Илон Маск изјави дека бил „многу свесен дека дел од електронската кореспонденција“ со Џефри Епстајн може да биде погрешно протолкувана и искористена за оцрнување на неговото име, во одговор на корисник на платформата X.
Милијардерот изјави дека имал многу малку комуникација со Епстајн и дека претходно одбил покани да го посети неговиот остров или да лета со таканаречениот „Лолита експрес“.
Реакцијата на Маск следува по бранувањето кое во јавноста го предизвика објавувањето на новиот пакет од документи за сексуалниот престапник кој брои околу три милиони страници.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Македонија и рециклирањето пластика
Околу 16 милиони парчиња пластика и лименки биле рециклирани лани во „Пакомак“, а со оглед на растечкиот тренд низ годините, се очекува годинава бројката да изнесува меѓу 18 и 20 милиони. Тоа би значело околу 550-600 тони пластика или околу 30 шлепери балирана пластика. Иако дејствува како солидна бројка, сепак станува збор за само околу 15 проценти од пластиката во земјава. Или, за подобро да илустрираме, бројката би значела како секој жител во земјава за една година да рециклира само 10 шишиња. Далеку од задоволително, нели?
Рециклирањето е глобален проблем, не е само во Македонија, смета Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“, непрофитна компанија, која постои веќе 15 години, а соработува речиси со сите јавни комунални претпријатија во градовите, но и со над 30 приватни компании што имаат соодветни дозволи од Министерството за животна средина за работа со отпад.
Потрагата по минерали ќе продолжи длабоко во морињата
Копање длабоко во морињата е следниот чекор на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во битката за критичните минерали. Со нова извршна наредба, Вашингтон го забрзува процесот на лиценцирање и издавање дозволи за компаниите што имаат интерес да вршат експлоатација на морското дно.
Постои уверување дека делови од Пацификот и други региони содржат големи количества камења, познати како полиметални јазли, кои се полни со никел, бакар и кобалт - ретки елементи што се важни во производството на електрични возила и електроника. Со потпишувањето на извршната наредба, Трамп се спротивставува на доминацијата на Кина врз критичните метали.
Потегот на Трамп да го отвори морското дно за комерцијално копање најверојатно ќе доведе до трка, која ќе ја предводат САД, за ресурсите што се наоѓаат длабоко во морињата, и тоа пред да бидат воспоставени глобалните стандарди за овие релативно нови техники во рударството.
Вештачката интелигенција го тресе пазарот за бакар - металот руши рекорди
Вистинска драма се случува на пазарот на индустриски метали. Кој било што во иднина ќе мора да поставува бакарни цевки за централно греење дома, може да има впечаток дека вградува материјал од злато. Цените на индустриските метали, предводени од бакарот, одат до небо, но причините се подлабоки од класичните економски циклуси.
Главниот двигател на брзиот раст на цената на бакарот е технолошката револуција што се одвива пред нашите очи. Технолошки гиганти како „Мета“ и „Мајкрософт“ вложуваат милијарди долари во инфраструктура за вештачка интелигенција и масовно проширување на дата-центрите, а за сето тоа се потребни огромни количини бакар.
Сепак, дали рекордниот скок на цената, најголем во последните 16 години, е показател за вистинска индустриска побарувачка или за нов шпекулативен балон.
Биткоинот потона под 80.000 долари
Биткоинот забележа остар пад викендов, спуштајќи се под нивото од 80.000 долари и достигнувајќи најниска вредност од април 2025 година, како дел од пошироката распродажба на дигиталните средства на глобалните пазари.
Со тоа, најголемата криптовалута влезе во подлабока корекција, со вкупен пад од над 30 отсто од претходните врвови. Паралелно со биткоинот, и останатите криптовалути забележаа значителни загуби.
Недостигот од побарувачка повторно ги отвори прашањата за улогата на биткоинот во инвестициските портфолија. Откако долго време беше промовиран и како средство за раст и како заштита од монетарна ерозија, биткоинот сè потешко ја оправдува таа позиција. Одливите од спот ЕТФ-фондовите продолжуваат, геополитичките ризици не предизвикуваат зголемена побарувачка, а таканаречени „безбедни засолништа“ и натаму остануваат металите и готовината.
„Енвидија“ ќе учествува во финансирањето на „Опен еј-ај“, но не со 100 милијарди долари
„Енвидија“ (Nvidia Corp.) „апсолутно“ ќе учествува во актуелната рунда на финансирање на „Опен еј-ај“ (OpenAI), но вложувањето „нема да биде ни приближно“ до износот од 100 милијарди долари, изјави извршниот директор Џенсен Хуанг.
Хуанг не сакаше да прецизира колку точно ќе биде вложено, но додаде дека тоа веројатно ќе биде „најголемата инвестиција што некогаш сме ја направиле“.
„Сигурно ќе учествуваме во следната рунда на финансирање, бидејќи тоа е исклучително добра инвестиција“, рече Џенсен Хуанг пред новинарите во Тајпеј. „Големо задоволство е.“
„Енвидија“ и „Опен еј-ај“ во септември соопштија дека потпишале договор за намера кој би овозможил производителот на чипови да инвестира до 100 милијарди долари во компанијата за вештачка интелигенција. „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal) во петокот првично објави дека плановите за инвестиција запреле откако некои луѓе во „Енвидија“ изразиле сомнежи за договорот.