Претседателот Доналд Трамп наметна царини од 50 отсто на индиските производи за да ја казни земјата поради купувањето руска нафта, нарушувајќи ја децениската заложба на Вашингтон за поблиски односи со Њу Делхи.
Новите царини, највисоки во Азија воопшто, стапија во сила во 12:01 часот по полноќ во Вашингтон во средата, со што постојната царина од 25 отсто на индискиот извоз се удвои. Давачките ќе погодат повеќе од 55 отсто од стоките што се извезуваат во САД, најголемиот пазар на Индија, и најмногу ќе ги погодат индустриите како што се текстилот и накитот. Клучните извози како електроника и фармацевтските производи се изземени, што засега ги поштедува големите фабрички инвестиции на „Епл“ (Apple Inc.) во Индија.
Овој потег претставува нагло влошување на односите меѓу двете земји и целосен пресврт во стратегијата на Вашингтон со години да ја придобие Индија како противтежа на Кина. Трамп ја критикуваше Индија за купување руска нафта, за која рече дека ја финансира војната на претседателот Владимир Путин во Украина. Њу Делхи ги брани своите врски со Русија и ги нарече постапките на САД „нефер, неоправдани и неразумни“.
Прочитај повеќе
Кина и Индија во преговори за обновување на граничната трговија прекината од 2020 година
Кина и Индија преговараат за обновување на граничната трговија, додека преземаат чекори за подобрување на односите.
14.08.2025

Бес во Индија откако Трамп ги удвои царините на 50 проценти
Трамп потпиша извршна наредба со која се воведува царина од 25 проценти за индискиот увоз, која ќе се додаде на царината од 25 проценти што ја објави минатата недела
07.08.2025

Танкери испорачуваат руска сурова нафта во Индија и покрај притисокот од САД и ЕУ
Испораките на руска сурова нафта во Индија продолжуваат непречено, веќе се истоварени милиони барели, а се очекуваат и нови пратки.
04.08.2025

Трамп најави царини од 25 отсто за Индија
Освен царини, Трамп најави и дополнителни казни за земјата
30.07.2025
Енормно високите царини ја загрозуваат извозната конкурентност на Индија во однос на ривалите како Кина и Виетнам, додека отвораат прашања за амбициите на премиерот Нарендра Моди да ја претвори јужноазиската нација во голем производствен центар.
Извозниците на облека, обувки и мали производи како играчки се подготвуваат за пад на нарачките и можни отпуштања.
„Ова ќе има многу големо влијание врз индиските извозници затоа што царини од 50 отсто не се одржливи за клиентите“, изјави Исрар Ахмед, управен директор на „Фарида шуз“ (Farida Shoes Pvt. Ltd.), која зависи од САД во 60 отсто од својот бизнис. Тој вели дека клиентите побарале извозниците да ги споделат спецификациите на стоката со доставувачи во други земји, со што се зголемува ризикот нарачките да бидат пренасочени кон земји како Бангладеш и Виетнам.
Министерството за трговија и индустрија на Индија не одговори на барањето за коментар.
Царините ги изненадија индиските официјални лица и доаѓаат по месеци трговски преговори меѓу Њу Делхи и Вашингтон. Индија беше меѓу првите земји што започнаа трговски разговори со администрацијата на Трамп, но нејзините високи царини и протекционистички политики во сектори како земјоделството и производството на млеко ги разочараа американските преговарачи.
Односите дополнително се влошија откако Трамп жестоко ја нападна Индија за купувањето руска нафта. Њу Делхи возврати дека набавките ја стабилизираат енергетската понуда и порача дека ќе продолжи да купува руска нафта „во зависност од финансиската корист“.
Царинската стапка на САД за индиските производи е највисока во Азија
Тензии се појавија и поради повторуваните тврдења на Трамп дека посредувал во примирје меѓу Индија и Пакистан по четиридневниот оружен судир во мај. Американскиот претседател тврдеше дека користел трговски договори како преговарачки адут во примирјето, изјави што Моди и неговите највисоки функционери постојано ги негираат.
Трамп во вторникот ги повтори тие тврдења во Белата куќа, опишувајќи го Моди како „одличен човек“, за кого рече дека го повикал за да спречи конфликтот меѓу Индија и Пакистан да ескалира во нуклеарна војна.
Врски со Кина и со Русија
Влошените односи ја поттикнаа Индија да се дистанцира од САД и да гради подлабоки врски со другите членки на БРИКС. Пекинг и Њу Делхи во изминатите месеци се обидуваат да ги поправат односите, кои драстично се влошија по насилните гранични судири во 2020 година, а се очекува Моди следната недела да се сретне со претседателот Шји Џјинпинг на маргините на безбедносен самит во Кина, што е негова прва посета таму по седум години.
Истовремено, Индија и Русија ветија дека ќе ја зголемат својата годишна трговија за 50 отсто, на 100 милијарди долари во следните пет години.
Индија значително ги зголеми увозите на нафта од Русија откако започна целосната инвазија на Украина во 2022 година и сега учествува со околу 37 отсто од рускиот извоз на нафта, според московската „Касаткин консалтинг“ (Kasatkin Consulting).
Индија е еден од најголемите купувачи на руска сурова нафта
Bloomberg
Четиринеделниот просек на испораките на сурова нафта од сите руски пристаништа покажува нагло зголемување на индиските набавки по инвазијата на Украина.
Американски трговски тим што требаше да пристигне во Индија од 25 до 29 август за шеста рунда преговори ја одложи посетата, зголемувајќи ги сомнежите дали двете страни ќе успеат да постигнат трговски договор до есен, цел што беше поставена за време на посетата на Моди во Белата куќа во февруари.
„Ситигруп“ (Citigroup Inc.) проценува дека комбинираната царина од 50 отсто претставува ризик за намалување на годишниот раст на бруто-домашниот производ за 0,6–0,8 процентни поени.
Економското влијание би можело да биде ублажено од фактот дека индиската економија во голема мера се потпира на домашната побарувачка, а не на извозот, па затоа клучно за побрз раст е зајакнувањето на довербата кај потрошувачите и бизнисите.
Приватната потрошувачка сочинува околу 60 отсто од БДП на Индија и иако САД се најголемиот извозен пазар со испораки во вредност од 87,4 милијарди долари во 2024 година, тоа претставува само 2 отсто од вкупниот БДП на Индија.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...