Со фокус на одржливиот економски раст, фискалната стабилност, макроекономското опкружување и иднината на финансиите во земјава, но секако и пошироко, во Скопје се одржа нова конференција „Back to Business“, во организација на „Блумберг Адрија“.
Конференцијата ја отвори вицегувернерката на Народната банка Ана Митреска, која зборувајќи за геополитичките ризици и нивното влијание на македонската економија, економскиот раст, како и стабилноста на банкарскиот сектор, потенцираше дека глобалната неизвесност и непредвидливост веќе половина деценија се неизбежен дел од нашите макроекономски проекции.
„За жал, единствена константа во овие околности која што ја имаме е непредвидливоста. Дури и овие кои што се обидуваат квантитативно да ја измерат неизвесноста преку посебни индекси, покажуваат дека во моментот имаме историски највисоко ниво на економска неизвесност и непредвидливост. Ова не е проблем само за носителите на макрополитиките туку и за приватниот сектор кој што треба да носи подолгорочни бизнис-планови и планови за инвестиции, нови проекти и со оглед на тоа што неодамна Европската инвестициска банка ја објави најновата анкета за инвестиции на приватниот сектор во ЕУ, анализите покажуваат дека речиси 83 проценти од сите анкетирани компании во ЕУ, неизвесноста ја потенцираат како клучен инхибирачки фактор за нови инвестиции, а тој процент во последниве години постојано расте. Сакам да кажам, иако сите сме свесни веќе за тоа дека и за нас како централно банкарска заедница и општо за глобалната економија, клучен ризик во моментов се трговските тензии и тоа е природно затоа што немате јасни, немате предвидливи, немате транспарентни договори меѓу земјите и сето тоа не прави заложници на несигурни и неизвесни намери за можни нарушувања на меѓународните текови“, посочи Митреска.
Ана Митреска, Вицегуварнерка на Народната банка
Вицегувернерката вели дека економијата засега добро се справува со овие ризици и на локално и на глобално ниво, потенцирајќи дека е направена и нагорна корекција за раст на глобалната економија поради водењето здрави политики и брзото приспособување на бизнисот, како и поради тоа што тарифите се пониски од очекувањата од најавите во април. Во ваква констелација на ризици, вели Митреска, не може да се потпираме на куси проекции, туку мора да правиме алтернативни сценарија.
Во првата панел дискусија насловена како Плати, инфлација, пазар на трудот, продуктивност и ризици: Колку е опасен циклусот?, соговорниците беа едногласни околу тоа дека излезот од кризата, која е глобална кога станува збор за недостиг од кадар, треба да се бара во зголемување на продуктивноста, а во тој контекст од помош ќе биде вештачката интелигенција.
Според професорката Никица Мојсоска-Блажевски, извршна директорка на „Македонија 2025“, проблемот со недостигот од работа сила во земјава е структурен бидејќи земјата со години се соочува со голема депопулација, а пописот од 2021 година докажа дека не сме толку колку што мислевме дека сме.
Блумберг Адрија
„Премногу се фокусиравме на формалното образование, што во одреден аспект е добро, меѓутоа за да имаме вештини кои што одговараат на пазарот на трудот следејќи ги технолошките процеси и прогреси, мора малку повеќе да се посветиме и на неформалното образование, на обуки и тренинзи. Мора да внимаваме на вештините, да вложуваме, бидејќи се менува структурата на економијата се јавуваат потреба за нови вештини а покрај тоа е и технолошкиот прогрес“, вели Мојсоска - Блажевски.
Дека пазарот на работна сила во државата е структурален проблем смета и главниот извршен директор на „А1 Македонија“, Методија Мирчев, според кој најголемиот капитал на компаниите се вработените.
Методија Мирчев , Главен извршен директор на А1 Македонија
„Проблемот со пазарот на работна сила не е само во Македонија, се случува во регионот и во Европа, но мислам дека ние малце сакаме да ги гледаме работите на некој поубав начин, а имаме и квалитативен и квантитативен проблем. Стапката на невработеност не е мала, а немаме соодвететн кадар. Образовниот систем кој всушност е фабрика за кадар, создава работници чии вештини не одговараат на пазарот на трудот. Проблем е и јавната администрација, каде што се вработени 25 отсто, што е за десетина проценти поени над европскиот просек. Следен проблем се фриленсерите. Тоа се млади луѓе со високи компетенции, кои за нас се недостапни затоа што работат на странските пазари“, вели Мирчев.
За надминување на проблемот со недостигот од работен кадар, решението треба да се бара во флексибиноста и вложувањето во вработените, смета Зоран Малиновиќ, управител на „Волт драјв“.
