text size
Над 34.600 луѓе во пет земји од Западна Европа починале ова лето од последиците од горештините, покажуваат податоците што неодамна ги собра „Блумберг“. Месечниот извештај на европската програма за набљудување на Земјата „Коперникус“, пак, покажа дека Западна Европа ги забележа најтоплите јуни, јули и август откако постојат мерења. Просечната температура во регионот била за 2,5 Целзиусови степени повисока од просекот за периодот од 1991 до 2020 година
Европските податоци покажуваат дека летните температури оваа година во речиси цела Англија, Велс и Белгија, како и во поголемиот дел од Франција, Шпанија, Италија, Швајцарија и Австрија, биле највисоки откако постојат достапни податоци, кои датираат од 1979 година.
Најмалку 60 отсто од Западна Европа оваа година во текот на 17 дена биле изложени на температури повисоки од 30 Целзиусови степени, а рекордни 52 отсто од европскиот континент ова лето биле изложени на температури од најмалку 38 степени, што, според скалата на „Коперникус“, се смета за „многу силен“ топлотен стрес.
Прочитај повеќе
Продуктивност: Како македонските компании прават повеќе со истите ресурси
Просечниот работник во ЕУ годишно генерира повеќе од двојно поголема додадена вредност отколку просечниот работник во регионот Адрија.
09.09.2026
Инвестиции во човечкиот капитал за развој на малите бизниси
На најголемиот број компании што во Македонија ќе пораснат, потоа единствен понатамошен избор им е да се интернационализираат, односно да извезуваат, ако сакаат да преживеат и да бидат конкурентни.
19.12.2025
Уникатна вредност наместо ниска цена за освојување на странските пазари
Секогаш има компании од азиските пазари што можат да си дозволат да бидат поевтини.
16.12.2025
Два паралелни универзуми во македонскиот бизнис-сектор
Се формираат нови компании што се претежно софтверски и услужни и кои се транспарентни од првиот ден од основањето.
17.12.2025
Време е малите бизниси да почнат да планираат на долг рок
Секогаш има некои фактори и кризи што не можат да се предвидат, како што беше пандемијата на ковид или енергетската криза, меѓутоа таквите кризи можат да нѐ научат како да постапуваме понатаму.
17.12.2025
Немилосрдно жешкото и суво време предизвика и смртоносни шумски пожари, го наруши снабдувањето со енергија, ги уништи земјоделските приноси и ги испразни акумулациите и реките. Последиците би можеле да го избришат речиси целиот очекуван раст на бруто-домашниот производ на Европската Унија од 1,1 отсто за оваа година, покажува анализата на „Триодос банка“ (Triodos Bank).
Хидроцентралите и нуклеарките на минимум
Горештините му наштетија на производството на енергенти. Европските хидроенергетски акумулации веќе беа испразнети поради слабите снежни врнежи во текот на зимата. Жешкото и суво лето само го зголеми притисокот. Врнежите низ Европа од јуни до средината на август биле за повеќе од една третина под десетгодишниот просек, покажуваат податоците на „БлумбергНЕФ“ (BloombergNEF).
Во јужна Норвешка, клучен извозник на хидроелектрична енергија во Велика Британија и континентална Европа преку подводни кабли, акумулациите се на најниското ниво во повеќе од една деценија. А на Алпите, резервите во Франција, Италија и Швајцарија се далеку под историскиот просек за овој период од годината. Станиците за следење на реките северно од Алпите забележале стапки на проток што се регистрираат само „еднаш на секои десет до сто години, па дури и поретко“, соопшти Швајцарската сојузна канцеларија за животна средина.
Жешкото и суво време го ограничи производството на нуклеарна енергија бидејќи реките стануваат премногу топли или премногу плитки за од нив да се црпи вода за ладење на реакторите. Исто така, постојат еколошки правила што го ограничуваат испуштањето топла вода назад во реките за да се заштити водниот жив свет.
Франција во јуни и јули забележа рекордни загуби во производството во своите реактори поради жештината, покажуваат податоците на компанијата за податоци ИЦИС (ICIS).
