Новата анкета за очекувањата за инфлацијата и за движењето на реалниот БДП во Македонија за периодот 2025 ‒ 2027 година што ја спроведе Народната банка меѓу економските експерти покажува умерена нагорна ревизија на очекувањата за просечната стапка на инфлација, додека во однос на очекувањата за растот на БДП, тие се слични како во претходната анкета (спроведена во јуни годинава).
Во однос на инфлацијата, испитаниците очекуваат нејзино умерено забрзување во 2025 година, а потоа забавување и стабилизирање на среден рок. Притоа, очекувањата за стапката на инфлација за 2025 година се повисоки во однос на претходната анкета и упатуваат на просечна стапка од 3,9 проценти (3,5 проценти во претходната анкета). Минимално се повисоки и очекувањата за 2026 година, со што испитаниците сега очекуваат стапка на инфлација од 3,1 проценти (3 проценти во претходната анкета), додека за 2027 година нивните очекувања се непроменети, при што и понатаму испитаниците очекуваат просечна стапка на инфлација од 2,7 проценти.
„Испитаниците ги објаснуваат ваквите очекувања делумно со досегашните остварувања на инфлацијата, коишто се повисоки, особено во месеците по завршувањето на мерките за ограничување на цените на храната. Во рамките на домашните фактори се посочуваат и зголемувањето на минималната плата, притисокот за покачување на платите во приватниот и во јавниот сектор, како и зголемувањето на пензиите и кредитирањето, а дополнително ги посочуваат и маржите на трговците и цените на услугите“, наведуваат од Народната банка.
Прочитај повеќе

Инфлација во Македонија од четири проценти во септември
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во септември 2025 година, во однос на август 2025 година, изнесува -0,2 проценти.
07.10.2025

Инфлацијата во еврозоната се забрзува, ЕЦБ повнимателна со каматите
Инфлацијата во еврозоната порасна на 2,2 отсто во септември, а ЕЦБ сигнализира дека каматните стапки ќе останат непроменети на 2 отсто до крајот на месецот.
01.10.2025

ББА прогноза: Инфлацијата ќе го надмине растот на БДП во Македонија во 2025 година
Моментумот на БДП е најсилен во Хрватска и Македонија (и двете +3,4 проценти на годишно ниво во вториот квартал).
22.09.2025
Слично како и во претходната анкета, и во оваа анкета испитаниците посебно ги нагласуваат геополитичките превирања и зголемената неизвесност од светските трговски политики како фактори коишто би можеле да предизвикаат зголемена променливост на меѓународните пазари на примарни производи и нагорни притисоци врз цените. Исто така, се истакнуваат и можните неповолни ефекти од климатските промени врз производството и цените на храната. Од друга страна, како фактори коишто би можеле да доведат до пониски стапки на инфлација се наведени пониската странска инфлација, трендот на постепено стабилизирање на светските цени на енергијата и храната, како и мерките преземени од страна на носителите на политиките.
Во поглед на економската активност, испитаниците имаат слични очекувања како во претходната анкета, при што и натаму очекуваат забрзување на растот на среден рок. Така, тие повторно очекуваат економски раст од 3,2 проценти за оваа година, раст од 3,5 проценти за 2026 година (минимална нагорна ревизија од 0,1 п.п.) и имаат непроменети очекувања за раст од 3,7 проценти во 2027 година.
„И во оваа анкета, испитаниците сметаат дека умерените инфлациски движења, растот на платите и пензиите ќе придонесат за зголемена куповна моќ на населението и заедно со кредитирањето би придонесле за раст на личната потрошувачка, што би се одразило позитивно врз економската активност. Испитаниците посебно ја истакнуваат важноста на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти за економијата, коишто во комбинација со солидни странски и домашни инвестиции, посебно во обновливи извори на енергија и во извозниот сектор, би биле движечка сила на економскиот раст, особено на среден рок“, наведуваат од Народната банка.
Тие очекуваат дека инвестициската активност ќе биде поддржана и од кредитите за компаниите со поповолни услови, остварувањето на капиталните проекти на општинско ниво и најавените инфраструктурни инвестиции во здравството. Во однос на ризиците, испитаниците ги посочуваат пред сѐ нестабилниот геополитички амбиент, светските протекционистички трговски политики, слабата надворешна побарувачка предизвикана од структурните промени во европската автомобилска индустрија, климатските промени, но и степенот на остварување на инфраструктурните проекти.
Исто така, за оваа година, испитаниците ги наведуваат и претстојните локални избори и политичките случувања поврзани со нив како еден од факторите што го ограничуваат растот. И во оваа анкета, случувањата на пазарот на трудот и емиграцијата, како и неизвесноста поврзана со текот на преговорите со ЕУ се наведуваат како потенцијални фактори на ограничување на економскиот раст во следниот период.