Зоран Малиновиќ, управител на „Волт драјв“
„Не сме имуни на проблемот, но наоѓаме начини за решавање на ситуацијата преку транспарентна комуникација со нашите работници. Нудиме обуки и флексибилност. Вработените можат да избираат дали ќе работат полно работни време или неколку часа во текот на денот, дали тоа ќе им биде дополнителна работа, и токму таа флексибилност нѐ прави поатрактивни“, вели тој.
Огњен Лазиќ, генералниот директор на „Пивара Скопје“, вели дека компанијата може да понуди сигурност, да понуди бенефиции повеќе од други, но, освен тоа, се обидува и да ги насочува вработените да ги подобруваат своите квалификации и да се развиваат.
„Ние имаме повеќе академии преку кои работниците ги подобруваат своите компетенции. Работните места се менуваат и затоа е важно работниците да имаат лична мотивација да се усовршуваат. Кога збориме за дефицит не само во нашата индустрија, многу е важно ние како команија да им понудиме на луѓето кои имаат лична мотивација и сакаат стално да се усовршуваат да ги имаат вистинските алатки и сигурност“, вели Лазиќ, додавајќи дека нестабилноста е клучниот проблем во последните години и затоа компаниите мора постојано да се приспособуваат.
Огњен Лазиќ, генерален директор на „Пивара Скопје“
Околу вештачката интелигенција, панелистите сметаат дека тоа е едно од решенијата за зголемување на продуктивноста, но и за намалување на проблемот со недостигот од работна сила.
Втората панел дискусија насловена како „Фискални мерки и задолжување во геополитички турбуленции: Поинаков поглед на финансиските решенија“, се осврна околу прашањето за јавно-приватните партнерства.
Според Мирослав Марчев, управувачки партнер на „ПрајсВотерхаусКуперс“ (PriceWaterhouseCoopers) во Северна Македонија, доколку буџетските приходи не дозволуваат поголеми капитални инвестиции, кои што се повеќе од потребни, тогаш јавно-приватните партнерства се одлично решение коешто може да донесе позитивни резултати за сите вклучени страни.
„Државата ќе добие инфраструктура која ќе биде управувана од приватниот партнер од кого се очекува подобро да управува и да има одредена заработка, не многу голема, но секако дека и тој ќе биде среќен што заработува и секако граѓаните ќе добијат подобар јавен сервис од овие нови инвестиции, а веројатно и банките би биле заинтересирани да финансираат вакви проекти во соработка со државата. Околу можните проблеми и предизвици на нашата земја во однос на јавно-приватните партнерства, треба да се земат предвид досегашните искуства со ваквите проекти односно неуспешните обиди да се реализира изградбата на хидроцентралата Чебрен, но од друга страна и успешните проекти каков што издавањето под концесија на аеродормите во Скопје и во Охрид“, рече Марчев.
Мирослав Марчев, управувачки партнер во PWC
Одговарајќи на прашањето колку банките можат да имаат проактивна улога во забрзување на економскиот раст, претседател на Управниот одбор на „НЛБ Банка“ АД Скопје Тони Стојановски, смета дека банките се секогаш тука за да го финасираат растот. „Националното штедење односно депозитите во домашните банки во моментов се околу 10 милијарди евра, а 83 проценти од таа сума е пласирана во кредити.
Тони Стојановски, Претседател на Управен одбор на НЛБ Банка
„Од нас односно од креаторите на економските политики и побарувачката зависи дали овој национален ресурс ќе го искористиме за потрошувачки кредити односно за купување автомобили и патувања или ќе искористиме поголем дел за финансирање инфраструктурни проекти коишто можеби не за овие генерации, но за идните ќе донесат добробит. Банките и во овој момент се активни, но сеуште има простор при избор на секој проект, но за сите идни проекти би било подобро да се финансираат од домашната акумулација на средства бидејќи тоа е поевтин начин и би имало попозитивно влијание за јавното задолжување“, рече Стојановски.
Катерина Бошевска, главна извршна директорка на „ЕОС Матрикс“ (EOS Matrix) смета дека во услови на економска нестабилност, потребни се длабински анализи додека пак фоксуот на компаниите и на финансиските институции треба да биде кон оптималното управување со готовината.
Блумберг Адрија
„Готовината дава стабилност и сигурност на бизнисите. Потребно е да се ребалансираат портфолијата, да има повеќе заштитни механизми и да се градат резерви коишто ќе ја дадат потребната стабилност. Доколку се финансираме преку задолжувања, што е секојдневие, тие треба да се искористат во попродуктивни инвестиции, кои што на подолг рок даваат сигурност. При тоа мора да длабински да се анализираат сите ризици, но и геополитичкиот ризик. Воедно околу јавно-приватните партнерства е потребно подигнување на нивото на капацитетите на државните институции за да има повеќе успешни примери“, вели Бошевска.