Компаниите во финансиската индустрија сè почесто користат ВИ за забрзување на услугите и намалување на трошоците. Кон крајот на минатата година, „ИНГ група“ (ING Groep NV) соопшти дека речиси 1.000 работни места се под ризик поради „дигитализацијата, ВИ и променливите потреби на клиентите“, а вчера примарната осигурителна единица на „Минхен ре“ (Munich Re), „Ерго“ (Ergo), најави дека планира да укине околу 1.000 работни места во Германија, како резултат на зголемената употреба на вештачка интелигенција.
Намалувањата се однесуваат на едноставни и повторливи задачи во телефонските услуги и обработката на штети, изјави портпарол во вторникот. Процесот ќе се спроведува во период од пет години, до крајот на 2030 година.
Добро утро од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Во продолжение, и останатите пет вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Дури 30.000 евра за гаража - уште еден рекорд во Скопје
Градежната експанзија предизвика хроничен недостиг од паркинг-простор во Скопје, па цените на гаражите достигнуваат неверојатни суми. Според податоците на Катастарот за првата половина од минатата година, најскапата гаража чинела 30.000 евра.
Станува збор за гаража од 24 квадратни метри во скопски Аеродром, за која купувачот платил 1.854.000 денари. Еден квадрат, според нотарскиот акт, чини близу 1.260 евра односно 77.250 илјади денари. Во огласите има многу слични цени. Во Дебар Маало се продава ѕидана гаража од 16 квадратни метри за 19.000 евра. Во Центар исто така се продаваат и две подземни гаражи (35 квадрати) за 30.000 евра. Нешто поевтино е во Кисела Вода, каде што 12 квадрати чинат 8.100 евра.
ББА-анализа: Се очекува двоцифрен раст на цените на недвижностите во Македонија во 2026 година
Градежништвото останува еден од клучните столбови на економиите на регионот Адрија, со просек од 5,5 проценти од БДП, при што Хрватска е водечка со 6,7 проценти во 2025 година, поддржана од фондовите на ЕУ, обновата по земјотресот и силните инвестиции во инфраструктурата.
Во последниве години секторот ги зајакна својата макроекономска важност и продуктивност, при што просечната додадена вредност по градежен работник се искачи на 32.000 евра во 2024 година, 9.000 евра повеќе отколку во 2019 година, зголемувајќи ја регионалната продуктивност на 52 процента од просекот на ЕУ27.
Семејството кое го изгради Катар за Мундијалот сега гради во Сирија
Во 2017 година, за време на ембаргото врз Катар предводено од Саудиска Арабија, домашната млекарска компанија „Баладна“ (Baladna) со авиони превезе илјадници крави за да обезбеди снабдување со млеко и стабилно снабдување со храна во Доха.
Зад тој неконвенционален потег стоеше семејството Ал-Кајат, натурализирани катарски државјани со потекло од Сирија. Овој храбар чекор им донесе признание во Катар и им овозможи да профитираат од економскиот подем што следеше. „Еститмар“ (Estithmar Holding QPSC), нивниот водечки конгломерат кој опфаќа градежништво, здравство и туризам, беше најуспешната голема акција во Заливот во изминатата година, со што семејството го зацврсти своето место меѓу најбогатите бизнис-династии во регионот. Сега се подготвени да преземат водечка улога во напорите за обнова на својата татковина.
Здравствени ризици од хербицидот „Раундап“ ќе го чинат „Баер“ 10,5 милијарди долари
„Баер“ (Bayer AG) се подготвува да објави спогодба вредна 10,5 милијарди долари за решавање на сегашните и идните тужби за карцином поврзани со неговиот најпродаван хербицид „Раундап“, велат лица запознаени со планот.
Германскиот конгломерат има намера да предложи колективна спогодба од 7,5 милијарди долари преку случаи поднесени пред државен суд во Мисури, со цел да се решат тужбите за „Раундап“ што веќе се поднесени, како и потенцијалните побарувања што би можеле да се поднесат во период од 20 години. Како дел од напорите, „Баер“ се подготвува да објави и спогодби од 3 милијарди долари за актуелни случаи во САД, во кои поранешни корисници на „Раундап“ тврдат дека изложеноста на хербицидот е поврзана со појавата на не-Хочкинов лимфом, велат изворите.
По Гренланд, данската „кралица на кризите“ размислува за изборна трка
За данската премиерка, обидот на Доналд Трамп да го „преземе“ Гренланд сега изгледа како криза што не треба да се пропушти.
Јавната поддршка се сврте во корист на Мете Фредериксен по нејзиниот судир со администрацијата на САД, оставајќи ја да размислува дали да распише предвремени избори за да го искористи моментот. Гласањето мора да се одржи најдоцна до 31 октомври, но Фредериксен може да ги повика Данците на избори кога и да процени дека е најповолно. „Мете Фредериксен е на врвот кога земјата се соочува со најголемите кризи — таа, всушност, е кралица на кризите“, изјави Ханс Енгел, политички коментатор и поранешен владин министер од редовите на конзервативната опозиција. „Таа напредува во такви ситуации и црпи енергија од околности што изгледаат мрачни и сложени.“