Во Источна Европа ниското ниво на Дунав ги принуди земјите да се потпрат на скап увоз на електрична енергија за да го надоместат недостигот од нуклеарно производство. Еден од двата реактора во единствената нуклеарна централа во Романија беше исклучен кон крајот на јули. Во Унгарија три од четирите реактори во нуклеарната централа Пакш беа исклучени кон крајот на јули и почетокот на август. Пакш е единствената нуклеарна централа во земјата и кога работи со полн капацитет обезбедува околу 40 отсто од електричната енергија во Унгарија.
Климата влегува во енергетската равенка
„Мислам дека токму ваквите примери најдобро покажуваат дека климатските промени и енергетиката повеќе не можат да се разгледуваат одделно. Кога зборуваме за енергетска сигурност, порано главното прашање беше дали имаме доволно јаглен, нафта, гас или производствени капацитети. Денес во равенката мора да ги ставиме и температурата, сушите, водата, екстремните временски настани и отпорноста на инфраструктурата. Затоа јас би рекол дека климатските промени нема само да ја отежнат енергетската транзиција туку и ќе нè натераат поинаку да го планираме целиот систем. Не е доволно системот да биде само чист. Тој мора да биде и отпорен и сигурен во услови што веќе не се исти како пред 20 или 30 години“, вели во разговор за „Блумберг Адрија“ Александар Дединец, научен соработник во МАНУ за енергетика и животна средина.
Според него, климатските промени доаѓаат токму во момент кога побарувачката за електрична енергија повторно почнува силно да расте, поради електрификацијата на транспортот и греењето, клима-уредите и топлинските пумпи, но и поради податочните центри и вештачката интелигенција. Затоа, вели тој, особено е интересна улогата на водата во моментов, затоа што таа постојано добива ново значење.
„Најпрво ја гледаме како ресурс за пиење и за земјоделство и наводнување. Потоа како ресурс за производство на електрична енергија во хидроцентралите. Но водата е потребна и за ладење големи термоцентрали и нуклеарни централи, а денес сè повеќе зборуваме и за нејзината улога при ладењето на податочните центри. Значи, еден ист ресурс станува важен за сè повеќе сектори“, вели тој.
Depositphotos
Климатските промени го променија ритамот во земјоделството
Климатските промени се сериозен предизвик и за земјоделството, европските фармери веќе се соочуваат со недостиг од сточна храна бидејќи изгорените полиња ги принудија уште во текот на летото да ги трошат резервите наменети за зимата. Тоа го нарушува вообичаениот ритам на сточарството. Вообичаено е добитокот во потоплите месеци да пасе, а земјоделците создаваат резерви, а ова лето свежа трева речиси и немаше.
„Климатските промени веќе се економски ризик за фармите. Сушите ги прават достапноста и цената на храната за животни сѐ понеизвесни, а високите температури предизвикуваат топлотен стрес, што влијае врз здравјето, репродукцијата и продуктивноста на животните. Затоа мора истовремено да работиме на обезбедување храна и на подобрување на условите во кои се одгледуваат животните“, вели Тања Котевска, извршна менаџерка на „Гринагро“.
Гоце Георгиевски, менаџер за операции во истата компанија, во видеоизјава за „Блумберг Адрија“ вели дека тоа значи подобро планирање на производството на храна за животни, растителни култури приспособени на локалните климатски услови, правилно складирање и помали загуби. На самите фарми приоритет се достапна чиста вода, вентилација, сенка и соодветно ладење, како и прецизна исхрана за подобра искористливост на храната. Фармите треба да користат податоци за потрошувачката на храна и вода, продуктивноста и здравјето, за да овозможат попрецизно производство и подобра благосостојба на животните.
„Не секое подобрување бара голема инвестиција. Понекогаш промената е во начинот на мешање и распределување на храната, одржувањето на опремата или навременото препознавање проблем. Има документирани примери во кои корекциите во приготвувањето на оброкот дале мерливи резултати во рок од неколку недели, без зголемување на трошоците за храна. Но тоа не е гаранција за ист резултат на секоја фарма“, велат од компанијата.
Подготвени ли се компаниите за новата реалност?
