text size
Во Европа примарната селекција на отпадот одамна е стандард, дел од секојдневието и од организираниот систем во кој граѓаните знаат што одвојуваат, институциите знаат што собираат, а отпадот се третира како ресурс, а не како нешто што треба што побрзо да се изнесе од домот и од улица. Во Македонија, пак, приказната сè уште се движи меѓу законски рамки, планови, проекти, пилот-иницијативи, ретки локални обиди, но, за жал, и доцнење што веќе се мери во децении. Па така, најголемиот дел од отпадот и понатаму се собира како мешан и завршува на депонии. Токму во тој јаз меѓу европскиот стандард и македонската реалност се сместува и целата слика за тоа колку доцниме, зошто доцниме и зошто без вистински систем секоја порака за селекција останува само добра намера.