text size
Економијата на еврозоната порасна повеќе од очекуваното во вториот квартал, покажувајќи дека и натаму успешно се справува со последиците од војната со Иран.
Бруто-домашниот производ (БДП) порасна за 0,4 отсто во однос на претходните три месеци, откако на почетокот на 2026 година економијата стагнираше. Тоа е најсилен квартален раст во повеќе од една година и е над процената од 0,2 отсто во анкетата на „Блумберг“. Германија, Франција, Италија и Шпанија забележаа економски раст.
Податоците објавени во четвртокот покажуваат дека земјите од еврозоната успешно се спротивставуваат на нарушувањата и неизвесноста предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток, и покрај скокот на цените на нафтата, кој ја поттикнува инфлацијата, ги оптоварува буџетите на домаќинствата и ги ограничува инвестициите. Последните економски показатели укажуваат на натамошно подобрување, иако воените дејства и понатаму фрлаат сенка врз мировниот процес меѓу САД и Иран. Во јули се подобри и деловниот оптимизам во Германија и Франција.
Прочитај повеќе
Лагард ја остави отворена можноста за зголемување на каматите во септември
Иако Европската централна банка ги задржа каматите на денешниот состанок, растот на цените на енергентите и новата ескалација на Блискиот Исток ја враќаат инфлацијата во фокус.
23.07.2026
ЕЦБ не ги промени каматите, но нафтените шокови ја држат на штрек
Неизвесноста останува висока и целосното инфлаторно влијание од енергетскиот шок сè уште не се манифестирало, наведе централната банка во своето соопштение.
23.07.2026
Трговските тензии ја ослабеа кредитната активност во еврозоната, оценува ЕЦБ
Во пресрет на новата одлука за каматните стапки, ЕЦБ предупредува дека слабата кредитна активност и натаму го ограничува закрепнувањето на економијата во еврозоната.
15.07.2026
Сепак, според Европската централна банка (ЕЦБ), целосното влијание од првичниот енергетски шок „допрва ќе се почувствува“. Иако овој месец ги задржа каматните стапки непроменети, ЕЦБ предупреди дека постојат ризици инфлацијата да биде повисока од очекувањата, а економскиот раст послаб. Некои од носителите на монетарната политика се наклонети кон уште едно зголемување на каматните стапки по она во јуни, а инвеститорите очекуваат ново зголемување во септември.
Економијата на еврозоната расте со најбрзо темпо во повеќе од една година
Бруто-домашен производ
Bloomberg
Што велат економистите на „Блумберг економикс“...
„Посилните податоци за економскиот раст го зајакнуваат нашето очекување дека Управниот совет на ЕЦБ во септември ќе ги зголеми каматните стапки за уште 25 базични поени.“
- Симона Деле Кајие, главна економистка за еврозоната
Инфлацијата во Шпанија во јули порасна повеќе од очекуваното и достигна 3,8 отсто, додека и регионалните податоци од Германија покажаа забрзување на растот на цените. Податоците што треба да бидат објавени в петок се очекува да покажат дека инфлацијата во еврозоната благо забрзала на 2,9 отсто. Гувернерот на Централната банка на Словачка, Петер Казимир, оваа недела изјави дека ЕЦБ ќе мора најмалку уште еднаш да ги зголеми трошоците за задолжување за да спречи инфлациските ризици да излезат од контрола.
Економскиот раст на Германија од 0,2 отсто во вториот квартал претставува забавување во споредба со неочекувано силниот почеток на годината, кој во четвртокот беше ревидиран нагоре на 0,4 отсто. Сепак, економската активност останува поотпорна отколку што се очекуваше, а големите инвестиции во инфраструктурата и одбраната, како и оптимизмот околу реформите, ги подобруваат изгледите.
Според германското Министерство за економија, серијата на позитивни економски показатели упатува на закрепнување во втората половина од 2026 година, иако перспективите и понатаму зависат од непредвидливиот развој на настаните на Блискиот Исток.
Економскиот замав се разликува низ еврозоната
Бруто-домашен производ во вториот квартал
Bloomberg
Францускиот министер за финансии Ролан Лескир изрази оптимизам, оценувајќи дека Франција успешно се справува со неповолните околности и дека најновите податоци ја потврдуваат владината прогноза за економски раст од 0,7 отсто оваа година. Сепак, тој предупреди дека остварувањето на целта за намалување на високиот буџетски дефицит станува сè потешко.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони исто така се соочува со предизвик да ги исполни фискалните барања на Европската Унија, додека се обидува да ги заштити граѓаните од најтешките последици од кризата пред изборите следната година. Но економскиот раст од 0,2 отсто во вториот квартал е позитивен сигнал за земјата, која како втор најголем потрошувач на природен гас во Европската Унија е особено изложена на растот на цените на енергентите предизвикан од конфликтот со Иран.
И италијанската влада и централната банка очекуваат економски раст од 0,6 отсто за целата година, а министерот за финансии Џанкарло Џорџети оцени дека податоците објавени во четвртокот ја потврдуваат исправноста на тие прогнози.
„И покрај неповолната меѓународна ситуација, италијанската економија расте повеќе од очекувањата, па дури и повеќе од претпазливите проекции на јавните финансии“, изјави тој.
Во меѓувреме Шпанија повторно ги надмина другите големи економии, со раст на БДП од 0,7 отсто, што е повеќе од очекувањата на аналитичарите. Растот беше поттикнат од стабилната потрошувачка на домаќинствата, успешната интеграција на мигрантите, закрепнувањето на туризмот и приливот на средства од фондовите на Европската Унија. Истовремено, земјата бележи најсилни резултати на пазарот на трудот од светската финансиска криза наваму, како и намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.
„Во вакви тешки и сложени околности, на добар пат сме да ја завршиме 2026 година со економски раст пет пати побрз од оној на Италија, четири пати побрз од Германија и трипати побрз од Франција“, изјави неделава шпанскиот премиер Педро Санчез.
Шпанската влада прогнозира дека БДП на земјата ќе порасне за 2,6 отсто во текот на 2026 година.