Намалените ресурси подобро можат да се искористуваат ако фармерите се свртат кон циркуларната економија. Во тој случај споредниот производ од една активност ќе стане корисна суровина за друга, објаснува Котевска. Сточарството има природна улога во овој процес, бидејќи дел од биомасата што луѓето не ја јадат може да претвора во храна, а хранливите материи да ги враќа во земјоделското производство.
„На пример, соодветни споредни производи од мелничката, пиварската или прехранбената индустрија можат да се користат во исхраната на животните, со проверена безбедност, хранлива вредност и правилно вклучување во оброкот. Арското ѓубре, со соодветно управување и примена според потребите на почвата и растителните култури, може да замени дел од минералните ѓубрива. Каде што има доволно суровина и економска оправданост, може да се разгледува и производство на биогас“, вели таа.
Колку фармите и другите компании во Македонија се подготвени за идниот период што ќе го обликува климата, нашите соговорници велат дека нема еден одговор.
„Некои од големите и извозно ориентирани компании веќе многу добро разбираат што доаѓа. За нив декарбонизацијата веќе не е прашање на корпоративен имиџ, туку прашање на конкурентност и пристап до европскиот пазар. Со CBAM, кој влезе во дефинитивна фаза во 2026 година, јаглеродната содржина на производот постепено станува економски параметар“, вели Дединец.
Според него, компаниите ќе мора сè повеќе да знаат колкав е нивниот јаглероден отпечаток, од каде потекнува електричната енергија што ја користат, колку може да намалат преку енергетска ефикасност, дали можат да електрифицираат дел од процесите, дали можат да користат сопствена обновлива енергија, a на подолг рок и водород, отпадна топлина, складирање и други нискојаглеродни технологии.
„Токму ова го гледаме и во анализите што ги правиме за декарбонизација на индустријата. Но малите и средните компании многу почесто немаат ниту експерти, ниту време, ниту капитал сами да го направат тоа. Затоа е потребна помош, не само грантови туку и техничка поддршка, зелено финансирање, енергетски аудити, МРВ-системи, пресметка на јаглеродниот отпечаток и подготовка на инвестициски проекти“, вели тој.
Котевска вели дека подготвеноста треба да ја разгледуваме преку можноста за инвестирање, пристапот до знаење и сигурноста дека промената ќе донесе корист.
„Сметам дека решенијата полесно ќе се применуваат кога јасно покажуваат помал трошок, постабилно производство, подобра благосостојба на животните или поедноставна организација на работата. Затоа, пристапот што би го поддржала е практичен: демонстрации на локални фарми, мали пилот-примени со споредливи резултати и советодавна поддршка и по набавката на опремата. За секоја фарма треба да биде јасно колкаво вложување е потребно, какви придобивки се очекуваат и каква стручна поддршка е достапна. Користењето податоци треба да стане дел од секојдневното управување, за одлуките да се темелат на реалните потреби и резултати“, вели таа.
Bloomberg
Индустријата ја плаќа цената на сушата и недостигот од вода
„Затоплувањето предизвикано од човекот веќе ја направи оваа суша потешка отколку што би била поинаку“, вели Доминик Шумахер, предавач на Одделот за наука за еколошки системи на ЕТХ Цирих (ETH Zurich).
Најочигледниот тест за континентот беа прекините во реките. Дури и во септември водостоите на клучните водни патишта беа на ниско ниво, што беше предизвик и за индустријата и за енергетиката.
Реката Рајна е клучна трговска артерија, која го поврзува Ротердам во Холандија - најпрометното пристаниште во Европа - со индустриските центри на Германија. На нејзините брегови се наоѓаат погоните на големи компании, меѓу кои хемискиот гигант БАСФ (BASF SE), производителот на автомобили „Дајмлер“ (Daimler AG), нафтениот гигант „Шел“ (Shell Plc) и производителот на челик „Тисенкруп“ (Thyssenkrupp AG).
Внимателно следениот водомер кај Кауб, клучна тесна точка во Германија, јужно од Келн, на 14 август падна на само седум сантиметри. Тоа е најниското ниво откако почнало водењето евиденција во 1880 година. Водомерот кај Кауб не ја покажува длабочината до речното корито, туку е мерка што операторите и сопствениците на бродови ја користат за да пресметаат колку товар може безбедно да се превезува без пловилото да биде оштетено или да заринка.
