Се очекува иницијативите на американскиот претседател Доналд Трамп за создавање нов светски поредок преку воведување низа нови царини да го забават светското стопанство и да ги зголемат тензиите во односите на САД со нивните сојузници и ривали. Првите знаци на штетното влијание на царините врз американската економија веќе се забележливи.
Трамп и неговиот тим, разбираливо, имаат сосема поинаков поглед на ситуацијата. Тие истакнуваат дека приходите од царините ќе ги надоместат даночните олеснувања кои Конгресот ги продолжи во јуни, а истовремено нагласуваат дека новите инвестиции од компании и државата треба да обезбедат нови работни места.
Фактот што повеќето земји, вклучувајќи ги и членките на ЕУ и Јапонија, прифаќаат почетни договори и не одговараат со воведување повисоки царини дополнително ја потврдува Трампова царинска политика.
Прочитај повеќе
Од надеж до очај - како се развиваше драмата со царините за Швајцарија
Швајцарците до крај веруваа дека обезбедиле договор за да избегнат казнени тарифи од Доналд Трамп
пред 5 часа

Белата куќа ќе ги дообјаснува царините за златото за да го смири хаосот
Белата куќа ќе објасни дека златните прачки нема да подлежат на царина
пред 8 часа

Трамп најави 100 отсто царини на чипови, „Епл“ нема да биде опфатен
Целта е да се поттикне враќањето на технолошкото производство во земјата...
07.08.2025

Царините на Трамп стапуваат во сила — нов тест за светската економија
Просечната царинска стапка на САД ќе се искачи на 15,2 отсто
07.08.2025

Бес во Индија откако Трамп ги удвои царините на 50 проценти
Трамп потпиша извршна наредба со која се воведува царина од 25 проценти за индискиот увоз, која ќе се додаде на царината од 25 проценти што ја објави минатата недела
07.08.2025

Американскиот трговски претставник Џејмсон Грир на 7 август во коментар за „Њујорк Тајмс“ рече дека тарифите на Трамп за само неколку месеци донеле нова ера во глобалната економија. Бретонвудскиот монетарен систем бил заменет со нов систем кој Грир го нарекол „Тернбери систем“ (Turnberry), по голф-клубот во Шкотска, каде што САД и ЕУ на крајот на јули објавија договор за обновување на трговските односи меѓу двете страни.
Новата спогодба се базира на едноставна претпоставка, напишал Грир: „Претседателот Трамп го препознава пристапот до најпривлечниот потрошувачки пазар во светот како силен поттик, а тарифите како ефикасно средство за притисок“.
Тарифните стапки воведени за речиси сите американски трговски партнери стапија на сила на 7 август и достигнаа рекордно високи нивоа. Толку високи тарифи не се видени уште од 1930 година, кога со Законот Смут-Холи беа воведени тарифи кои дополнително ја влошија и продолжија Големата депресија.
Според процените на „Блумберг економикс“, мерките на Трамп ќе ја зголемат просечната американска тарифна стапка на 15,2 отсто, што е значително над минатогодишните 2,3 отсто. Според нивните проценките, ова би можело да резултира со намалување на светскиот бруто домашен производ (БДП) за два трилиони долари во однос на проекциите без овие мерки до крајот на 2027 година.
Примирјето во трговската војна со Кина доведе до воведување на царини од 30 отсто на кинеска стока од страна на САД. Увозот од Обединетото Кралство и Сингапур се оданочува со стапка од 10 отсто, додека увозот од ЕУ и Јапонија се оданочува со 15 отсто. На стоката од Швајцарија се применуваат построги царини од дури 39 отсто, додека стоката од Индија, која Трамп посебно ја санкционираше поради снабдувањето со руска нафта, подлежи на дополнителна царина од 25 отсто. Ако таа мерка стапи на сила, како што е најавено за 27 август, вкупната стапка може да достигне 50 отсто, што би го направило поголемиот дел од индискиот извоз во САД економски неодржлив. Стоката од Бразил исто така се соочува со царини до 50 отсто.
Сепак, ситуацијата не е толку едноставна. И покрај воведувањето рекордно високи царински бариери, Трамп отвори одредени можности за нивно заобиколување. До 7 август, администрацијата на Трамп ослободи повеќе од трилион долари стока од новите царини – што претставува повеќе од една третина од вкупниот американски увоз во 2024 година, покажува анализата на „Блумберг“. Тој број може дополнително да расте поради воведувањето на нетранспарентен систем кој на одредени големи американски компании и индустрии им овозможува користење царински олеснувања.
