Бензините поскапуваат, додека дизелот поевтинува, со најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика за промена на цените на нафтените деривати. Според одлуката, евросупер БС-95 ќе се продава за 82,50 денари за литар, а евросупер БС-98 за 84,50 денари за литар, што претставува зголемување од околу 2 денара по литар.
Истовремено, евродизел БС (Д-Е V) поевтинува за 2,5 денари и ќе чини 91,50 денари за литар, додека екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 1 денар и ќе се продава за 96,00 денари за литар. Мазутот М-1 НС бележи благо зголемување и ќе изнесува 46,656 денари за килограм.
Одлуката на Регулаторната комисија стапува во сила од полноќ (28 април 2026 година од 00:01 часот), а во просек цените на нафтените деривати се зголемуваат за 0,40 проценти во однос на претходната пресметка. Оттаму појаснуваат дека промените се резултат на движењата на светските берзи, каде што бензините бележат раст, додека кај дизелот и дел од другите деривати има пад, при што влијание има и курсот на денарот во однос на американскиот долар.
Надлежните истакнуваат дека утврдените цени се максимални, што значи дека трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени од регулираните.