Канцеларот за финансии, Џереми Хант, ќе ги зголемува даноците на оние кои најмногу заработуваат во Обединетото Кралство, во обид да ги стабилизира јавните финансии и да ги заштити најранливите семејства од рецесијата.
Хант рече дека ќе го намали прагот за плаќање на највисоката стапка од 45 отсто на данок на доход на 125.140 фунти (150.000 долари) од досегашните 150.000 фунти. Тоа ќе го прави со низа мерки за помош на пензионерите и посиромашните домаќинства. Луѓето кои заработуваат 150.000 фунти годишно ќе плаќаат дополнителни 1.200 фунти годишно како резултат на оваа мерка, рече тој.
Шефот на Министерството за финансии беше задолжен да „го одржува бродот“ во еден од најхаотичните периоди во британската историја, откако неговиот претходник Кваси Квартенг со нефинансирани даночни намалувања предизвика пад на фунтата.
Откако ја презеде функцијата минатиот месец, тој ја предупреди британската јавност - и ториевците кои го поздравија планот за намалување на даноците - дека ќе мора да донесе „тешки одлуки“ за да ја врати довербата на инвеститорите.
„Денес претставуваме план за справување со кризата со инфлацијата и обнова на нашата економија“, рече Хант вчера во Долниот дом. „Ние исто така ги штитиме ранливите, бидејќи да се биде Британец значи да се биде сочувствителен и ова е сочувствителна конзервативна влада“.
Хант рече дека ќе ги задржи и праговите за плаќање на национално осигурување и данок на наследство до 2028 година, привлекувајќи повеќе луѓе да плаќаат повисоки даноци бидејќи растечката инфлација ги зголемува цените.
Тој најави зголемување на државните пензии и бенефиции за 10,1 отсто, во согласност со инфлацијата, исто така вети и зголемување на минималната плата за 9,7 отсто.