Малите фирми во Македонија имаат лимитирани ресурси и нивните сопственици гледаат што помал број луѓе да извршуваат повеќе функции, иако тие не се квалификувани, немаат знаење и вештини за вршење на сите тие функции, посочи Никола Деребанов, бизнис-советник од „Вириди“ (Viridi), кој беше дел од панел-дискусијата „Предизвици и најдобри практики во финансискиот менаџмент за мали и средни претпријатија“ што неодамна ја организираше „Блумберг Адрија“.
„Не се инвестира во софтверски решенија што би им помогнале за полесно да ги анализираат податоците, а некои од нив воопшто ги немаат потребните податоци. За да има модернизација, потребни се планови во зависност од големината на фирмата“, рече Деребанов.
Никола Деребанов
Мора да се размислува за извоз
Реалноста е, додаде тој, дека на најголемиот број компании што во Македонија ќе пораснат, потоа единствен понатамошен избор им е да се интернационализираат, односно да извезуваат, ако сакаат да преживеат и да бидат конкурентни.
„Во спротивно, и да направат бренд за кој некој би платил премиум, во иднина конкуренцијата би го изела. Сите компании што имаат некаков потенцијал да растат, мора да размислуваат во која фаза ќе преминат на извоз. Тоа е начинот на кој треба да се размислува кога станува збор за модернизација, инаку никогаш нема да бидат конкурентни во однос на другите производители од регионот, а да не зборуваме за пошироко во Европа“, рече Деребанов.
Од овој аспект, консултантот порача дека е доволно да се погледне кај нашите соседи, за да видиме за колкави пазари зборуваме.
„Да земеме за пример една српска производствена компанија и една македонска компанија. Ако македонската компанија остане на пазар од два милиона жители, како може да ѝ конкурира на српската компанија, која работи на пазар од осум до десет милиони жители. Српската компанија ќе инвестира во многу подобра технологија, ќе има многу поголеми ресурси за извршување на сите потребни функции, вклучувајќи го и финансиското управување“, рече Деребанов.
Аутсорсинг
Тој додаде дека кај нас, за жал, сѐ уште не се прави разлика меѓу сметководство и финансии и дека е потребно приспособување на конкретните услови.
„Малите и средните компании можат некои функции за кои немаат ресурси да ги извршуваат со аутсорсинг, односно да побараат финансиски совет или консалтинг. Во практиката се соочуваме со многу недостатоци кај компаниите. Немаат планирање, немаат буџетирање, немаат јасна анализа на трошоци“, рече Деребанов.
Во однос на оваа проблематика, Деребанов се надоврза дека има компании што не ги познаваат доволно и директните трошоци на производство.
„Затоа, потребно е воведување ЕРП-решенија, меѓутоа тоа ќе биде попусто ако луѓето не го прифатат, ако не го користат, ако не се доволно обучени, ако не ги читаат правилно извештаите и ако не се развие чувство за бројките. Со оглед на тоа што станува збор за систем, доволно е само едно лице да внесе погрешни податоци за на крајот да има целосно погрешен резултат. Затоа, мора цел тим да го користи системот секојдневно, што бара дисциплина. Доволно е само едно лице да затаи за цел систем да затаи“, рече Деребанов.
Тој укажа дека, за среќа, во Македонија имаме софтверски компании што нудат такви решенија и кои се релативно евтини во однос на странските.
„Нашата улога како консултанти понекогаш е да ги убедиме компаниите во придобивките од воведување вакви системи. Тие се неопходни за подобрување на управувањето со финансиите односно ликвидноста. Бидејќи ако една компанија не може со еден клик да добие извештај за тоа кои коминтенти должат или колку доцнат во плаќањето на фактурите, тогаш како да се очекува добар паричен тек. Често се случува компаниите да ни кажат дека вршат одредени финансиски анализи, но се покажува дека тоа не е баш така. Многу сопственици на мали и средни претпријатија мешаат сметководство со финансиско управување, што се две сосема различни работи“, рече Деребанов.
