Малопродажната цена на бензинот еуросупер БС-95 и на еуродизелот да се зголеми за 9 денари по литар, додека на безоловниот бензин еуросупер БС-98 да се зголеми за 9,5 денари за литар, одлучи вчера Регулаторната комисија за енергетика.
Со тоа малопродажната цена на еуросупер БС-95 од денес изнесува 104 денари за литар, додека малопродажната цена на еуросупер БС-98 изнесува 106,5 денари за литар. Новата цена на еуродизелот изнесува 95 денари за литар.
Истовремено, малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемува за 8,5 денари за литар и од сега изнесува 93 денари. Од РКЕ соопштија дека цената на мазутот М-1 НС останува 54,64 денари за килограм.
Од РКЕ објаснуваат дека со вчерашната одлука за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, се променети елементите кои влегуваат во структурата при формирањето на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, дефинирани со прописите за акцизи и данокот на додадена вредност.
„Малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 7,96 отсто во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија од 30.05.2022 година. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, како и курсот на денарот во однос на доларот, во денешната пресметка (31.05.2022) се исти со претходната (вчерашната) пресметка (30.05.2022), односно во денешната пресметка извршена е промена само на акцизите и данокот на додадена вредност, дефинирани со прописите за акцизи и данокот на додадена вредност“, соопшти РКЕ.
Всушност, поскапувањето доаѓа откако Владата реши да не ги продолжи антикризните мерки со кои беше намалена цената на горивата односно намалени беа данокот на додадена вредност и акцизата за енергентите.