Кина ја постави својата цел за економски раст на околу пет проценти за оваа година, објави „Ројтерс“ утрово, цитирајќи го владиниот извештај за годишниот состанок на парламентот на земјата.
Кина постави цел за буџетскиот дефицит на владата за 2023 година од три отсто од бруто-домашниот производ (БДП), објави „Ројтерс“, зголемувајќи го од целта од минатата година за дефицит од околу 2,8 отсто.
Индексот на потрошувачките цени е поставен на околу три проценти за 2023 година и е непроменет од минатогодишната цел, додаде „Ројтерс“.
Инаку, Кина веќе покажува знаци на закрепнување по наглото напуштање на политиката на нулта ковид кон крајот на минатата година. Кина, која е најголем увозник на нафта, веќе долго е во центарот на вниманието, особено меѓу инвеститорите, производителите и трговците на нафта, кои очекуваат да се врати потрошувачката од Кина како во преткризниот период. Тоа ќе придонесе да се надмине загриженоста од строгите монетарни политики низ светот и несигурноста од следните чекори во однос на каматните стапки, а со тоа ќе се обезбеди и одредена стабилност на пазарот на нафта.