На еврозоната ѝ претстои мрачна зима, бидејќи рецесијата загризува откако двоцифрена инфлација го зафати регионот, а има и војна што беснее во соседството, нагласи Европската комисија.
Претставниците на Европската Унија денеска во Брисел ја намалија прогнозата за раст следната година, предвидувајќи едвај некаква експанзија, и ги зголемија сите проекции за потрошувачките цени. Тие сметаат дека економијата сега се намалува и ќе продолжи со тој тренд во текот на првиот квартал.
„Во услови на зголемена несигурност, високи притисоци во цената на енергентите, ерозија на куповната моќ на домаќинствата, послабо надворешно опкружување и построги услови за финансирање, се очекува ЕУ, еврозоната и повеќето земји-членки да западнат во рецесија“, соопшти Комисијата. „Широките ценовни притисоци се очекува да го поместат врвот на инфлацијата кон крајот на годината“.
Проекциите фрлаат ново светло на предизвикот со кој се соочуваат европските влади и централните банкари додека се обидуваат да ги контролираат трошоците за живот, зголемени поради цената на енергентите, во време кога ноќите се подолги, а температурите паѓаат.
Економијата со која се соочуваат се свива под жестоката тежина на инфлацијата, која достигна ново највисоко ниво во ерата на еврото, од 10,7 отсто во октомври. Комисијата смета дека растот на цените сега просечно ќе изнесува 8,5 отсто оваа година и 6,1 отсто во 2023 година - прогнози што се значително повисоки од оние направени во јули.
Проекцијата за 2022 година за економска експанзија е 3,2 отсто, зголемена само поради перформансите што досега се поголеми од очекуваните. Меѓутоа, за следната година, Комисијата забележува раст од само 0,3 отсто, што е помалку од претходната прогноза од 1,4 отсто.
Германија и Шведска ќе се соочат со најголем удар во рамките на ЕУ
Економијата на Германија, најсилната во Европа, во 2023 година ќе забележи пад поголем од која било друга членка на еврозоната, покажуваат прогнозите. Пошироко, во рамките на ЕУ, единствената друга земја што ќе биде толку тешко погодена е Шведска.
Од 15 земји од еврозоната за кои Комисијата даде квартална прогноза за бруто-домашниот производ, секоја од нив страда од најмалку едно тримесечје на контракција.
„Економијата на ЕУ е на пресвртна точка“ и изгледите „значително ослабеа“, изјави комесарот за економија Паоло Џентилони пред новинарите во Брисел. „Инфлацијата продолжи да расте побрзо од очекуваното, но веруваме дека врвот е близу“, додаде тој.
Закана од гасот
Комисијата предупреди дека многу нешта можат повторно да тргнат наопаку во 2023 година.
„Економската перспектива останува опкружена со исклучителен степен на несигурност, бидејќи руската агресивна војна против Украина продолжува и потенцијалот за натамошни економски нарушувања е далеку од исцрпен“, велат официјалните лица. „Најголемата закана доаѓа од негативните случувања на пазарот на гас и ризикот од недостиг, особено во зимата 2023-2024 година“.
Во врска со економските мерки, членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел, во четвртокот рече дека трошоците за задолжување ќе треба да се зголемат на ниво што ќе ја кочи економијата. Таа се осврна и на заканата од контракција.
„Јасно е дека ризикот од рецесија се зголеми, со оглед на податоците што ги видовме“, рече Шнабел. „Ќе треба дополнително да ги зголемиме стапките, веројатно во рестриктивна територија, за навремено да ја вратиме инфлацијата до нашата среднорочна цел“.