Климатските промени го усложнуваат планирањето
Во мали земји како Македонија ваквите промени во расположливоста на еден ресурс многу брзо можат да се почувствуваат низ целиот систем, вели Дединец. Производството на струја од вода е доказ за тоа. Хидроенергијата е важна за земјава, но со сè поголемото учество на сончевата и ветерната енергија, вредноста на хидроенергијата се менува.
„Можеби во иднина уште поважно од тоа колку вкупно GWh ќе произведеме од вода ќе биде кога ќе можеме да ги произведеме. Ако во текот на денот имаме огромно производство од фотоволтаици, хидроцентралите можат да ја зачуваат водата и да произведуваат во вечерните часови, кога сонцето веќе го нема, а потрошувачката е сè уште висока. Тоа е огромна вредност за системот. Но климатските промени го усложнуваат токму тоа планирање. Ако имаме подолги сушни периоди, мора многу повнимателно да управуваме со акумулациите, а притоа водата, како што кажав и во претходниот одговор, не е ресурс само за енергетиката. Таа е потребна за населението, земјоделството, природата и други економски активности. Затоа и во енергетските модели повеќе не е доволно само да кажеме ‘имаме толку MW хидроцентрали’. Треба да гледаме колку вода реално ќе имаме, кога ќе ја имаме и која е највредната употреба на таа вода. Токму тука климатската адаптација и енергетското планирање почнуваат да стануваат една иста тема“, вели соговорникот.
Во изминатите години, особено од енергетската криза во 2022 година, Македонија се соочува со инвестициски бум во соларната енергија. Во 2026 година соларниот капацитет достигна над 1.000 MW и веќе го надмина инсталираниот хидрокапацитет.
„Но мора да направиме многу важна разлика: инсталиран MW не е исто што и сигурно расположлив MW. Фотоволтаикот произведува многу електрична енергија во часови кога имаме сонце, а системот мора да функционира 8.760 часа годишно. Затоа следната фаза на зелената транзиција не е само ‘уште повеќе солар’. Потребни се: ветер, батерии, реверзибилни хидроцентрали, флексибилни производствени капацитети, управување со потрошувачката, силна мрежа и функционален регионален пазар“, вели Дединец.
Соларната енергија е тука, складирањето е следно
Дека Македонија многу брзо ги изгради своите соларни капацитети потврдува и Пабло Муњоз, директор за развој на бизнисот во „Максен“ (Maxxen). Според него, следниот чекор е складирањето на таа енергија.
„До крајот на 2025 година Северна Македонија имаше околу 1,2 GW приклучени соларни капацитети. Во однос на побарувачката за електрична енергија, тоа е приближно исто количество соларни капацитети како во Швајцарија. Кај складирањето ситуацијата е поинаква. Најголемиот лиценциран батериски систем во земјата има капацитет од 10 MW / 20 MWh, додека Швајцарија веќе има 1,38 GWh батериски капацитети во функција“, споредува Муњоз.
Во Македонија за годинава се одобрени околу 4,9 GWh капацитети за складирање, а инвеститорите предложиле 7,2 GWh. Од 96 одобрени проекти за складирање, 77 ќе бидат изградени заедно со нови или постојни соларни централи. Законот за енергетика на Северна Македонија од 2025 година поттикнува соларните капацитети и системите за складирање да се градат заедно, така што батериите ќе пристигнат заедно со соларните панели наместо една деценија подоцна, вели тој.
„Батеријата складира електрична енергија кога ја има во изобилство, на пример во сончевите пладневни часови, и ја испорачува кога има недостиг, како за време на вечерниот врв на потрошувачката. Таа, исто така, реагира во рок од милисекунди за да ја одржува стабилноста на мрежата и овозможува преку постојниот приклучок на мрежата да се пренесува повеќе енергија. Низ Европа во 2025 година беа инсталирани 36 GWh нови батериски капацитети, што е раст од 48 отсто во однос на претходната година. Се очекува годишните инсталации да достигнат 138 GWh до 2030 година“, вели Муњоз.
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација, кој го спроведува Свисконтакт. Искажаната содржина не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.