text size
Америка останува најдобрата земја во светот за збогатување. Едни го сметаат тоа како причина за славење, додека други во тоа гледаат доказ за скршен капиталистички систем. Како економистка, помалку ме интересира расправата за тоа дали милијардерите (или билионерите) треба да постојат, а повеќе прашањето која е алтернативата. Една од тие алтернативи е Европа, каде што системот гарантира дека најбогатите не се премногу богати - и дека нивното богатство е наследено, а не заработено.
Во Фиренца најбогатите семејства ја држат таа позиција веќе шест века, со речиси никакви промени. Тоа е екстремен случај, но во Европа не е невообичаено најимотните семејства да остануваат исти низ генерации. Во САД, напротив, најбогати главно се оние што сами го создале своето богатство (англ. self-made). Разликата е во политиката исто колку и во културата.
Во 2007 година двајца економисти ги анализирале најбогатите семејства во САД и забележале дека во шеесеттите години на 20 век жените сочинувале половина од најбогатите 0,01 процент, додека до крајот на векот сочинувале помалку од една третина. Објаснувањето, претпоставуваат авторите, е во тоа што меѓу најбогатите 0,01 процент има сè повеќе мажи што сами го стекнале своето богатство. Кога богатството се темели на наследство, мажите и жените се застапени еднакво. Но бидејќи жените (за жал) поретко акумулираат богатство, нивниот помал удел сугерира дека со најбогатите слоеви во Америка доминираат претприемачи што сами го создале својот имот - што го потврдува и брзиот поглед на таа листа.
Американскиот филантроп и поранешен управител на хеџ-фонд Џон Арнолд неодамна забележа дека некои европски земји бараат меѓу 50 и 75 проценти од оставината да им се остави на наследниците. Значително помалку богати Европејци отколку Американци се меѓу потписниците на иницијативата „Гивинг плеџ“ (Giving Pledge) - ветувањето дека ќе донираат поголем дел од своето богатство.
Тоа делумно е затоа што во Европа добротворноста главно доаѓа од државата, која се финансира преку даноци, а структурата на тој даночен систем го отежнува акумулирањето богатство. Европа ги оданочува доходот и потрошувачката по повисоки стапки. Регулациите на работењето и финансиските пазари исто така го отежнуваат започнувањето успешен бизнис.
Застапниците на исклучително богатите (вклучувајќи ме и мене) тврдат дека за економијата е поважно да се овозможи нагорна мобилност отколку да се ограничува екстремното богатство. А некои европски земји навистина имаат порамномерно распределено богатство и помали економски разлики меѓу луѓето.
Во Данска, на пример, помалку од 20 проценти од доходовните предности се пренесуваат од родителот на детето - во споредба со 50 проценти во САД. Општо гледано, во Данска постои поголема мобилност на богатството отколку во САД. Но врските меѓу богатството на родителот и детето и понатаму се силни на самиот врв: да се биде богат како дете или млада личност, обично поради наследство, исклучително сигурно предвидува дека ќе бидете богати и на 45 години.
Секако, даночната политика на една земја на многу начини ги одразува нејзините вредности. Што е поприфатливо: поголема сигурност и подобри изгледи за влез во средната класа ако не сте родени во неа или можноста да станете баснословно богат? Точен одговор нема. Сè се сведува на ставовите кон ризикот.
Не е дека во Европа нема милијардери што сами го создале своето богатство. Но нејзиниот систем става акцент на сигурноста, високите даноци на доходот и регулативата што обезбедува поголема предвидливост, заштита на работниците и државни бенефиции. Тоа гарантира дека повеќе луѓе нема да тонат во подлабока сиромаштија и ќе имаат можност да ѝ се придружат на средната класа. Но исто така му отежнува на кого било да стане милијардер (па дури и милионер) ако не е роден како таков. Американскиот систем е значително потолерантен кон ризикот - вклучувајќи ја и онаа позитивна страна: можноста да се стане милионер (или дури милијардер).
На прв поглед може да изгледа дека европскиот модел е подобар. Зарем економија што нуди полесен пристап до средната класа не е подобра од онаа што наградува грст милијардери?
Но важно е да се има предвид дека припадниците на американската средна класа (а во некои случаи и пониската средна класа) често живеат подобро од европската средна класа. Тоа делумно е така затоа што она што го создало богатството на милијардерите - технолошките или деловните иновации што водат до подобри услуги - истовремено го подобрило квалитетот на животот на Американците со средни примања. Да, многу поединци стануваат богати, но со нив се збогатува и општеството во целина.
- Алисон Шрегер е колумнистка на Блумберг опинион, каде што пишува за економија. Таа е виша соработничка во Институтот Менхетн и авторка на книгата „An Economist Walks Into a Brothel: And Other Unexpected Places to Understand Risk“.
Оваа колумна ги одразува личните ставови на авторката и не мора да го одразува мислењето на уредничкиот одбор или на Блумберг ЛП и неговите сопственици.