Во Македонија има два паралелни универзуми кога станува збор за планирањето, транспарентноста и отчетноста на компаниите, посочи Васко Карангелески, бизнис-советник од „Брулз“ (Brulz), кој беше дел од панел-дискусијата „Предизвици и најдобри практики во финансискиот менаџмент за мали и средни претпријатија“ што неодамна ја организираше „Блумберг Адрија“.
„Од една страна се формираат нови компании што се претежно софтверски и услужни и кои се транспарентни од првиот ден откога се формирани. Имаме примери на вакви компании што за помалку од две години стигнаа до 10 милиони евра годишен обрт. Од друга страна, во 90 проценти компаниите воопшто не го контролираат и планираат менаџирањето со капиталот за работа. Зборуваме за соодветно менаџирање на побарувањата, обврските, резервите и финансирањето на бизнисот“, рече Карангелески.
Васко Карангелески
Во делот на транспарентноста, тој смета дека културата и организацијата се најбитни.
„Кај нас недостига финансиска писменост, недостига стандардизирање, па потоа користење на технологијата во финансискиот менаџмент. На крајот на денот, ако немаме соодветна организациска структура и комуникација внатре во компанијата и без конкретни, прецизни и навремени информации, ние носиме одлуки за минатото. За жал, тоа е случај кај повеќето компании со кои сум соработувал“, рече Карангелески.
Ограничен пазар
Во однос на проблемите со ликвидноста на малите и средните претпријатија, тој укажа дека тие сочинуваат 98 проценти од целата економија.
„Треба да имаме предвид дека во 2024 година кај повеќе од 15 индустрии за наплата на побарувања се чека повеќе од сто дена во просек. Освен ваквите ‘надворешни’ проблеми во однос на ликвидноста, како што се времето на наплата, ограничениот пристап до финансии итн., сметам дека голем проблем кај нас е големината на пазарот. Ние имаме ограничен пазар, а нашите средни компании се мали во еден поширок контекст“, рече Карангелески.
Тој додаде дека до пред неколку години за многу од нив дигиталните алатки и практики за подобро финансиско управување биле скапи или барале време за инсталација, а некои од нив воопшто не планирале таков развој.
„Базичните алатки, кои сега се поевтини и е неопходно да ги имаат малите и средните претпријатија, се оние што се поврзани со менаџирање на паричните приливи, финансиско работење и сметководствени програми. Ние сега во Македонија имаме програми со финансиско моделирање и прогнози, кои порано експертите ги правеа во ексел-табели. Ако овој процес порано траел неколку недели, сега може да се заврши за еден или два дена. Така што има многу алатки што можат да помогнат во финансиското управување и зголемување на приходите“, рече Карангелески.
Прво стандардизација, а потоа нови алатки
Според него, компаниите што ги прифаќаат новите алатки ќе ја надминат конкуренцијата бидејќи ќе станат поконкурентни, но најпрво е потребна стандардизација на процесите, а потоа воведување нови алатки.
Во однос на прашањето колку дигитализацијата може да помогне за развој на малите и средните претпријатија, Карангелески нагласи дека и најдобриот софтвер на светот не може да помогне доколку луѓето не го прифатат, доколку не се запази процесот и доколку се храни се погрешни податоци.
„Во однос на трошковната структура имавме пример да понудиме услуга што ја дава човек вработен на пола работно време и со автоматизација што чини колку да се плати еден човек годишно. За истата работа до пред три години беа потребни четири лица вработени на полно работно време. Дигиталните алатки се многу достапни и, кога станува збор за прашањето дали се скапи или евтини, мора да се земе предвид дека денес постојат софтверски алатки што лесно можат да го заменат ЕРП и, од аспект на финансиски менаџмент, не би се сметале како иницијална капитална инвестиција туку како директен варијабилен трошок, кој можеме да го имаме додека ни е потребен и да го смениме следниот месец“, рече Карангелески.
Тој информира дека има компании во Македонија што го следат тоа и го користат, а има и такви што сѐ уште се прашуваат дали им треба.
„Факт е дека дигиталните алатки се потребни за да се обезбедат транспарентност и навремени одлуки, за влез на нови пазари, за мерење на работењето според избрани индикатори. Притоа, јас не сум поборник на тезата дека сѐ мора да се дигитализира, туку дека работите, односно процесите, треба прво добро да се постават, потоа да се стандардизираат, па дури потоа да се автоматизираат, односно да се дигитализираат“, рече Карангелески.
Блумберг Адрија
За предизвиците и проблемите во финансиското управување кај малите и средните претпријатија во рамките на тркалезната маса „Not so small talks“ дебатираа пет бизнис-советници. Еден од главните заклучоци од дебатата беше дека бизнис-секторот има енергија, амбиција и идеи, но често нема капацитет и знаење да направи веродостојни анализи и, следствено, да воспостави механизми што ќе бидат своевиден патоказ за одржлив раст на компаниите.
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација што го спроведува „Свисконтакт“. Содржината што е искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.