text size
Американскиот претседател Доналд Трамп доживеа тежок изборен удар. Демократите ги обоија во сино и Сенатот и Претставничкиот дом, Трамп честиташе и најави дека ќе стане господин Вето. Историскиот пораз на републиканците донесе раскол во партијата – некој ретерира, некој се подготвува да замине – во секој случај почнува битката за наследник на Трамп.
На републиканците не им помогнаа рекордните суми што ги вложија Маск и другите милијардери од технолошкиот и криптосекторот, а по поразот почнаа анализите: што значи за Трамп убедливата победа на демократите, како Путин ќе ја искористи ослабената позиција на Трамп по изборите, дали Трамп по поразот ќе им стави крај на војните и царинските судири со ЕУ.
Берзите тргнаа надолу. Индустријата на вештачката интелигенција, силата што ги влечеше, сега е под закана за построг надзор од страна на демократите, што беше доволно за Nasdaq 100 да тоне подлабоко. Хуанг од „Енвидија“ изгуби 15 милијарди долари по остриот пад на акциите, а во Азија падот се споредува со 2020 година. Под притисок се и европските акции, а ослабна и доларот.
Според Трамп, вината за сето ова треба да се бара во демократите, а не во тоа што бензинот во САД првпат чини над 4 долари за галон. Нафтата првично падна затоа што се разбуди оптимизмот за крај на војната, но потоа закрепна. Од поразот на Трамп профитираше само зелената енергија.
Прочитајте повеќе:
Кои инвестициски фондови во Македонија имаат најголеми приноси во 2026 година
Ликвидност на „шкрги“: Три месеци за наплата на побарувања, пет за исплата на обврски
Веста на неделата во земјава е „Алта банка“. Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата на банката, а последиците се чувствуваат и во земјава. НБРМ воведе привремена администрација над битолската банка, а граѓаните ги ограничи да можат да трошат само по 10.000 денари неделно. Анализиравме какви финансиски резултати прикажува „Алта банка“ во Македонија, дали имало трансфери од банката кон Русија, што значи привремената администрација, што ќе се случи со парите на штедачите и кој може да биде новиот газда.
Проверивме како помина првата година од примената на глобалниот данок во земјава. Заклучок – доцнеше регулативата, компаниите имаа куп проблеми. Доцни регулативата и за донирање храна, па така сѐ поскапата храна, наместо на нечија трпеза, завршува на депонија.
Анализиравме и дали македонските компании се подготвени за новата реалност што ја обликуваат климатските промени и зошто земјава е толку внимателна кога станува збор за инвестициите во складишта за струја.
Неделата ќе остане запаметена и по тоа што уште еден од најдобрите се повлече. Овој пат станува збор за Кристијано Роналдо, кој се прости од репрезентацијата. Во емотивно видеообраќање до Португалците тој рече дека го враќа назад дресот со бројот 7.