Клучните прашања околу дополнителните царини, како и најавените привремени договори со неколку американски трговски партнери, сè уште остануваат отворени. Сепак, јасно е дека царинскиот режим на Трамп ќе донесе малку победници и многу губитници.
Еве ја моменталната состојба:
Кои нови царини се во сила во САД?
Трамп насочи мерки кон стоката од сите земји-извозници и воведе посебни давачки за одредени индустрии. Царинските стапки кои ги воведе вклучуваат:
- Кумулативна дополнителна стапка од најмалку 30 отсто на голем број производи од Кина, со некои значајни исклучоци. Ова претставува намалување во однос на нивото од 145 отсто, што краткотрајно беше достигнато во април во време на ескалацијата на реципрочните мерки. Примирјето кое двете земји го постигнаа на средината на мај истекува на 12 август.
- Минимална основна царина од 10 отсто на останатиот увоз, со одредени исклучоци. Стоката од земјите кои остваруваат најголеми трговски суфицити со САД се соочува со таканаречени „реципрочни царини“ во распон од 10 до 41 отсто, а поголемиот дел од нив стапија на сила на 7 август.
- Стоката од Канада и Мексико која не е опфатена со договорот за слободна трговија САД-Мексико-Канада (USMCA) подлежи на царини од 35 отсто за Канада и 25 отсто за Мексико. Увозот на енергија од Канада се оданочува со 10 отсто.
- Увозот од ЕУ, Јапонија и Јужна Кореја се соочува со царина од 15 отсто, согласно одредбите на привремениот договор што Трамп го најави, иако за ЕУ постојат исклучоци кои се однесуваат на авиони и делови за авиони, како и одредени генерички лекови и хемикалии.
- Дополнителна царина од 40 отсто за стока што се смета за препакувана – односно стока која е пренасочена преку друга земја со цел да се избегнат повисоките царини. Администрацијата на Трамп сè уште не ги дефинираше правилата за потекло кои ќе ги применува на таквата стока.
- Царини на индустриски метали: давачка од 50 отсто на увоз на производи од челик и алуминиум, како и стапка од 50 отсто на увоз на полупроцесирани производи од бакар, како што се цевки и жици, како и готови производи од бакар, како што се електронски компоненти.
- Стапка од 25 отсто на увоз на целосно склопени автомобили, со некои исклучоци за автомобили од Канада и Мексико. Царината од 25 отсто за увоз на делови за возила постепено се воведува во рок од две години, иако автомобилските компоненти кои се во согласност со договорот за слободна трговија САД-Мексико-Канада се ослободени. Увозот на автомобили од Јапонија, Јужна Кореја и ЕУ е со стапка под 15 отсто, согласно нивните трговски договори.
Укинување на царинското ослободување „де минимис“, кое дозволуваше увоз на мали пакети со малопродажна вредност до 800 долари без царина, престанува да важи за сите трговски партнери од 29 август. Ова ослободување веќе е укинато за пакети од континентален Кина и Хонг Конг.
За комплетна листа на царините на Трамп и проценка на нивното економско влијание, погледнете го системот на „Блумберг“ за следење царини.
Bloomberg
Bloomberg
Кои земји се најтешко погодени од царините на Трамп?
Индија е потенцијално меѓу најзагрозените. „Реципрочната“ царинска стапка од 25 проценти на нејзиниот извоз во САД е повисока од стапките што, според сопствените тврдења на Трамп, ги договорил со одредени земји од југоисточна Азија – кои ѝ се конкуренција на Индија во нејзините обиди да ја замени Кина во американските синџири на снабдување – иако се наведува дека преговорите сè уште траат.
Стоката од Индонезија се оданочува со стапка од 19 проценти, а од Виетнам со 20 проценти. Покрај тоа, Трамп се заканува со дополнителни царини за да ја санкционира Индија поради увозот на руска нафта. Се очекува тие да стапат во сила кон крајот на август. Ако тоа се случи, индискиот извоз во САД би можел да падне за дури 60 проценти, што, според проценките на „Блумберг економикс“, би предизвикало пад на БДП на Индија за 0,9 проценти.
