Народната банка усвои мерки со кои од декември прв стан ќе се купува по олеснети услови, додека тие што веќе имаат дом и купуваат дополнително живеалиште ќе подлежат на построги услови за купување. Целта, според гувернерот, е да им се помогне на тие што немаат сопствено живеалиште да ја постигнат целта, а истовремено и да се заузди континуираниот раст на цената на становите, феномен особено видлив во главниот град, дури и во услови кога третина од становите се празни.
„Извршниот одбор на Народната банка усвои нова одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Со оваа одлука се регулираат основните показатели со кои се оценува кредитоспособноста на физичките лица кога тие бараат кредити од банките и од штедилниците. Мерките ќе се применуваат од 1 декември 2025 година“, пишува во соопштението од Народната банка.
Гувернерот Трајко Славески објасни дека со новата одлука се олеснува кредитирањето за купување или градење прво живеалиште, односно стан или куќа наменети за сопствено живеење. Но, имајќи ги предвид условите на пазарот на недвижности, особено во главниот град, кои водат кон забрзан раст на цените на становите, поради што стануваат недостапни за помладите генерации, се врши и затегнување на условите за користење кредит за станбен објект што не претставува примарно живеалиште за кредитобарателите.
„За сите лица со нерешено станбено прашање, кои навистина немаат стан/куќа на свое име каде што би живееле, а се очекува дека тоа ќе бидат претежно млади лица и млади брачни парови, со новата одлука се дозволува, без да се наруши пристапот на прудентност, тие да добијат станбен кредит и со учество од 10 проценти од вкупната вредност на објектот за живеење. Наспроти ова, за сите преостанати случаи, минималното сопствено учество се зголемува од постојните 15 на 25 отсто од вредноста на станот. Исто така, за корисниците на станбени кредити наменети за купување или градење прво живеалиште ќе останат во важност досегашните лимити на показателот ДСТИ, кои изнесуваат 55 проценти за изложеноста во денари и 50 проценти за изложеноста со валутна компонента. За сите преостанати баратели на кредити се предвидуваат пониски нивоа за овие показатели, и тоа од 50 отсто за изложеноста во денари и 45 отсто за изложеноста со валутна компонента“, рече гувернерот.
Олеснувањето при купување прв стан се однесува на лицата што навистина немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или да изградат дом за сопствено живеење, за што треба да исполнат одредени критериуми, а се воспоставуваат соодветни механизми за проверка и следење.
„Промените во макропрудентните мерки имаат превентивен карактер и нивната цел е да нѐ заштитат сите нас од прекумерна задолженост, што може да се одрази понатаму на способноста за редовно отплаќање на обврските, како и на вкупната стабилност на финансискиот систем. Истовремено, со овие промени внимаваме да не ‘ги погодиме’ оние лица што имаат потреба да го решат своето животно, станбено прашање, овозможувајќи им поповолни критериуми и полесен пристап до кредити, во однос на преостанатите корисници на кредити“, посочи гувернерот Славески. Со ваквиот пристап, Народната банка се усогласува со практиката на голем број други централни банки во светот, посочуваат оттаму.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...