text size
Италијанска компанија што развила дигитална платформа за споделување возила бара стратешки партнери за ширење на нови пазари. На списокот со земји во кои компанијата сака да се шири е и Македонија.
Уште една италијанска компанија бара партнер од земјава. Станува збор за претпријатие што развива модуларна платформа за прибирање, хармонизација и анализа на хетерогени клинички податоци. Како партнери особено се бараат универзитети, истражувачко-развојни организации, болници и технолошки партнери со експертиза во вештачка интелигенција, клиничка информатика, клиничка епидемиологија, процена на здравствени технологии и интероперабилност.
Шпанска компанија, пак, од вселенскиот сектор бара технолошки партнери, но и пионерски клиенти за својата технологија. Пионерските клиенти можат да ги искористат предностите на завршните фази од развојот на технологијата и да придонесат за нејзино приспособување според нивните специфични потреби. И на овој список со земји во кои се бара партнер е и Македонија.
Прочитај повеќе
Македонците „висат“ онлајн, ама се на дното по употреба на ИКТ вештини
Податоците за избрани ИКТ вештини покажуваат дека Македонија значително заостанува зад ЕУ.
26.08.2026
Батериската трка на Балканот: Бугарија заработува, Македонија доцни
Во текот на оваа година земјава треба да добие 96 батериски складишта за електрична енергија. Се работи за системи за складирање на електрична енергија со вкупна инсталирана моќност од 2.027,198 MW.
25.08.2026
Полнењето електричен автомобил во Македонија предизвик за кој уште сме до стратегијата
Заклучно со лани, регистрирани се околу 2.000 електрични автомобили, а поставени се стотина јавни полначи, што е вистински предизвик за возачите.
20.01.2026
Вакви можности што ја вклучуваат и земјава има безброј, а интересот на македонскиот бизнис-сектор за вакви партнерства постепено расте. Сепак, можностите што се нудат се многу поголеми од тоа што домашните фирми го користат, вели во разговор за „Блумберг Адрија“ Габриела Кулебанова, претседателка на Центарот за микро, мали и среди претпријатија при Стопанската комора на Македонија.
Треба да се смени начинот на размислување
„За македонските компании европските програми не треба да се гледаат само како можност за обезбедување финансиски средства, туку како врата кон нови пазари, технологии, знаење и долгорочни партнерства“, вели таа во разговор за „Блумберг Адрија“.
Постојат и квалитетни компании и идеи, она што недостига е начинот на размислување. Според Кулебанова, треба да се промени начинот на кој домашните компании се гледаат во европскиот економски простор.
„Македонските компании не треба да се перципираат само како корисници на грантови туку и како партнери што можат да понудат конкретна технологија, производ, експертиза или пристап до одреден пазар. Но за похрабро учество во овие конзорциуми, на компаниите често им недостигаат искуство и капацитети за подготовка и управување со европски проекти, познавање на процедурите, како и доволно развиени меѓународни деловни мрежи“, вели таа.
ОЕЦД: Македонија има проблеми со клучните сектори
И покрај големиот број можности, македонските компании се соочуваат со многу предизвици што им ја ограничуваат способноста за приближување кон стандардите што се бараат во Европската Унија. Тие предизвици се однесуваат токму на секторите што се носители на економската активност во Европа.
Во најновиот извештај на ОЕЦД се наведува дека македонските мали и средни претпријатија (МСП) во земјава (99 отсто од сите компании) имаат проблеми со зелената транзиција и дигитализацијата – клучните сектори што носат забрзан развој.
Според извештајот, во моментов само околу 25 отсто од овие претпријатија во земјава нудат зелени производи или услуги, при што високите трошоци се посочуваат како главна пречка.
„Ова ја позиционира Северна Македонија меѓу земјите со најслабо развиена поддршка во оваа област во регионот на Западен Балкан и Турција. Дури и таму каде што постојат форми на поддршка, нивната ограничена промоција ја намалува нивната ефикасност: само 18 отсто од МСП се запознаени со достапните владини програми за зелена транзиција“, се наведува во извештајот.
И дигитализацијата е камен на сопнување за македонските компании бидејќи финансиските и кадровските ограничувања го забавуваат усвојувањето на новите технологии. Според извештајот на ОЕЦД, само околу 12 отсто од компаниите применуваат понапредни решенија како што се облачни услуги или електронска трговија. Ова е значително под целта поставена во државната стратегија, според која до 2030 година 75 отсто од претпријатијата треба да користат облак-технологии, вештачка интелигенција или решенија базирани на големи податоци.
„Најчесто наведувана пречка се високите трошоци, при што 65 отсто од МСП сметаат дека набавката и одржувањето на дигиталните алатки претставуваат значителен товар. Проблемот дополнително се продлабочува поради недостигот од дигитални вештини: 24 отсто од МСП го посочуваат ова како сериозен предизвик, што е втор највисок удел во регионот. Ова укажува на поширок проблем со дигиталната писменост кај возрасното население, каде што само 35 отсто поседуваат најмалку основни дигитални вештини“, се наведува во извештајот.
Има позитивни примери
Има компании што направиле чекор и влегле во европски проекти или добиле поддршка преку европски програми, инвестирале во нова опрема, дигитализација, енергетска ефикасност и развој на нови производи и услуги.
„Резултатите не се само финансиски – компаниите стануваат поконкурентни, отвораат нови работни места, ги подобруваат своите процеси и полесно се поврзуваат со странски партнери и пазари. Најважната промена е што постепено се создава поинаква бизнис-култура: компаниите почнуваат да размислуваат регионално и европски, а не само локално“, вели Кулебанова.
Но тој пат не е лесен. Компаниите се соочуваат со сложени процедури, детални критериуми, кратки рокови, потреба од кофинансирање и административни обврски. За малите и средните компании, кои често немаат посебни тимови за европски проекти, ова може да биде сериозна пречка. Дополнителен предизвик е и недостигот од луѓе со искуство во подготовка и управување со европски проекти, вели нашата соговорничка.
„Затоа, потребен е системски пристап. Не е доволно само да ги информираме компаниите дека постојат можности. Треба да им помогнеме да станат подготвени за нив – да ги поврземе со европските партнери, да ги зајакнеме нивните капацитети и да им помогнеме правилно да ги позиционираат своите производи и технологии во европските проекти“, објаснува Кулебанова.