Светскиот економски форум (World Economic Forum) отвори истрага против својот извршен директор Бoрге Бренде поради неговите контакти со осудениот педофил Џефри Епстајн, откако во новообјавените документи на американското Министерство за правда излегоа докази за нивни средби и комуникација.
Одборот на Форумот соопшти дека одлуката е донесена по откритијата за „три деловни вечери“ на кои присуствувал Бренде заедно со Епстајн.
Истрагата доаѓа помалку од две недели по завршувањето на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, каде Бренде имаше истакната улога, вклучително и водење сесија со прашања и одговори со американскиот претседател Доналд Трамп по неговиот контроверзен говор.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Македонија јубилејни 30 години го одложува данокот на депозитите
Годинава се навршуваат 30 години откако во 1996 година прв пат во Македонија беше напишан Закон за персонален данок на доход кој предвидуваше да се оданочуваат каматите на орочените депозити во банките, но тоа никогаш не се спроведе. Во изминативе години различни состави на Владата ветуваа законски измени со кои ќе стапи на сила и одредбата за даночење на каматите на депозитите, но потоа сите ретерираа и го одложуваа спроведувањето за други времиња.
Низ годините во регулативата се интервенираше повеќе пати, законот беше преименуван во Закон за данок на личен доход, а со последните измени од 2023 година стапи на сила и оданочувањето на капиталната добивка од хартиите од вредност и уделите од инвестициските фондови. Истовремено, оданочување на каматите од орочени депозити повторно се одложи за примена до денот на пристапувањето на Македонија во Европската Унија. Како ваквите политики влијаат врз банкарскиот сектор, врз пазарот на капитал и воопшто врз македонската економија?
Хардверот го победува софтверот во ерата на вештачка интелигенција
Вештачката интелигенција во блиска иднина лесно може да ја намали работата на софтверските компании, но за тоа и понатаму ќе и биде неопходен хардвер. Веројатно вака во една реченица може да се опишат причините за тектонските поместувања на берзите каде што деновиве инвеститорите буквално бегаат од акциите на повеќе софтверски компании.
Двигател на овој тренд е мислењето дека вештачката интелигенција веќе покажува заби односно дека многу брзо ќе го загрози „софтверот како услуга“ (SaaS). Од друга страна, тоа нема да оди толку лесно кога е во прашање хардверската индустрија, без која вештачката интелигенција воопшто не би можела да функционира и во која на стартапите им треба многу повеќе време да се пробијат на пазарот поради потребните инвестиции, синџирите на снабдување и регулаторните барања.
ЕЦБ ги задржа каматите
Европската централна банка (ЕЦБ) одлучи да ги задржи каматните стапки непроменети, додека креаторите на монетарната политика ја проценуваат економската цена од зајакнувањето на еврото и обновената неизвесност во глобалната трговија.
Депозитната каматна стапка останува на нивото од 2 отсто, одлука што беше целосно очекувана од економистите анкетирани од „Блумберг“.
Иако претставници на ЕЦБ оценуваат дека актуелната монетарна политика е во „добра позиција“, зголемената неизвесност околу инфлацијата и економскиот раст повторно е во фокус. Причина за тоа се заканите со нови царини од страна на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како и јакнењето на еврото, кое врши притисок врз цените.
Водата исчезнува, а пазарите допрва учат како да заработуваат од неа
Додека Обединетите нации првпат предупредуваат на влегување во период на глобален воден банкрот, состојба во која слатководните системи се исцрпуваат побрзо отколку што можат да се обноват, инвестициите во водата остануваат речиси невидливи, дури и во рамките на фондовите што се декларираат како одржливи.
Според анализата на „Блумберг интелиџенс“ (Bloomberg Intelligence), само околу два отсто од над 2.500 фонда за одржливост имаат значајна изложеност кон акции поврзани со водата, дефинирана како удел поголем од 15 отсто од портфолиото. Станува збор за фондови од ЕСГ, климатски и сродни категории, кои заедно управуваат со повеќе од 100 милијарди долари средства, при што анализата ги опфаќа и специјализираните водни фондови.
Ваквата недоволна застапеност доаѓа во момент кога недостигот од вода станува еден од клучните фактори што го кочат економскиот раст, од енергетиката и индустријата до центрите за податоци, каде што потрошувачката на вода сè почесто се покажува како физичка граница за понатамошен развој.
Копија од 49 долари на лекот за слабеење „вегови“ го потресе пазарот
Помалку од два дена откако „Ново Нордиск“ (Novo Nordisk A/S) ги промовираше своите таблети за слабеење „вегови“ (Wegovy) како едни од најуспешните во последните години, на пазарот се појави копија од лекот.
Акциите на данскиот производител на лекови паднаа во четвртокот откако компанијата „Химс енд Херс“ (Hims & Hers Health Inc.) лансираше поевтина верзија на „вегови“. Падот на акциите следи по тешката недела за „Ново“, кој изгуби околу 60 милијарди долари пазарна вредност откако предупреди дека продажбата на лекот може да се намали до 13 отсто годинава.
„Химс“ соопшти дека нивната копија на лекот ќе се нуди по цена од 49 долари за првиот месец, а потоа 99 долари месечно за оние кои ќе се претплатат на петмесечен план. За споредба, оригиналните „вегови“ таблети на „Ново“, кои беа претставени во јануари, стартуваат по цена од 149 долари месечно.