30 евра за мегават-час за првпат по повеќе од една година, главно поради зголемениот увоз и преговорите за прекин на војната меѓу Русија и Украина.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Прашавме колку македонски возачи би се префрлиле на електричен автомобил
Само 25 проценти од македонските возачи би се префрлиле на целосно електричен автомобил, 23 проценти би го сториле тоа во зависност од развојот на инфраструктурата, а останатите 52 проценти воопшто не би се префрлиле на возила со електричен погон. Ова се резултатите од анкетата што ја спроведе „Блумберг Адрија“ на „Линкдин“ во текот на два работни дена во изминатата недела.
Тие покажуваат дека македонските возачи размислуваат приближно исто како и германските во однос на ова прашање. Имено, Германскиот автомобилски клуб (АДАК) неодамна пренесе истражување според кое околу една третина од германските возачи планираат да се префрлат на целосно електрично возило.
Раст во втора: Лизинг индустрија во Македонија
Од почетокот на оваа година во земјава се регистрирани 4.617 нови патнички возила, според податоците што ги собира австриско-унгарската компанија „Цеауто“ (CEauto GmbH), која се фокусира на истражување и анализа на автомобилската индустрија во Централна и Источна Европа. Според процените на домашната лизинг индустрија околу 40 отсто од овие возила се на лизинг.
Иако лизингот најчесто се поврзува со возилата, Марјан Манчев, директор на „Шпаркасе Лизинг“ и претседател на Асоцијација на лизинг друштва во Македонија вели дека во последните години ситуацијата се менува и со лизинг почнува да се финансира се што е подвижно, што не се вградува и има сериски број за идентификација.
Тест на „ауди A5 авант кватро“ – волк во овчја кожа
„Елегантните, а во исто време динамично мускулести дизајнерски линии, на поглед и зад воланот делуваат како совршено скроен и филигрански изработен капут од рацете на мајстори на познатите италијански брендови.“
Тоа е дел од запишаното пред повеќе од една деценија, кога првпат седнав зад воланот на тогаш новиот модел на „ауди“ (Audi A5). Иако од записките јасно се чувствува значителното влијание на волшебната природа и архитектонски импресивната околина на езерото Комо во Ломбардија, каде беше организирана презентацијата за „ауди“ - необично смелиот автомобил, прва генерација, беше врвно дело на италијанската дизајнерска школа.
Луксузниот пазар повторно ќе има раст во 2026 година, проценува „Бејн“
Пазарот на лични луксузни производи би требало да се врати на раст во 2026 година, по две години стагнација, оценува една од најголемите светски консултантски компании „Бејн“ (Bain & Co.).
Продажбата на луксузни производи, вклучувајќи накит, кожени чанти, чевли и конфекциска мода, веројатно ќе расте меѓу три и пет отсто следната година, пресметано по константни девизни курсеви, проценува „Бејн“ во својот извештај за состојбата со побарувачката за луксуз.
„Сауди Арамко“ размислува да обезбеди милијарди со најголемата продажба на средства досега
„Сауди Арамко“ (Saudi Aramco) разгледува планови да собере милијарди долари преку продажба на разни средства, велат добро упатени извори, посочувајќи дека тоа се зделки што би можеле да претставуваат најголема продажба на средства во историјата на компанијата.
Компанијата како дел од плановите ја разгледува и можноста за продажба на удел во своите терминали за извоз и складирање нафта, велат анонимните извори. Некои банки веќе биле повикани да достават понуди за улоги во изработката на студии за реализација на овие продажби, кои би можеле да надминат 10 милијарди долари, додаваат тие.