Нема договор за зголемување на минималната плата пред законскиот рок - март следната година. По вчерашната средба меѓу социјалните партнери во Владата, работодавците и синдикатите не се договорија, а Владата повтори дека ќе прифати решение кое ќе го договорат двете страни. ССМ исто така повтори – ако нема раст на минималецот, ќе има протести.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
ББА анализа: Зошто регионот Адрија е привлечна инвестициска алтернатива?
Глобалниот биковски пазар продолжи во 2025 година. Сепак, растечките геополитички и макроекономски ризици дополнително ја нагласуваат важноста на диверзификацијата на портфолиото. Во ова опкружување, регионот Адрија се издвојува како привлечна инвестициска алтернатива, нудејќи поповолни вреднувања и солидна фундаментална поддршка во споредба со повеќето развиени пазари.
И покрај силните перформанси во последните години, пазарите како што се Хрватска и Словенија продолжуваат да се тргуваат со релативно ниски цена /заработка (P/E) мултипли, што укажува дека растот на индексот е поттикнат првенствено од проширување на заработката, а не од преоценување на вреднувањето. Регионот е дополнително диференциран по своите високи дивидендни приноси, што може да обезбеди стабилен извор на принос и заштита од пад за време на периоди на корекции на пазарот.
Јутјуб за бебиња: Како апликациите го менуваат животот на малите деца
Во денешно време мобилните уреди и апликации станаа неизбежен дел од нашето секојдневие, а сѐ почесто ги користиме и за да ги забавуваме и едуцираме децата. За многумина овие уреди изгледаат како неопходна алатка за да го задржат вниманието на малите деца, особено во време кога дигиталните содржини се сè подостапни и привлечни. Сепак, она за што релативно малку се зборува отворено е колку оваа рана изложеност на екрани може да има сериозни последици на психолошкиот, когнитивниот и физичкиот развој на бебињата и малите деца.
Според експертите, особено ранливи на овие влијанија се токму бебињата и малите деца. Дора Попова Узуновски, психолог и гешталт-терапевтка, објаснува дека првиот контакт со мобилни уреди на оваа возраст може да има далекосежни последици. „Честото и неконтролирано гледање во мобилни уреди кај бебињата и малите деца може да влијае на многу аспекти од нивниот развој, особено во раните години, кога мозокот се формира со исклучителна брзина“, вели таа.
Кредитирање со помош на „робот“ – како македонските банки користат ВИ?
Денес сите зборуваат за вештачка интелигенција (ВИ), а ништо поинаква не е ситуацијата и во банкарскиот сектор. И покрај тоа што анализата на „Блумберг Адрија“ покажа дека на банките во регионов одлично им оди и без примена на ВИ, неодамнешната анкета на Народната банка покажа дека речиси половина од македонските банки (46 проценти) во наредните три години планираат да вложат во вештачка интелигенција за потребите на вршењето на банкарските активности.
Ние, пак, прашавме неколку од поголемите банки во земјава дали и како користат вештачка интелигенција во моментов и што планираат на тоа поле во периодот што следува. Добивме одговори од „Комерцијална банка“ и од „НЛБ банка“.
Бакарот се приближува до рекордни 12.000 долари за тон
Цената на бакарот постави нов рекорд и се приближи до вредност од 12.000 долари по тон на самиот крај на исклучително бурната година, обележена со напнатости во трговските односи, ограничена понуда и оптимизам во врска со долгорочната побарувачка.
Пред самиот крај на годината, бакарот на Лондонската берза на метали е на пат да забележи најголем годишен раст од 2009 година. Цената на овој метал, кој е клучен за енергетската транзиција, порасна во последните неколку месеци поради сѐ поголемите грижи за глобалниот пад на понудата.
„Нетфликс“ рефинансираше дел од кредитот на понудата за „Ворнер Брос“
„Нетфликс“ (Netflix Inc.) рефинансираше дел од кредитот од 59 милијарди долари за да го поддржи потенцијалното преземање на „Ворнер Брос дискавери“ (Warner Bros. Discovery Inc).