Нов модел за тарифирање на банките за извршување и порамнување на плаќањата во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), донел Советот на Народната банка на вчерашната седница, соопштија оттаму. Објаснуваат дека моделот се заснова на принципите и практиките на централните банки во евросистемот за фиксни и предвидливи надоместоци според обемот на трансакциите, со што се создава простор за поедноставување и намалување на надоместоците што банките ги наплаќаат од клиентите за извршување на електронските плаќања преку платните системи во земјата.
Во рамките на подготовките за приклучување кон европската платежна шема СЕПА, Народната банка воведува и нова структура на надоместоците за плаќањата во евра од страна на државните органи со значително пониска цена. Наместо досегашните просечни трошоци од 14 евра по трансакција преку кореспондентни банки, ќе се применуваат фиксни надоместоци од 3 евра за електронски иницирани и од 5 евра за хартиени налози.
„Ниските и фиксни надоместоци по трансакција, во споредба со варијабилните надоместоци во зависност од износот на трансакцијата коишто ги налагаат сложените кореспондентски аранжмани со странските банки, ќе доведат до значителна заштеда за државата при извршувањето на плаќањата на државните органи со европските земји, стои во соопштението.
Во него се објаснува и дека одлуката се носи во контекст на приклучувањето на нашата земја кон СЕПА и фазата на усогласување со европските стандарди којашто е во тек, а со која се создава основа за пошироко намалување на трошоците за прекуграничните плаќања во евра, како од страна на Народната банка за државните органи, така и од страна на банките за своите клиенти.
Подоцна во денот гувернерот на Народната банка Трајко Славески изјави дека со оваа промена се поставува поконкурентна тарифна структура којашто ќе овозможи пониски трошоци за електронски плаќања, со директни придобивки за граѓаните и за компаниите.
Трајко Славески, гувернер на Народна банка
„Новото решение е резултат на детални анализи и отворен дијалог со банкарскиот сектор, заради приспособување кон современите пазарни услови и европските практики. Воспоставениот модел ги поедноставува и ги намалува трошоците на банките за порамнување на трансакциите кај Народната банка, што создава простор за намалување и поедноставување на надоместоците што банките ги наплатуваат од граѓаните и од компаниите“, изјави гувернерот Славески.
Одлуката ќе стапи на сила на 1 август, а Народната банка очекува дека банките ќе покажат разбирање за јавниот интерес и за пошироките економски придобивки од достапни и евтини платежни услуги.
Гувернерот посочи дека банкарскиот сектор е стабилен, и покрај светските предизвици, а Народната банка и во иднина ќе ги води своите политики одговорно и внимателно, заради одржување на финансиската стабилност и за унапредување на платниот систем во земјата.
Советот на Народната банка ја усвои и Одлуката за воведување нов систем за прибирање и доставување податоци од банките и штедилниците.
„Новиот систем ИСИДОРА ќе овозможи пообемни и поквалитетни податоци за монетарната статистика, супервизијата и финансиската стабилност, усогласени со европските и меѓународните стандарди. Со фазна примена, системот ќе ја замени досегашната практика и ќе придонесе за поефикасно, пофлексибилно и поедноставно известување, додаваат оттаму.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...