Mеѓународната кредитна агенција „Стандард и Пурс“ го задржа кредитниот рејтинг на Македонија на ниво BB- со стабилни изгледи.
„Потврдата на рејтингот претставува јасен сигнал за стабилноста на макроекономската политика, умереното ниво на јавниот долг и способноста на државата навремено и континуирано да ги сервисира своите финансиски обврски, како и да обезбеди континуитет во водењето на економските политики, дури и во услови на зголемена глобална економска неизвесност“, соопшти Министерството за финансии.
Во извештајот, „Стандард и Пурс“ нотира дека економскиот раст забрзува, поддржан од засилените јавни инвестиции, особено во рамки на големите инфраструктурни проекти, како и од растот на приходите на домаќинствата преку зголемување на платите и пензиите.
Прочитај повеќе
Инфлацијата во 2025 година ги надмина и најцрните сценарија
Инфлацијата во 2025 година изнесуваше 4,1 отсто. Според ревидираните проекции стапката требаше да стигне до 3,9 отсто.
08.01.2026
Кој ќе биде најдобар прогнозер за македонската економија и за инфлацијата?
Владата очекува дека реалниот раст на БДП ќе забрза од 3,5 во 2025 на 3,8 отсто во 2026 година. Меѓународните институции се поумерени во проекциите. Тие прогнозираат стабилност поради забрзувањето на јавните инвестиции, но во пресметките ги додаваат и ризиците што произлегуваат од глобалното опкружување. Нивните прогнози не стигнуваат до 3,5 отсто раст во 2026 година.
05.01.2026
ББА-прогноза: Раст на БДП од 2,9 проценти и инфлација од 4 проценти во Македонија во 2026 година
Инфлацијата се намали од претходните врвови, но останува над нивоата на удобност, одржувајќи ја монетарната политика претпазлива и зависна од податоци.
31.12.2025
Агенцијата очекува економскиот раст да достигне околу 3,5 отсто во 2026 година, додека на среден рок растот ќе се стабилизира околу 3 отсто, со постепено зголемување на улогата на приватните инвестиции и надворешната побарувачка.
Со усвоениот Буџет за 2026 година како што е наведено во извештајот се предвидува умерено намалување на буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 3,5 отсто од БДП, при задржување на високо ниво на капитални инвестиции.
Агенцијата оценува дека фискалната консолидација е во тек, иако јавниот долг останува повисок во споредба со периодот пред пандемијата.
„Стандард и Пурс“ во извештајот наведува дека надолните ризици поврзани со надворешното опкружување, особено економските движења во Европската унија, се во голема мера избалансирани со отпорноста на домашната економија, стабилноста на финансискиот систем и претпазливиот пристап на монетарната политика.
Агенцијата во извештајот исто така нотира дека понатамошниот напредок во спроведувањето на институционалните и структурните реформи, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, може дополнително да ја зајакне економската и фискалната позиција на земјата и да придонесе за подобрување на кредитниот профил.
Во однос на монетарните политики, агенцијата нотира дека стабилноста на курсот на денарот е приоритет за Народната банка.
„Централната банка ја унапреди оперативната рамка за монетарната политика заради подобро управување со ликвидноста и зајакнување на преносот на монетарните сигнали“, соопшти НБРМ повикувајќи се на извештајот на „Стандард и Пурс“.
Во извештајот се бележи дека, во последниот квартал од 2025 година, централната банка изврши приспособување на оперативната монетарна рамка ставајќи поголем акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика. Овие промени ја потврдуваат посветеноста на Народната банка на ефективното спроведување на монетарната политика и на одржувањето на финансиската стабилност.
Во 2026 година, според оцената на „Стандард и Пурс“, се очекува дека инфлациските притисоци ќе се намалуваат, поткрепени од умереното движење на цените на храната, претпазливата поставеност на монетарната политика и поволната споредбена основа.
Агенцијата заклучува дека согласно состојбите, на краток рок, Народната банка ќе продолжи со примена на внимателна монетарна политика, заради задржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.
„Во делот на банкарскиот сектор, Агенцијата ја оценува солвентноста како солидна, со адекватност на капиталот од 19,5 отсто во третото тримесечје од 2025 година, додека квалитетот на активата и натаму е висок, со историски најниско ниво на нефункционалните кредити од 2,3 отсто од вкупните кредити. Овие показатели, според Агенцијата, ја потврдуваат отпорноста на банкарскиот систем“, соопшти НБРМ.
Кредитниот рејтинг на земјата се оценува двапати годишно од страна на „Стандард и Пурс„ како и од агенцијата „Фич“. Тој претставува клучен индикатор за инвеститорите при носењето одлуки за инвестирање, а го покажува степенот на ризик од инвестирање.