Дизел-горивото на „Макпетрол“ од вечерва по полноќ ќе се продава по цена пониска за три денари од таа објавена од Регулаторната комисија за енергетика. Компанијата уште од вчера ја спуштила цената на дизелот за два денари, а со дополнителното намалување, ова гориво од вечерва ќе се продава за вкупно три денари пониска цена. По промената, дизел-горивото ќе може да се набави за 92,5 денари за литар.
Од компанијата информираат дека и дел од другите горива на бензинските станици на „Макпетрол“ веќе се продаваат за цена пониска од два денари од тие објавени од Регулаторната комисија за енергетика.
„Горивото еуросупер БС-95 на ‚Макпетрол‘ се продава по цена од 84,5 денари за литар, додека литар еуросупер БС-98 чини 86,5 денари“, наведуваат од компанијата.
Прочитај повеќе
Цената на бензините останува иста, дизелот поскапува на 95,5 денари за литар
Малопродажната цена на еуродизелот (Д-Е V) се зголемува за 3,50 денари за литар.
23.03.2026
Цените на горивата ќе останат високи подолго време, вели директорот на банката УБС
Банката ја приспособува стратегијата во неизвесното глобално опкружување.
23.03.2026
Цената на нафтата расте како што отчукува часовникот за ултиматумот на Трамп за Ормуз
Нафтата од типот Брент се искачи над 113 долари за барел, што е раст петти ден по ред, додека Вест Тексас Интермедијет (ВТИ) беше близу 100 долари.
23.03.2026
Мерки против ценовниот шок - Владата го намалува ДДВ за горивата
Без оваа интервенција во ДДВ, утре Регулаторната комисија за енергетика би донела одлука за зголемување на цената на дизелот од 10,5 денари за литар и тој би се продавал за 102,5 денари по литар. Бензините од 86,5 и 88,5 денари би поскапеле на 93 и 95 денари за литар.
22.03.2026
„Блумберг Адрија“ пишуваше дека Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука за определување на малопродажните цени на нафтените деривати со вклучена повластена стапка на додадена вредност од 10 проценти, со што изврши усогласување со измените од Законот за данок на додадена вредност.
Со одлуката малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 не се сменија. Малопродажната цена на еуродизелот (Д-Е V) се зголеми за 3,50 денари за литар, малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголеми за 2,50 денари за литар, а малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголеми за 0,157 денари за килограм.
Според одлуката, од синоќа максималната малопродажна цена на бензинот еуросупер БС-95 изнесува 86,5 денари/литар, на бензинот еуросупер БС-98 изнесува 88,5 денари/литар, на еуродизелот изнесува 95,5 денари/литар, на екстра лесното масло за горење изнесува 92 денари/литар, а на мазутот М-1 НС е 47,610 денари/килограм.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 24.3.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопштија од РКЕ.
Оттаму потенцираа дека доколку останеше на сила ДДВ-то од 18 проценти цената на бензините ќе беше повисока за 6,50 денари за литар, а на дизелот за 10,5 денари за литар, односно максималните малопродажни цени на нафтените деривати ќе изнесуваа 93 денари за литар еуросупер БС-95, 95 денари за литар еуросупер БС-98, 102 денари за литар еуродизел, 99 денари за литар екстра лесно масло и 51,073 денари за килограм Мазут М-1.
Пред одлуката, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) го измени и дополни правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт, со кои ќе се овозможи вонредна реакција на промената на цената на нафтените деривати во делот на данокот на додадена вредност.
Оттаму објаснија дека во Законот за данокот на додадена вредност е определено во кои случаи се предвидува повластена стапка на додадена вредност, односно е предвидено намалување на стапката на данокот на додадена вредност за одделни нафтени деривати. Од РКЕ информираа дека менувањето на стапката на ДДВ директно влијае и на границата за отстапување на маржата, која служи како параметар за заокружување на највисоките малопродажни цени.
„Заради заокружување на највисоките малопродажни цени трговската маржа може да отстапува во граници од: ±0,212 денари/литар при 18 проценти ДДВ, ±0,227 денари/литар при 10 проценти ДДВ ±0,238 денари/литар при 5 проценти ДДВ ±0,250 денари/литар при 0 проценти ДДВ од утврдената трговска маржа“, соопшти РКЕ
Исто така со измените и дополнувањата на правилникот јасно се дефинира во кои услови Регулаторната комисија за енергетика ќе одржува вонредни седници на кои ќе се носат вонредни одлуки за определување на највиски малопродажни цени на одделни нафтени деривати.
„Ако помеѓу две редовни седници со акт се направат промени на износите на надоместоците или даноците или таксите што се вклучени во пресметката, тогаш на вонредна седница се донесува нова вонредна одлука за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, во која се вклучени новите износи на надоместоците или даноците или таксите, а просечната берзанска цена и средниот курс денар/УСД остануваат исти како и во последната одлука за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт“, пишува во правилникот.
Измените на правилникот следуваа откако Владата реши да го намали ДДВ-то за нафтените деривати од 18 на 10 проценти, а за да се амортизира ефектот од поскапувањето на нафтата на светските берзи што е резултат на војната во Иран.