Администрацијата на Џо Бајден ја пофали Индија како нов „пријателски настроен“ партнер на САД, а таа во последните неколку години стана и важен геостратешки сојузник на Вашингтон. Индија е членка на таканаречената Четворка, неформална група на земји во која членуваат уште и САД, Јапонија и Австралија.
Швајцарија се наоѓа во слична позиција како Индија. Трамп воведе царини од 39 проценти на увозот на часовници и чоколадо од таа земја, иако клучните производи како фармацевтските препарати и златото останаа ослободени. Производите од соседите на Швајцарија – земјите од Европската унија – се соочуваат со значително пониска основна царинска стапка од 15 проценти.
Кој профитира од царинската политика на Трамп?
Досега најмногу профитираа компаниите што успеале да добијат изземање од царините. Со извршната уредба од 2 април, со која Трамп првично ги воведе царините кон одредени земји, беше приложен анекс од 37 страници со повеќе од 1.000 царински кодови за изземени производи. Некои од овие изземања веројатно се привремени, но дури и краткорочното ослободување може значително да им користи на фирмите. Покрај тоа, некои големи корпорации, како „Епл“, успеале да испреговараат подолгорочни изземања.
Bloomberg
Трамп на 11 април на списокот на изземени производи ги вклучи паметните телефони, лаптопите и другите потрошувачко-технолошки производи. Тоа значеше дека Ајфон и другите производи на „Епл“ ги избегнаа царинските стапки воведени на 6 август. Главниот извршен директор на „Епл“, Тим Кук, му се придружи на Трамп во Овалната соба со најава дека компанијата во текот на следните четири години ќе ги зголеми своите вложувања во САД на 600 милијарди долари. За возврат, „Епл“ доби не само изземање од постојните и новите царини, туку и од идните царини на полуспроводници и производи што ги содржат.
Според неодамнешна анализа на „Блумберг“, компаниите што добиле изземања заштедиле дури 19 милијарди долари во период од само два месеца по најавата на Трамп за царини на 2 април. Освен „Епл“ и други големи компании, меѓу кои и јужнокорејската „Самсунг електроникс“. Технолошкиот сектор избегнал повеќе од седум милијарди долари царини во тој краток период, покажуваат официјалните трговски податоци.
Дали Кина е победник или губитник?
Крајниот победник би можела да биде Кина. Иако кинескиот извоз во САД опадна, постојат знаци дека таа земја наоѓа други пазари за својата стока. Пошироко гледано, постои ризик дека непријателски настроената Америка би можела да ги сврти другите земји кон Кина, убедувајќи ги дека таа е посигурен економски партнер.
Додека Трамп поставува царински бариери околу САД, ризикува да ја претвори земјата во протекционистички остров во глобалната економија и да отвори нови можности за сè поконкурентните кинески производи. Иако мерките се замислени за да го поддржат домашното производство, политиките на Трамп би можеле да резултираат со поскапи суровини за американските фабрики, правејќи ги помалку, а не повеќе конкурентни на глобалниот пазар. Истовремено, Трамп ги одвраќа странските купувачи на американска стока – на пример, во Канада, каде што бојкотите на американски производи веќе земаат замав, и во Индија, каде што политичарите се огорчени од неговиот притисок земјата да го прекине увозот на евтина руска нафта.
„Навистина постои победник во стратегијата што ја спроведуваме. Се вика Шји Џинпинг“, изјави поранешниот министер за финансии Лоренс Самерс, соработник на ТВ Блумберг.
Што би можело сето ова да значи за американската економија?
Економските ефекти од царините е тешко прецизно да се разграничат. Теоретски, тие можат да поттикнат вработување во заштитените индустрии и да привлечат инвестиции, додека од друга страна, компаниите можат да се обидат да ги заобиколат царините преместувајќи го производството во земјата што ги воведува. Истовремено, работните места во други индустрии можат да исчезнат поради повисоки трошоци за увозни суровини или поскапи домашни алтернативи – доколку тие воопшто постојат.
Економистите исто така истакнуваат дека постои значителна неизвесност околу воведувањето на царините и нивното траење. Поради нејасните околности, претпријатијата и потрошувачите често ги одложуваат големите одлуки – било да се работи за вложување во нови фабрики или, на пример, купување кујнски апарати. Повеќе од половина од вкупниот американски увоз се состои од компоненти и суровини што се користат во домашното производство.
