Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка на денешната седница одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од четири проценти. Од НБРМ информираа дека задржувањето на внимателниот пристап при водењето на монетарната политика произлегува од потребата за стабилизирање на инфлацијата близу до долгорочниот просек, од динамичната кредитна активност, домашните политики коишто влијаат врз побарувачката, како и од присутните надворешни ризици поврзани со тековната неизвесност во светските трговски политики и геополитички тензии.
„Се очекува дека досегашните измени кај задолжителната резерва, кај макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и одлуките поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика. Комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици“, соопшти Народната банка.
Од централната банка информираа дека просечната стапка на инфлација за целата 2025 година изнесува 4,1 проценти, под влијание на промените на цените кај базичната и кај прехранбената компонента.
Прочитај повеќе
Во банките чуваме рекордни 10,7 милијарди евра иако инфлацијата ги „јаде“ каматите
Штедењето расте и покрај разгорената инфлација која беше и сѐ уште е повисока отколку каматите на депозитите, поради што се обезвреднува приносот на штедачите.
03.02.2026
„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија
Кредитниот рејтинг на Македонија останува на ниво BB- со стабилни изгледи
24.01.2026
Инфлацијата во 2025 година ги надмина и најцрните сценарија
Инфлацијата во 2025 година изнесуваше 4,1 отсто. Според ревидираните проекции стапката требаше да стигне до 3,9 отсто.
08.01.2026
„Остварувањата кај инфлацијата се близу до октомвриската проекција, но таа и понатаму е над историскиот просек, поради што нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму е во фокусот на монетарната политика. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во нагорна насока. Ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани со променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка“, наведуваат од банката.
Од НБРМ укажуваат дека на крајот на јануари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5,6 милијарди евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.
„Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар во јануари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто засега се малку пониски од очекувањата за првиот квартал. Податоците за надворешнотрговската размена во четвртиот квартал од 2025 година упатуваат на трговски дефицит којшто е малку повисок од очекувањата според октомвриската проекција“, посочуваат од Народната банка.
Оттаму додаваат дека во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП забрза и изнесува 3,8 проценти на годишна основа, што е малку над оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции.
„Расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2025 година засега упатуваат на понатамошен раст на економската активност, којшто благо би забрзал според последните проекции. Светската неизвесност, особено поради трговските политики и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти се едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст“, велат од централната банла.
Во однос на движењата во монетарниот сектор, првичните податоци за депозитите и кредитите на банките за јануари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките, но и на динамична кредитна активност, чиишто годишни стапки на раст засега се над очекувањата за првиот квартал од годината.