Усогласување со зелената агенда
Ме охрабрува упорноста на Европската Унија, која и покрај сите шокови, особено енергетскиот шок, останува посветена на зелената транзиција со многу амбициозни цели. Тоа ме радува, рече Деребанов во однос на прашањето како зелената агенда може да влијае врз работењето на малите и средните претпријатија.
„Јас сум поборник за тоа дека бизнисите мора да внимаваат што прават и како прават, односно како влијаат на животната средина и на општеството. ЕСГ-стандардите мора да ги спроведуваме. Ако сето тоа се менаџира правилно, нема да се загуби конкурентноста, туку напротив, ако не се прави, може да значи губење на конкурентноста. Од тој аспект има големи притисоци и, како што гледаме, ЕУ планира да го затвори пазарот за сите компании што играат нелојално. Ако една фирма при производството во Азија и во Африка ја загадува околината, во иднина нема да може да продава на европскиот пазар“, рече Деребанов.
Тој додаде дека истовремено треба да се земе предвид дека одредени зелени инвестиции може директно да влијаат на намалувањето на трошоците на компаниите.
„Доколку во една компанија се создаде менталитет да се прави анализа за тоа каде се трошат енергијата и ресурсите, се отвора простор за оптимизација на процесите. Имено, само со анализа на отпадот може да се родат идеи тој да се врати како ресурс во производството, да се создаде нов производ или, пак, да се намали количеството на отпадот“, рече Деребанов.
Од друга страна, тој посочи дека истражувањата покажуваат дека самите потрошувачи веќе ги препознаваат овие зелени бизниси, почнуваат да им веруваат и се подготвени да платат одреден премиум за нивните производи.
„Значи, ако вие инкорпорирате одредени зелени технологии и го намалите влијанието врз животната средина, потрошувачите, барем во развиените држави, се подготвени да платат нешто повеќе за вашиот производ“, рече Деребанов.
Тој укажа дека, за жал, Македонија сѐ уште е далеку од глобалните финансиски текови за да може една извозно ориентирана фирма преку издавање зелени обврзници на пазарот да побара капитал за одредени инвестициски проекти за одржливост, но преку сертификација е можно да се обезбеди напредок.
„Мора да земеме предвид дека ако утре регулативата за пласман на странските пазари бара производство со зелени технологии, тогаш домашните претпријатија ќе мора да се приспособат, бидејќи во спротивно ќе ги загубат пазарите. Веројатно е дека Европската Унија ќе опстои во ваквите политики, што значи дека е извесно дека овие промени ќе се случат, што, според мене, е правилно, бидејќи во спротивно ќе се самоуништиме“, рече Деребанов.
Менаџерите не мора да бидат алфа и омега
Во однос на прашањето какви решенија да се понудат за да им се помогне на малите и средните претпријатија, Деребанов смета дека не постои универзално решение, но на долг рок главна препорака е да се инвестира во човечкиот капитал, во организацијата и процесите на фирмата.
„Кога има силна структура, потоа лесно се следат промените, се анализираат пазарите и компанијата расте и станува попрофитабилна. Истовремено, со компанијата треба да растат и вработените, менаџерите и сопствениците. Притоа, треба да се премине една психолошка граница кај сопствениците односно менаџерите, односно да не мислат дека треба да бидат алфа и омега во фирмата, бидејќи тоа ќе го ограничи растот, а тоа сме го сретнале многупати. Нашата улога како бизнис-советници е да пробаме да ги убедиме компаниите да инвестираат во човечкиот капитал, во знаењето на вработените и на менаџерите, за да можат да ги спроведат промените што се неопходни за раст на компаниите“, заклучи Деребанов.
Блумберг Адрија
За предизвиците и проблемите во финансиското управување кај малите и средните претпријатија во рамките на тркалезната маса „Not so small talks“ дебатираа пет бизнис-советници. Еден од главните заклучоци од дебатата беше дека бизнис-секторот има енергија, амбиција и идеи, но често нема капацитет и знаење да направи веродостојни анализи и, следствено, да воспостави механизми што ќе бидат своевиден патоказ за одржлив раст на компаниите.
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација што го спроведува „Свисконтакт“. Содржината што е искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.