Целта на Трамп, секако, е оживување на американската индустрија. Иако компаниите најавија идни инвестиции, има малку показатели дека тоа веќе се одразува на вработувањето. Откако Трамп во април најави воведување нови царини, САД всушност изгубија 37.000 работни места во производствениот сектор.
Обемот на царините предизвика страв од раст на инфлацијата и забавување на американската економија, што би можело да доведе до рецесија. Откако првата најава за царини на Трамп во април предизвика потреси на финансиските пазари, изгледите за раст донекаде се подобрија – делумно благодарение на смирувањето на тензиите во трговските односи со Кина. Но, дури и ако се избегне рецесија, економскиот раст веројатно и понатаму ќе биде под притисок, со оглед на тоа што царините сега се шест пати повисоки отколку на почетокот на мандатот на Трамп.
Негативните ефекти од царините веќе почнаа да се појавуваат. Податоците за БДП за второто тримесечје покажаа забавување на инвестициите, а извештајот за вработеност за јули укажа на послабо движење на пазарот на труд.
Моделот на американските Федерални резерви од 2018 година се покажа како корисен за проценка на тие ефекти. Тој сугерира дека секое зголемување на царинската стапка за еден процентен поен го намалува БДП за 0,14 отсто и ги зголемува цените за 0,09 отсто. Врз основа на тој модел, „Блумберг економикс“ проценува дека зголемувањето на царините кое стапи во сила на 7 август може да доведе до пад на американскиот БДП за 1,8 отсто и до зголемување на инфлацијата за 1,1 отсто, при што ефектите би се чувствувале во следните две до три години.
Кој ги плаќа овие царини?
Трамп го претстави порастот на приходите од царини, кој сега изнесува околу 30 милијарди долари месечно, како „неочекувана добивка“ за САД. Меѓутоа, царините всушност се даноци – и според законот, ги плаќа американскиот увозник, односно посредникот кој дејствува во име на увозникот. Студиите покажале дека трошокот од овие нови даноци на увоз често се префрла на потрошувачите во форма на повисоки цени.
Bloomberg
Увозниците имаат можност повторно да ги преговараат договорите со странските добавувачи, што значи дека дел од товарот би можел да се пренесе и на нив.
Компаниите веќе забележале големи загуби. „Генерал моторс“ забележа пад на кварталната добивка поради царини во износ од 1,1 милијарда долари. „Форд мотор“ годинава пријави загуба од две милијарди долари, додека „Тојота“ најави дека нејзината годишна добивка би можела да претрпи загуба од речиси 10 милијарди долари предизвикана од царините.
Администрацијата на Трамп тврди дека конечниот товар од царините ќе го сносат извозниците преку намалување на цените и прилагодување на валутите. Меѓутоа, нема многу индикации дека тоа досега се случило; економистите се повикуваат на податоци за увозните цени кои не покажале значајни промени.
Што следува понатаму?
Трамп на 6 август најави воведување нови царини на фармацевтски производи и полупроводници, кои би требало да стапат во сила најрано за една недела. Тој најави можни царини до 250 проценти на увозните лекови и 100 проценти на полуспроводниците, иако најави и одредени изземања.
Ако договорот со ЕУ се смета за референтен, постои можност генеричките лекови да бидат изземени. Трамп, исто така, наведе дека „Епл“ и другите компании кои ќе ветат зголемување на производството во САД ќе бидат ослободени од царини на чиповите.
Трамп, меѓу другото, нареди истраги за увозот на критични минерали, дронови, комерцијални авиони, камиони и дрво. Секоја од тие истраги може да резултира со дополнителни царини.
Се очекуваат и нови потенцијални договори. Швајцарија, иако сè уште не успеала да ги намали царините од 39 проценти, би можела тоа да го постигне во иднина. Слично, заканата на Трамп за дополнителна царина од 25 проценти на Индија, поради санкциите околу купувањето руска нафта, би можела да ги забрза преговорите за договорот за кој двете страни најавија дека е близу до постигнување.
Главниот фактор кој ќе го одреди понатамошниот тек на трговските војни на Трамп би можела да биде состојбата на американската економија и финансиските пазари. Стратезите од Волстрит почнаа да предупредуваат на претстојна корекција на американскиот пазар на хартии од вредност, кој неодамна достигна рекордни нивоа.
Проектот на Трамп за реструктурирање на глобалната економија засега напредува, но како што неговите вистински последици ќе стануваат појасни така, дури и самиот Трамп можеби ќе мора да ги ревидира своите планови.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...